Како до подобро платени работни места

260
Најниски се платите во преработувачкот сектор Фото: Маја Јаневска-Илиева

Битно е да се утврди дали е потребно идните работници, преку образовниот процес, да се насочуваат кон сектори што имаат поголема продуктивност и поголема заработка или, пак, се потребни системски измени во стопанството, објаснуваат експертите

Анализите на платите покажуваат дека веќе извесен период најголеми плати имаат вработените во ИТ и во финансискиот сектор, додека најниски се платите во преработувачкот сектор, кој апсорбира и најголем дел од работниците во земјава. Од тој аспект несомнено се наметнува прашањата како да се дојде до подобро платени работни места. Битно е да се утврди дали е потребно идните работници, преку образовниот процес, да се насочуваат кон сектори што имаат поголема продуктивност и поголема заработка или, пак, се потребни системски измени во стопанството. Пазарот на трудот е комплексна и динамична категорија, искуството покажало дека од една страна секогаш има непополнети работни места, кои ја сочинуваат побарувачката на трудот, а од друга страна поединци бараат работа соодветна на нивните квалификации, желби и очекувања што ја формира понудата на трудот. Процесот се менува секојдневно, во согласност со промените на глобалниот пазар и развојот на новите технологии.

– Македонија сѐ уште има лоша структура на стопанството, која е наследена од поранешната заедничка држава. Најскапо платени професии се оние со специфични знаења како ИТ-инженери, но и оние дејности со високододадена вредност како банките, осигурителните компании и други. За разлика од нив, најниско е платена преработувачката индустрија каде што има ниска додадена вредност. Промената на структурата на стопанството е вечна желба на неразвиените економии – вели Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавци на Македонија (ОРМ).
Тој истакна дека најголема пречка за структурни промени се изворите на средства за да се направат инвестиции во технолошко поразвиените дејности, кои остваруваат поголеми профити и исплаќаат поголеми плати на вработените.

– Испитувањата покажале дека земјите што имаат висок бруто-домашен производ по работник во изминатите десетици, па и стотици години, имаат многу повисоки инвестиции по еден работник од земјите што имаат низок БДП. Но, се разбира, за високотехнолошки инвестиции е потребно и знаење, кое, за жал, нашите образовни институции не го остваруваат. Значи, истовремено е потребно да се подобрува образованието, но и да се наоѓаат средства за инвестиции – појаснува Димитров.

Тој додава дека Македонија нема доволно домашна акумулација и затоа средствата мора да ги бара однадвор во вид на кредити или во вид странски директни инвестиции.

Претседателот на ОРМ посочува дека промената на структурата на стопанството не се прави за една или две години, туку е потребен подолг период. Според него, треба време да се почувствуваат промените во образовниот систем, но и да се направат посакуваните инвестиции во дејности со висока додадена вредност.

– Важно е да сфатиме дека колку порано започнеме со овие реформи толку шансата за успех ќе биде поголема. Тупкањето во место е катастрофа затоа што другите земји одат напред, а ние сѐ повеќе заостануваме – дополнува Димитров.

Имајќи го предвид фактот дека инвестициите во човечкиот капитал генерираат растечки приноси, на долг рок тие се еден од клучните фактори за промовирање на економскиот развој на Македонија. Оттука, особено внимание треба да се посвети за инвестициските одлуки во човечкиот капитал и изборот на адекватен професионален развој.

– Штом има континуирано недостиг од одредени кадри во државата, нивните плати треба да се зголемат, особено кај струки или занаети што се слабо платени. Кај нас има газди што слабо ги плаќаат работниците, а притоа тие работат и прекувремено или, пак, им даваат премногу работа и нивната продуктивност се намалува. Во Македонија газдите честопати се жалат дека немаат заработка, најчесто бидејќи не сакаат да ги платат вработените иако финансиските резултати покажуваат дека состојбата е добра – вели економистот Здравко Савевски.

Тој посочува дека во ваква ситуација државата може да интервенира преку Агенцијата за вработување, која треба совесно да си ја врши работата и најавените обуки или преквалификации за граѓаните целосно да ги исполни.

– Секоја година остануваат неискористени средства, кои се наменети за обуки во Агенцијата. Тие мора да искористат за граѓаните да се преквалификуваат и да најдат подобро платена работа. Сиромашните немаат пари сами да се преквалификуваат, тоа треба да го прави државата, преку агенцијата, бидејќи државата има пари да финансира такви проекти – појаснува Савевски.

Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, во неколку наврати истакна дека мора да се направи преструктурирање на индустриската политика со пренасочување на ресурсите од индустриските дејности со пониска додадена вредност, кон сектори и производи што имаат повисока додадена вредност и продуктивност. Тој смета дека само на овој начин ќе има подобрување на индустриските перформанси на целокупната економија и зголемување на извозната конкурентност.

– Неопходни се економски политики, кои ќе поттикнат реиндустријализација и ќе го забрзаат процесот на извозна диверзификација, преку зголемување на бројот на извозни производи со повисок степен на финализација. Тоа значи дека структурните промени во самата економијата се фундаментални процеси, кои ќе генерираат високи и одржливи стапки на економски раст, каде што брзината и успешноста во спроведувањето на овие процеси во голема мера се детерминирани од индустриската и извозна структура на земјава – истакна Азески.