Фото: Маја Јаневска-Илиева

На македонските мали и средни компании им недостигаат соодветни сертификати, квалитет, опрема и технологија за поуспешно да се вклучат во синџирот на доставувачи на директните странски инвестиции во земјава, а некаде се проблем и цената на производите што ги нудат и времето на нивната испорака

ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА ДЕТЕКТИРА ПРОПУСТИ И НЕДОВОЛНА СОРАБОТКА ВО МАКЕДОНСКАТА ЕКОНОМИЈА

Извештајот на Европската комисија за напредокот на нашата земја евидентира дека странските директни инвестиции придонесуваат кон секторска диверзификација на економијата, но ја нагласува недоволната соработка помеѓу домашните и странските компании во структурата на синџирот на набавки. Домашните експерти посочуваат дека соработката со странските директни инвестиции во земјава е најлесниот начин домашните компании да ја зголемат конкурентноста. Преку соработката со странските инвеститори може да ги зголемат нивната продуктивност, вредноста и квалитетот на производите и да добијат нови технологии, вештини и искуство. На македонските мали и средни компании им недостигаат соодветни сертификати, квалитет, опрема и технологија за поуспешно да се вклучат во синџирот на доставувачи на директните странски инвестиции во земјава, а некаде е проблем и цената на производите што ги нудат и времето на нивната испорака. Надминувањето на јазовите меѓу мултинационалните компании и домашните мали и средни претпријатија во земјава е услов за да се зголеми конкурентноста на домашниот бизнис.
Од институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“ велат дека веќе ги детектирале јазовите што постојат помеѓу домашните и странските компании во земјата и предложиле мерки за подобрување на процесот на стандардизација, зголемување на капацитетите на домашните компании и поедноставување и намалување на увозните процедури и давачки.
– Технолошкиот развој, стандардизацијата и сертификацијата, цената и производствените јазови, меките вештини и човечкиот капитал се клучните јазови што ги идентификувавме. Недоволниот технолошки развој и подготвеност на домашните мали и средни претпријатија е посочен како главна слабост од страна на мултинационалните компании, при што има најголема важност во соработката бидејќи бизнисот применува иновации, инвентивност и подобрени производствени процеси преку користење дигитални технологии – велат од „Фајненс тинк“.
Оттаму додаваат дека домашните компании може да остварат значителни придобивки со користење на дигиталните технологии, како што се подобар пристап до нови пазари, човечки капитал и подобра комуникација во рамките на деловното опкружување.

– Голем број од странските компании сметаат дека технолошкиот развој е од суштинско значење за зголемување на конкурентноста на домашните претпријатија. Меѓутоа, за да се биде во чекор со најновите технологии во бизнисот, потребни се волја и подготвеност за инвестирање, а тоа е нешто со што не се одликуваат малите и средни претпријатија во земјава – посочуваат од институтот.
Надлежните од „Фајненс тинк“ нагласуваат дека јазот во технолошкиот развој е тесно поврзан со производствениот капацитет на компаниите, па така, со подобрување на нивната технолошка поддршка, производниот процес ќе стане поефикасен и ќе се зголеми капацитетот.
– Но сепак, недостигот од волја и подготвеност за инвестирање е очигледен. Домашните компании не се подготвени да инвестираат во нови технологии затоа што се соочуваат со високи финансиски ризици од аспект на неликвидност и не може да постигнат одржливост во нивната продажба – истакнуваат од „Фајненс тинк“.
Според нив, производствениот капацитет се смета за дополнителен јаз во соработката меѓу домашните и странските компании. Странските компании сметаат дека производствениот капацитет, т.е. обемот на производи и услуги што домашните фирми може да го испорачаат со своите расположливи ресурси, е мал и со тоа недоволен за задоволување на нивната побарувачка.
– Од гледна точка на заинтересираните страни, јазот во производствениот капацитет постои поради недостиг од заинтересираност на домашните компании да вложуваат во раст и развој на нивните производствени погони. Додека, пак, од гледна точка на странските компании, овој јаз се јавува поради тоа што нема конкуренција на пазарот или таа е значително намалена, па затоа, домашните фирми немаат намера да прават капитални инвестиции – велат од „Фајненс тинк“.
Според укажувањата на засегнатите организации и мултинационалните компании, производите со високи цени значително влијаат врз соработката меѓу домашните и странските фирми.
– Голем број од странските компании велат дека домашните нудат неконкурентни цени за своите производи, што сериозно влијае врз одлуката за набавка од локални доставувачи. Тие тврдат дека постоењето на овој јаз се должи на малиот број локални доставувачи, што доведува до слаба конкуренција и злоупотреба на квазимонополската предност што постои во одредени индустрии – објаснуваат од „Фајненс тинк“.

Според нив, голем број домашни компании не само што имаат тешкотии во почитувањето на роковите за испорака туку имаат и тешкотии при процената на времето потребно за испорака. Ова претставува голем проблем за производствените компании, особено за оние во ТИРЗ, затоа што сите имаат воведено производствени линии со прецизно производство.
– Исто така, јазот кај меките вештини и човечкиот капитал е причина за загриженост не само за деловното опкружување туку и за целокупната економија на земјата. Неконкурентниот образовен систем и недостигот од развој на работната сила имаат значително негативно влијание врз создавањето квалификуван човечки капитал и, всушност, претставуваат стимул за емиграција. Па затоа, компаниите силно препорачуваат институционални промени и подобрувања во системот, како долгорочно решение на проблемот – додаваат од институтот.
Според Ангел Димитров, претседател на собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија, најголема пречка за поврзување на нашите компании со компаниите во ТИРЗ-овите е немањето домашно производство на суровини што ги користат овие компании, поради што севкупните потреби од суровини и репроматеријали тие ги увезуваат од странство.
– Недоволната соработка помеѓу домашните и странските компании не е поради ниските стандарди или увозно-извозните процедури, туку поради тоа што во Македонија воопшто не постои производство на репроматеријалите. Навистина порано произведувавме и кабли и текстилни материјали, но по осамостојувањето на земјата овие компании не ја издржаа големата конкуренција на кинеските и на азиските производители – објаснува Димитров.

Како што вели тој, потребно е зголемување на производството и услугите, а тоа може да се стори со поголеми инвестиции во современа опрема и поголемо знаење, бидејќи во минатото растот на нашиот извоз главно се должел на зголемување на бројот на вработени, а не врз база на современа технологија, иновации и знаење.
Од „Фајненс тинк“ велат дека мултинационалните компании во земјата треба да ги редефинираат политиките за набавки, особено оние компании што работат во технолошко-индустриските зони.
– Донесувањето одлуки за набавки да се префрли од централно на локално ниво во онаа мера во која тоа е возможно. Да инвестираат во програми за менторство, како градење капацитети на домашните доставувачи. Потоа инвестициите може да бидат во заеднички активности за лесна транзиција и адаптација на домашните доставувачи на стандардите што ги бараат странските фирми, а кои се водечки во процесот на стандардизација и имплементација и да се мотивираат домашните производители да инвестираат во ново производство со гарантирано понатамошно снабдување на странските компании или долгорочни договори – нагласуваат од институтот.