Ненавремениот откуп и ниските откупни цени за скапо произведени неконкурентни производи што се одгледуваат неорганизирано ја отсликуваат состојбата на македонското земјоделство, која со пандемијата дополнително ги погоди земјоделците

Хроничниот проблем со откупот и пласманот на земјоделските производи оваа година, со ковид-кризата, се продлабочи. Имаше пад на откупните цени на јагнето, зелката, грозјето, пченицата…, за на крајот ситуацијата да кулминира со откупот на тутунот. Ненавремениот откуп и ниските откупни цени за скапо произведени неконкурентни производи што се одгледуваат неорганизирано ја отсликуваат состојбата на македонското земјоделство, која со пандемијата дополнително ги погоди земјоделците.
Земјоделското производство, иако има големо значење за стопанството, бидејќи учествува со околу десет отсто во формирањето на БДП на земјата, сѐ уште е хаотично.
– Корона-кризата оваа година само ги извади на површина оние наталожени проблеми, кои ги имаме со години. Ние сѐ уште немаме воспоставено стабилен систем на договорно производство, сѐ уште не се решени проблемите со откупот и со пласманот, односно производствените цени се многу повисоки од продажните – вели Билјана Петровска Митревска, проект-менаџерка во Националната федерација на фармери (НФФ).

Без стабилен систем за снабдување со храна

Таа додава дека сето тоа укажува дека Македонија нема стабилен систем на храна што функционира во секакви околности и што е во состојба до потрошувачите да обезбеди доволно и континуирано снабдување со квалитетна храна по достапни цени од една страна, а од друга страна малите земјоделски производители и натаму се најранлива категорија, бидејќи тие истовремено мора да се справуваат со шокот предизвикан од корона-кризата, како од здравствен, така и од економски аспект, а наедно и да произведуваат земјоделски производи.
– Сето тоа е поради тоа што нема изграден систем и не се почитува соодветната законска легислатива онака како што е дефинирано во Законот за земјоделство и рурален развој дека на самиот почеток треба да има пријавување од откупувачите кои количества ќе ги откупат. На таков начин може да се видат наталожените или настанатите проблеми, бидејќи не можат да го откупат тоа количество и тука веќе може да се настапи со стратегија што ќе ги минимизира шоковите – објаснува Петровска Митревска.
Како што додава таа, пандемијата направи драстичен пад на цените на одделни производи, како што се јагнето и зелката, па потоа грозјето, сега тутунот, и сето тоа се одразува на влошување на економската состојба на малите земјоделци.
– Ние побаравме да се воведат ваучери за земјоделците што не беа опфатени во владините мерки за справување со ковид-кризата, земјоделците регистрирани во согласност со Законот за пензиско и инвалидско осигурување исто така да бидат опфатени во мерките за плата, како и поволните кредити што се дадени од страна на Развојната банка на РСМ – нагласи Петровска Митревска.

Слаба кредитна активност на земјоделските стопанства

Според неа, во последните пет години се забележува слаба кредитна активност од страна на земјоделските стопанства, бидејќи сѐ уште не е доволно развиен пазарот на кредити во земјава.
– Потребно е да се работи во насока на развивање пазар на кредити, како и на факторинг и лизинг-услугите во земјоделството. Особено е изразена потребата од воспоставување државен гарантен фонд и кредити димензионирани за малите фармери. Исто така, треба да се размислува и во насока на поддршка на воспоставувањето земјоделски кредитни задруги, кои ќе овозможуваат капитал за своите членови – истакна Петровска Митревска.
Според неа, главните препораки се креирање интервентни фондови за справување со здравствените и економските кризи, зголемување на мрежата на достапни услуги во руралните средини и овозможување користење на правото на родителско отсуство и боледување со измени на Законот за здравствено осигурување.
– Корона-кризата ги истакна важноста и потребата од стабилен систем на храна што функционира во секакви околности и што е во состојба да обезбеди до потрошувачите доволно и континуирано снабдување со квалитетна храна по достапни цени.

Пандемијата исто така ја истакна улогата на земјоделските производители во синџирот на снабдување со храна – појаснува Петровска Митревска.
Таа вели дека малите земјоделски производители се најранливата категорија, бидејќи тие истовремено мора да се справат со шокот предизвикан од корона-кризата, како од здравствен, така и од економски аспект.
– Глобалната криза всушност ги продлабочи проблемите со кои и онака се соочуваат земјоделците, особено оние што се на работ на одржливост. Анализата за нарушени пазарни врски покажа дека најпогодени во синџирот на чинители се примарните производители. Од друга страна, пандемијата ги поттикна да размислуваат за нови стратегии, канали, инвестиции за реализација на продажба – истакнува Петровска Митревска.

Субвенциите не се помош, туку компензација на загубите

Претседателот на здружението на земјоделци „Агрофаланга“, Љупче Станковски, вели дека ситуацијата е алармантна и загрижува и фактот дека можеби субвенциите не се помош за земјоделците, туку само механизам за компензирање на загубите што ги трпат земјоделците од откупувачите.
– Излезот од оваа состојба е многу тежок. За да остварат подобар профит, едни земјоделци се одлучуваат производот да го продаваат на нашиот пазар на црно, а други сѐ уште имаат контакти со поранешните клиенти од соседните држави, да им го продадат тоа на нив за средства што се исплаќаат веднаш – смета Станковски.
Тој додава дека Македонија има ниски цени и неорганизирано и хаотично производство поради нетранспарентно и нефер поделената финансиска бенефиција од земјоделското производство.
Според институтот за економски политики и истражувања „Фајненс тинк“, пандемијата предизвика македонската економија да се намали во просек за 9,1 отсто во вториот и третиот квартал од 2020 година, а и невработеноста благо се намали, како резултат на деактивирањето на работната сила за време на кризата и на владините мерки што целеа да се зачуваат работните места.