Фото: Маја Јаневска Илиева

Извозно ориентираните компании можат да бидат мотор на растот во фазата на закрепнување на економијата, поради што упатените ѝ препорачуваат на Владата дополнителни мерки за нивно растоварување и поттикнување

Одлуката на Владата за укинување на увозните давачки – царинските стапки, е со намера да се олеснат условите за работењето на компаниите и за зголемување на нивната конкурентност во услови на пандемија и на отежнато работење, пред сѐ на преработувачката индустрија. Но упатените велат дека се потребни и други мерки за поттикнување на извозните компании, кои можат да ја ревитализираат и закрепнат домашната економија.
Директорката на институтот за економски политики и истражувања „Фајненс тинк“, Благица Петрески, вели дека укинувањето на увозните давачки, царинските стапки на клучни инпути, е во линија со препораките и резултатите од нивното неодамнешно истражување за потенцијалот на извозно ориентираните компании.
– Оваа промена ќе поттикне зголемување на инвестициите до 25 отсто, зголемување на производството и конкурентноста до 14 отсто и ќе ја зголеми атрактивноста на земјата за привлекување нови производствени линии. На ваков начин се адресираат ограничувањата со кои се соочуваат извозно ориентираните компании, а кои се поврзани со зголемени трошоци за резерви и долгорочните ограничувања во поглед на високи трошоци и ниска конкурентност на странските пазари. Од друга страна, пак, го искористува просторот што овие компании го имаат за инвестиции и производство – истакна Петрески.

Таа додава дека ова е една мерка што треба да го поттикне потенцијалот на извозно ориентираните компании да бидат мотор на растот во фазата на закрепнување на економијата.
– Секако, кризата со ковид-19 ги нагласи некои ограничувања што биле структурни, како што се концентрација на пазарите во странство, зависност од увоз на репроматеријали и недоволно развиена соработка со домашните доставувачи и ограничувања во човечкиот капитал. И тука гледаме простор за интервенции. Да се стимулира поголема соработка помеѓу домашните доставувачи и извозниците преку мерки за финансиска поддршка и менторство за подигнување на технолошкото ниво на доставувачите. Потоа, стимулирање на креирање човечки капитал преку субвенции за тренинг и едукација на дуалното образование – појаснува Петрески.
Според неа, дуалното образование е многу важно бидејќи ќе ги подобри условите за побрза реадаптација и креирање на бараните квалификации кај работниците и наедно се потребни мерки што ќе поттикнат експанзија на нови пазари и пристап до финансии за инвестиции за подигнување на технолошкото ниво на развој.
Како што истакнува Миле Бошков, претседател на Бизнис-конфедерација на Македонија, за одредени производи навистина беше повеќе од потребна оваа мерка, односно во нашата земја постоеја увозни трошоци – царински давачки за производи што не се произведуваат во нашата земја, а се од сериозно значење и потреба како за потрошувачите така и за производителите и за трговците.

– Мерката е многу значајна за нашата целокупна економија и има повеќеслојно значење не само од финансиско-економски аспект туку и во намалување на субјективното влијание при увоз на овие производи, односно намалување на корупцијата, намалување на бирократските процедури, забрзување на увозно-трговските бариери и процедури и намалување на влијанието од сивата економија, увозот на црно, пласманите на производите преку нелегалните канали – напоменува Бошков.
Тој додава дека, како мерка за поттикнување на извозните компании, треба да се направи план за поддршка на компании што ќе инвестираат во нови технологии директно поврзани со извозот на нивните производи и услуги.
– Исто така е потребно да се помогне во интернационализацијата на македонските производи и директно помагање во промоцијата и презентацијата на компаниите, производите и услугите. Можеби е време Владата да инвестира во универзален портал за презентација на македонските производи и производители на повеќе јазици и на тој начин да придонесе кон зголемување на извозот и развојот кај извозно ориентираните компании – смета Бошков.