И до 10.000 евра штети во земјоделството од минатонеделното невреме

53
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Привршуваат процените на штетите од невремето што минатата недела зафати повеќе региони низ Македонија. Поројниот дожд и врнежите град, според првичниот увид на терен, најмногу ги погодија градинарските култури, житата, тутунот и јаболката. Додека некои од земјоделците ги проценуваат штетите на над десет илјади евра и велат дека е крајно време да се размислува за осигурување на посевите, ресорното министерство најавува поедноставување и забрзување на постапките за обесштетување. Наврнатите 34 литри дожд на еден квадратен метар и силниот ветер проследен со град во струмичкиот регион предизвикаа штети на посевите на отворено, а најмногу настрада пиперката „ајварка“ од сортата „куртовска капија“, која во последно време се одгледува под пластеници. Земјоделците од селото Муртино, кое беше најпогодено од силното невреме, велат дека првичните штети се големи и засега се пресметуваат во повеќе илјади евра.

Еден од најпознатите производители од селото Муртино, Данаил Паланков, вели дека од невремето целосно му се уништени пластениците засадени со „ајварка“.
– Едниот пластеник со површина од три декари целосно ми е под вода, а на вториот, со површина од 2,5 декари, целосно е уништен најлонот, а потоа градот ја довршил работата. Според моите првични процени, штетата изнесува најмалку пет илјади евра. Станува збор за веќе стасано производство и ако на тоа се додадат илјада евра за сеење и подготовка на површините, штетата воопшто не е мала – објаснува Паланков.
Според првичните информации од општинската комисија за процена на штети, во Струмичко досега се подигнати над 300 обрасци за пријавување и во текот на наредните денови ќе се знае точната бројка на оштетени земјоделци и колкави се штетите. Освен во земјоделството, минатонеделното невреме предизвика и материјални штети, на објекти и приватни имоти. Надлежните веднаш реагираа, излегоа да ги согледаат состојбите, а во Струмичко, меѓу производителите, ден по обилните врнежи беше и министерот за земјоделство Љупчо Николовски.