Како до попродуктивно земјоделство?

282
Фото: Игор Бансколиев

Нашето производство го карактеризираат мала заработка, ниски приноси и високи трошоци. Треба да се подобри технологијата што се користи во земјоделството за да се зголемат приносите, а да се намалат трошоците, и да се користат квалитетни семиња што даваат поголем род, вели професорот Ордан Чукалиев

Проблемите со откупните цени на земјоделските продукти продолжуваат. Секој месец медиумите имаат нови написи за проблеми со откупот, за ниските откупни цени и за фрлени продукти. Ваквата состојба го наметнува прашањето дали со организирано и договорно производство, при што однапред ќе се знае кој колку ќе насади, ќе се подобри ситуацијата и ќе се намали незадоволството кај земјоделците.
Деновиве е актуелна цената на пченицата, за која производителите велат дека е прениска и дека не им ги покрива производствени трошоци. Првите цени што ги нудат мелничарите за откуп на килограм пченица од годинашната жетва се 9 денари.

– Цената за откуп на пченицата со години е многу ниска кај нас. Ако не се заложи премиерот да го реши овој проблем, ништо нема да се смени. Мелничарите нудат многу мала цена, а никој не може да ги натера да понудат повеќе. Земјоделците не бараат многу, туку цена со која ќе ги покријат трошоците и ќе им остане нешто за живот. Со оваа цена не се покриваат ниту трошоците – вели Вељо Тантаров, претседател на Сојузот на земјоделци.

Новиот министер за земјоделство ја смирува ситуацијата и ветува дека откупната цена ќе биде над 10 денари.

– Цената зависи од квалитетот на пченицата. Кога зборуваме за цена од нива, на таа цена се додаваат транспортните трошоци и данокот. Се покажува дека цената е подобра од минатата година – изјави завчера ресорниот министер Трајан Димковски.
Сепак, поради пониските приноси, земјоделците очекуваат фер откупни цени од најмалку 12 до 13 денари за килограм пченица.

– Ситуацијата е лоша, а ако продолжи вака сите ќе се откажат од сеење пченица. Не се работи без заработка. Досега во Пелагонија се произведуваше повеќе од половина од потребите на Македонија за пченица. Оваа година драстично се намалени засеаните површини, а со овие откупни цени, тие уште повеќе ќе се намалат – истакнува Тантаров, додавајќи дека пченицата ќе ја доживее судбината на маслодајната и на шеќерната репка, на сончогледот и други земјоделски култури.
Со оглед на фактот дека во последниве години слични проблеми не се појавиле само кај одгледувачите на тутун, ги запрашавме експертите дали принципот на договорено производство може да се примени и кај другите земјоделски производи.

– Кај тутунот како производ, кој е под монопол на државата, одгледувањето се контролира за да нема шверц, така што не може да се сади без производителот да е лиценциран. Односно тоа е регулиран производ, но принципот не е применлив кај другите производи. Имено, плански откуп може да има само кај култури за кои има и преработка. На пример кај бостанот нема преработка, тој може да се пласира само свеж, па ако има преголемо производство отколку што се троши и извезува, нема друга опција – вели професорот Ордан Чукалиев од Факултетот за земјоделски науки и храна.

Чукалиев истакнува дека извозниците, водејќи се од своите трошковни елементи, гледаат да го откупат производот по најниска цена, бидејќи земјоделските производи се расипливи продукти, па може да им пропадне инвестицијата.

– Неопходна е добра земјоделска политика, со која ќе се насочуваат земјоделците кои продукти да ги одгледуваат. Треба да се садат култури што ќе донесат заработка. Нашето производство го карактеризираат мала заработка, ниски приноси и високи трошоци. Покрај сериозна промена во земјоделските политики, исто така треба да се подобри технологијата што се користи во земјоделството, за да се зголемат приносите, а да се намалат трошоците. Треба да се користат квалитетни семиња што даваат поголем род – посочува Чукалиев.

Професорот потсетува на основното економско правило, дека пазарот ги формира цените зависно од понудата и од побарувачката, па штом еден производ го има во големи количества, а не се извезува, цената се намалува.

– Дополнителен проблем за нашето производство е што сме мали и произведуваме мали количества, поради што дистрибутерите воопшто не нѐ разгледуваат како опција за големите пазари. Исто така, немаме ниту еден производ што се произведува 365 дена во годината, додека Шпанија или Холандија на пример, имаат производи цела година. Нашите извозници не можат ни да преговараат со големите синџири на храна, кои бараат големи количества што, пак, нашите производители не можат да ги обезбедат, а и многу од продуктите не се такви какви што ги бараат дистрибутерите – заклучува Чукалиев.

[email protected]