И РЕК „Битола“ се насочува кон обновливите извори на енергија

318

Работниот век на производството на електрична енергија од јаглен во РЕК „Битола“ се ближи кон својот крај, поради што мора уште отсега да се размислува за преориентација на овој најголем електроенергетски капацитет во државата кон производство на струја од други извори. Тоа беше заклучено на научната трибина за предизвиците и перспективите на енергетскиот сектор во државата во рамките на кои и во најголемиот електроенергетски капацитет во Македонија, РЕК „Битола“ се одржа на битолскиот Технички факултет.

– Имајќи ги предвид тековите во Европската Унија, но и енергетските регулативи, чиј потписник е нашата земја, ќе мора да се приспособиме на брзорастечкиот и променлив енергетски систем. Насока на ориентацијата, пред сѐ, треба да бидат обновливите извори на енергија, големите хидроцентрали, фотонапонските ќелии и ветерните електрични централи, чија цена постојано опаѓа – рече во своето обраќање академикот Глигор Каневче, според кого, преостанатите извори на енергија кај нас полека се намалуваат, вклучувајќи го и природниот гас, чија употребливост по 2045 година ќе опаѓа.

Преориентацијата кон производство на струја од нови извори на енергија е неминовност и на тој план треба да бидат насочени сите идни инвестиции во енергетскиот сектор во државата, порачаа учесниците на научната трибина.

Не само поради тоа што јагленовите резерви, особено на површинскиот коп „Суводол“ веќе се исцрпени, или поради штетноста по околината од производството на струја од јаглен, туку и поради европските регулативи, Битола како општина, раководството на РЕК „Битола“ и менаџментот на ЕСМ треба уште отсега да упатат апел до Владата во следните десет години да преземе конкретни мерки за преориентација на производството на електрична енергија преку други извори, а притоа да го запази моментот на истиот број вработени лица во Комбинатот.

Сепак, преориентацијата на производство на струја од нови извори на електрична енергија во последно време не е само преокупација на раководството на РЕК „Битола“ и на ЕСМ, туку и на Владата. Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и министерот за економија Кресник Бектеши деновиве излегоа во јавноста со информација дека Владата ќе финансира 200 мегавати фотоволтаични електроцентрали, во согласност со новата владина мерка за поддршка во користењето на сончевата енергија, овозможена со новиот Закон за енергетика.

Инаку, производството на електрична енергија во РЕК „Битола“ почна во 1980 година, со ископ на јаловина од првиот БТО-систем, а првите киловат-часови електрична енергија се добиени во 1982 година, кога во работа беше пуштен првиот од трите блока на електроцентралата. Рокот за производство на електрична енергија беше планиран на околу четврт век, но тој постојано се продолжува со пронаоѓањето нови резерви на јаглен на површинскиот коп „Суводол“, како и со отворањето и активирањето на рудникот „Брод Гнеотино“. Стручните екипи во РЕК „Битола“ паралелно со активностите за преориентација на производството на струја од други извори, постојано вложуваат средства и за модернизација на производството. Така, деновиве, премиерот Зоран Зарев во РЕК „Битола“ најави инвестиција за модернизација на филтрите во висина од 20 милиони евра, со што во голема мера ќе се придонесе за подобрување на животната средина.