Како до поголем извоз на земјоделските производи?

166
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Доколку македонските производители на свежо овошје и зеленчук успеат да се приспособат на новонастанатата состојба и понудат стабилно снабдување на стандардизирани и квалитетни свежи производи по конкурентна цена, ќе добијат можност да влезат во листата на доставувачи на големите купувачи во Европа, сметаат домашните експерти од аграрниот сектор

Потребата од пласман на земјоделските продукти било да се од растително или, пак, од животинско потекло постојано се актуализира, најчесто од страна на земјоделците чии продукти имаат ниска откупна цена или за нив нема откупувачи. Изминатиов период надлежните институции соопштија дека првпат по долг период се извезува јагнешко месо во Јордан, но и дека постојано се бараат пазари за нашите земјоделски продукти. Експертите и инволвираните во земјоделското производство посочуваат дека е многу важно да се задржат пазарите на кои традиционално се извезуваат македонските земјоделски производи, а кои поради корона-кризата се одвиваат со тешкотии, но исто така и да се наоѓаат нови пазари.

– Навистина е добро што е договорен и реализиран извоз за Јордан, но битно е тоа да продолжи и во иднина и притоа да се договара откуп или пласман за повеќе земјоделски продукти. Факт е дека поради случувањата со вирусот многу од воспоставените врски за пласман биле разнишани или се прекинале, но со добра организација верувам дека може да се најдат нови пазари за нашите земјоделски продукти. Македонија произведува квалитетни производи благодарение на пријатната клима и сигурен сум дека со тимска работа тие може да се пласираат на странски пазари – вели поранешниот професор од Факултетот за земјоделство во Штип, Илија Каров.
Тој додава дека покрај субвенциите, за земјоделците е битно да добиваат реални откупни цени, поради што, смета професорот, ќе има поголем интерес за производство.

– Доколку се воспостават постабилни врски и се обезбеди солидна цена за земјоделските продукти, со која производителите ќе имаат и заработка покрај покриените трошоци, тогаш ќе имаме и позадоволни земјоделци и поголем интерес за обработка на земја. Субвенциите се во ред, но треба повеќе енергија да се насочи кон комуникацијата со странски партнери – посочува Каров.
Пред неколку дена министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски посочи дека пандемијата предизвика нарушување на извозот и увозот на земјоделските производи. Последните податоци од крајот на април покажуваат дека во земјава има намален увоз на земјоделски производи за околу 15 милиони евра, истакна министерот и дополни дека и извозот е исто така намален за 16 милиони евра.
– Во моментот, производството и снабдувањето на пазарите со свежо овошје и зеленчук во Европа е во фаза на стабилизација.

Сепак, како резултат на почитување на мерките и протоколите предизвикани од пандемијата на ковид-19 за безбедна дистанца, работење во смени, посебни пакувања и слично, цената на некои од производите ќе бележи раст во однос на вообичаената цена во овој период од годината. Во согласност со нашите согледувања на движењето на пазарите, македонските производители на свежо овошје и зеленчук што ќе успеат да се приспособат на новонастанатата состојба и да понудат стабилно снабдување на стандардизирани и квалитетни свежи производи по конкурентна цена ќе добијат можност да влезат во листата на доставувачи на големите купувачи во Европа – велат Габриела Мицевска, експертка за одржлив агробизнис, и Горан Дамовски, заменик-раководител на Програмата за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ, финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка, која работи на поддршка на агробизнисите да остварат поголема продажба и да ги зголемат можностите за вработување.

Тие објаснуваат дека главен фокус на нивните активности е поддршка на иновативните агробизниси да воведат нови технологии и да воспостават подобрени производствени практики, како и директно поврзување со купувачи на странските пазари.
– Се обезбедува финансиска поддршка во инвестиции во модерна опрема, која ќе осигури конкурентно производство на атрактивен и квалитетен финален производ, воведување стандарди за безбедност на храната. Поддржуваме настап на саеми на нашите агробизниси, организираме бизнис-средби со странски купувачи, мисии на странски купувачи во нашата земја и директни средби со нашите компании производители на свежо овошје и зеленчук и преработки – додаваат нашите соговорници и истакнуваат дека со поддршката од ИМЕ може да се инвестира во модернизација на производството и воведување нови технологии барани од странските купувачи.

Претставниците на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) посочуваат дека за производство на безбедна храна, за сопствени потреби, но и за странски пазар, примарно е производителите да ги почитуваат националните прописи за безбедност на храната.
– За производство на храна од животинско потекло, основно е одгледувачите на добиток да ги почитуваат и спроведуваат правилата што се однесуваат на здравствената заштита и благосостојбата на животните, односно во согласност со годишните наредби за здравствена заштита, во соработка со ветеринарните друштва да вршат навремена вакцинација и заштита на животните од болести.

Во производството на безбеден производ од животинско потекло за домашниот пазар или за извоз, основно е производителите и преработувачите да ги организираат преработката на суровината и производството во согласност со одредбите од законските и подзаконските акти. Агенцијата за храна и ветеринарство спроведува контроли над одгледувачите на добиток и преработувачите на месо и млеко. Генерално, прописите за здравствена заштита и благосостојба на животните и за безбедност на храната се почитуваат – велат од АХВ.

Од оваа институција додаваат дека ако се утврдат недоследности, доколку се од помал обем, се отстрануваат во соработка со сточарите или операторите со храна, а за поголемите се изрекуваат и казнени мерки.