Фото: Маја Јаневска-Илиева

Истражувања на „Фајненс тинк“ за минималната плата покажуваат дека зголемувањето на 12.000 денари во септември 2017 извршило позитивно влијание врз животниот стандард на граѓаните

Повеќе долгорочни социјални мерки за обезбедување нормален живот за лицата што не можат да си го овозможат тоа од разни причини, создавање нови подобро платени работни места или преку редистрибуција на доходот, државата може да влијае врз намалување на сиромаштијата. Постојат повеќе показатели што упатуваат на тоа дека во Македонија има голем број граѓани што живеат или во сиромаштија или на прагот на сиромаштија.

Во повеќе анализи на Државниот завод за статистика (ДЗС) се забележува дека македонските граѓани се откажуваат од многу благодати поради ниските примања, исто така може да се види дека најголем дел од фамилијарните буџети се трошат на основните потреби.

Во анализата на ДЗС, насловена „Македонија во бројки, 2018“, се наведува дека „просечното домаќинство во Македонија наменува околу 59,8 отсто од својата потрошувачка за задоволување на основните потреби, како храна, облека, домување и покуќнина“. Од заводот појаснуваат дека во структурата на приходите, во 2017 година преовладуваат примањата врз основа на редовна и повремена работа со 66,8 проценти, пензиите учествуваат со 18,5 отсто, примањата од земјоделството со 6,2, примањата од странство со 2,2 и социјалните бенефиции со 1,6 процент.

– Според последните податоци за сиромаштијата од ДЗС за 2016 година, стапката на сиромаштија забележа мало зголемување на 21,9 отсто, по неколкугодишен пад. За падот најмногу придонесе порастот на вработеноста, зголемувањето на пензиите, социјалната помош и некои други мерки со изразена социјална компонента, како земјоделските субвенции – вели Благица Петрески, главна економистка и извршна директорка во институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“.

Истражување токму во областа на сиромаштијата спроведе и институтот, чии резултати упатуваа на поразителни факти. Имено, 69 отсто од граѓаните не можат да одат на одмор еднаш годишно, 78 отсто немаат пари да си купат парче нова облека или обувки, 68 отсто не можат да посетат кино или театар, а 34 проценти не можат да си дозволат ништо. Ова се разочарувачки податоци од анкетата на институтот „Фајненс тинк“, кои покажуваат дека во земјава крпен живот живее секој трет граѓанин. Имено, 42 отсто успеваат со месечните примања да ги задоволат потребите за храна и сметки, а 28,4 проценти од испитаниците не го задоволуваат ни тоа. Своите потреби со плата ги покриваат 16, 8 отсто, додека 12,7 проценти успеваат и да заштедат дел од приходот.
Петрески истакна дека најздрав начин да се излезе од сиромаштија е да се работи.

– Нашите анализи покажуваат дека вработувањето има најголем придонес кон падот на стапката на сиромаштија. Така што фокусот на владините мерки треба да биде кон создавање нови и поплатени работни места. Притоа, мерките за редистрибуција на доходот, како што се прогресивниот данок, минималната плата и слично, може да придонесат за дополнително намалување на сиромаштијата, но нивното значење треба да е второстепено во оваа фаза од развојот на економијата – додава Петрески.
Директорката на институтот истакнува дека во однос на минималната плата, нивните истражувања, кои планираат да ги објават во септември, покажуваат дека зголемувањето на 12.000 денари во септември 2017 извршило позитивно влијание врз животниот стандард на граѓаните.

– Според симулациите, порастот на минималната плата придонел за намалување на сиромаштијата во опсег од околу 0,6 процентни поени. Сепак, треба да се забележи дека постои опасност оваа позитивна придобивка од зголемувањето на минималната плата да се компензира со некои негативни аспекти, како што е тенденцијата работниците да работат повеќе часови од договорените, да не им се исплаќа адекватен надомест за работа во викенд и празник, да не можат во целост да ги искористат деновите од одмор, па дури и нивните работни места да бидат под закана кога работодавецот нема финансиска способност да исплаќа повисоки плати. Владата треба постојано да ги преиспитува овие аспекти пред да пристапува кон понатамошно нормирано зголемување на минималната плата – појаснува Петрески.

Социологот Илија Ацески посочува дека во светот се прифатени и се применуваат повеќе различни мерки за сузбивање на сиромаштијата. Но, Ацески посочува дека има едно правило кон кое мора да се придржувa државата, а тоа е кон лицата што не по своја вина не се во можност да ги намират основните потреби, како што се хендикепирани лица, лица што боледуваат од тешки болести, деца без родители, лица со многу мали приходи или без приходи и многу други специфични случаи, државата треба низ разни форми да им помогне да го имаат најнеопходното за опстанок.

– За споредба, во времето на социјализмот имаше летувалишта само за деца чии родители не можеа да им обезбедат на своите деца летување, па државата за таквите семејства обезбедувaше летување или зимување за децата, каде што, покрај сместување, им беа обезбедени основите потреби на децата. Но денес не се применуваат такви мерки, па дури и сѐ помалку се предлагаат мерки за олеснување или подобрување на квалитетот на животот на лица со тешкотии. Тоа е работа на социјалните работници на државата, за таа да може да им помогне на овие категории на граѓани да не се чувствуваат исклучено. Има голем простор за дејствување, но тоа бара поголем аранжман од државата. За жал, денес сѐ повеќе се прават краткотрајни акции за популизам, кои немаат ниту долгорочност во примената ниту пак се гледа ефектот од нивното спроведување – заклучува Ацевски.