И натаму нема целосно повлекување на косовската одлука за зголемени царини

73

Нема конкретен договор за повлекување на косовската одлука за зголемените царини, ни по дненешната средба во Приштина меѓу министерот за економија Крешник Бектеши и косовскиот министер за трговија и индустрија Бајрам Хасани.

Бектеши укажал на штетите што ги предизвика одлуката за двете страни, а од Хасани добил уверување дека тоа ќе биде пренесено на правата наредна седница на косовската Влада.

– Со колегата Хасани денеска имавме подолга, но многу конструктивна средба, на која аргументирано ги образложивме нашите ставови за потребата од целосно укинување на царините. Иако мерката е делумно повлечена за поголем број производи, односно 21, таа остана сѐ уште на сила за само седум продукти, и тоа за доматите, пиперките, грозјето, сливите, јаболката, крушите и малините, на кои отпаѓа најголем дел од македонскиот извоз на косовскиот пазар, изјави Бектеши по средбата.

Како што нагласи Бектеши, косовската Влада на првата наредна седница ќе ги разгледа забелешките на Македонија за да се изнајде решение кое ќе биде взаемно прифатливо.

– Лично верувам дека во најсокоро време ќе ја продолжиме досегашната одлична трговска соработка, во корист на земјоделските производители и бизнис заедницата од двете страни, потенцира Бектеши.

Средбата уследи по официјалното писмо што Бектеши го упати до косовскиот колега пред една недела и по состанокот на ЦЕФТА земјите во Белград, на кој беше поздравена одлуката на косовската Влада за делумно укинување на трговските бариери и беше повикана Приштина во целост да ги укине царините за останатите производи опфатени со одлуката.

Косово на 18 јули ја воведе одлуката за зголемување на царините за земјоделските производи за 30 отсто како времена мерка која треба да трае три месеци, а се однесува на земјите што извезуваат на косовскиот пазар.