И за 600 денари покачена плата ќе се добиваат субвенции

439
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Целта на овој закон, како што посочуваат предлагачите, е поттикнување на работодавците да исплаќаат плата во повисок износ заради подобрување на економскиот стандард на вработените и поттикнување на економскиот раст и развој на земјата

Минимален износ на покачување на нето-платата за доделување субвенција за плаќање на придонесите од задолжително социјално осигурување е 600 денари, пишува во членот 6, став 3 од владиниот предлог-закон за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување што веќе е ставен на увид на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР).
Во истиот член е наведено дека највисокиот износ за кој се одобрува субвенција е покачување на нето-платата до 6.000 денари по осигуреник.

– Целта на овој закон е поттикнување на работодавците да исплаќаат плата во повисок износ заради подобрување на економскиот стандард на вработените и поттикнување на економскиот раст и развој на Република Северна Македонија. Предложените законски решенија создаваат правна рамка и сигурност за работодавците при исплата на зголемена плата, поттикнување на економскиот раст и развој во Република Северна Македонија и зголемување на вработувањето. Законот ќе придонесе за подобрување на севкупните економски односи, ќе го поттикне економскиот раст на економијата, а со тоа ќе се придонесе за зголемен вкупен економски раст и развој во Република Северна Македонија – се наведува во образложението за потребата од донесување на овој закон.

Финансиските средства за субвенционирање на социјалните придонеси ќе се обезбедат од буџетот, и за 2019 година тие ќе изнесуваат 400 милиони денари.
– Нашата дебата моментно е отворена и поголемо мнозинство во Владата смета дека ќе биде огромна искористеноста на мерката и дилема е дали проектираните пари ќе бидат доволни. Тоа за мене е оптимизам и ако следиме вакви мерки, ќе наоѓаме средства, само нека растат платите. Од друга страна, со нивниот пораст ќе се полни и буџетот, преку плаќање ДДВ, персонален данок и слично. Мерката сигурно ќе даде резултати, очекувањата се од нормални до повеќе од она на што можеме да се надеваме. Дефинитивно, треба докрај да ги испегламе сите активности поврзани со самиот закон, затоа што мораме и да го заштитиме буџетот. Не смее да се дозволи непланирано или неочекувано да се одлеваат средства, туку тоа да биде во рамките на проектираното – истакна премиерот Зоран Заев.

Според предлогот, субвенционирање придонеси може да користи работодавец што има статус на активен обврзник за пресметка и уплата на придонеси, односно не е во постапка на стечај или ликвидација или постапка на бришење и нема достасани обврски по основа на бруто-плата до денот на побарување на субвенцијата на придонеси. Субвенцијата може да ја користи и работодавец за осигуреник што бил во задолжително социјално осигурување кај тој работодавец во сите месеци од референтниот период и за кој има зголемување на плата на начин утврден со овој закон, односно работодавец за осигуреник за кој има зголемување на плата како разлика меѓу пресметаната нето-плата за месецот за кој се побарува субвенционирање на придонеси и референтната основна плата исплатена од работодавецот во референтниот период.

Субвенционирањето по основа на зголемена плата не може да го користат органите на државната и на локалната власт, како и други државни органи основани во согласност со Уставот и законот, меѓу кои образовните, научните, здравствените институции, како и институциите од областа на културата, трудот, социјалната заштита и заштитата на детето, спортот, како и во други дејности од јавен интерес утврден со закон, а организирани како агенции, фондови, јавни установи и јавни претпријатија основани од државата или од општините, од градот Скопје, како и од општините во градот Скопје.

Субвенциите не може да ги користи работодавец што за осигуреникот користи ослободување од плаќање придонеси од задолжително социјално осигурување во согласност со законот, за период додека го користи ослободувањето, работодавец што за осигуреникот користи мерка за субвенција на плата преку Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување за периодот додека ја користи мерката и работодавец на кој за осигуреникот за кој побарува субвенционирање на придонеси му е доделена финансиска поддршка за нови вработувања во согласност со Законот за финансиска поддршка на инвестиции, како и приватна агенција за вработување за осигуреници што се отстапени кај работодавци од органите на државната и на локалната власт и други државни органи.

Субвенционирањето на придонесите за зголемувањето на платите во согласност со одредбите на овој закон започнува да се применува со исплата на плата за октомври 2019 година.

По објавата на премиерот Заев дека ќе се носи ваков закон, некои од економските експерти даваат критика, некои поддршка.

– Мерката за државна поддршка за повисоки плати не е позната практика во економиите, Владата се обидува да го оствари ветувањето за просечна плата од 500 евра – смета поранешниот министер за финансии и професор Никола Поповски.
Според анализата направена од Фајненс тинк, ваквата мерка ќе придонесе за намалување на процентот на оние што примаат „плата во коверт“.

– Доколку сите приматели на „плата во коверт“ добијат најмногу 6.000 денари како формална плата на сметка, уделот на приматели до 14.000 денари ќе се намали за една третина. Уделот на приматели на минимална плата – од кои 62 отсто се приматели на „плата во коверт“, ќе се намали од околу 20 отсто на 8,5 отсто – покажуваат бројките во истражувањето на Фајненс тинк.

Како и да е, следен чекор е законот да помине во Собрание, по што од октомври ќе започне и субвенционирањето на придонесите. За позитивните или негативните ефекти по граѓаните и македонската економија рано е да се говори, а работите ќе бидат појасни откако кон крајот на годината ќе излезат и првите економски параметри.