И годинава ќе има ваучери за домашен туризам

93

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска на прес-конференција во Владата информираше за програмите кои што ќе ги реализира Министерството за економија во 2021 година, а кои што беа донесени на последната седница на Владата.

Тој истакна дека и оваа година ќе продолжи мерката – организиран одмор на работници со ниски приходи.

– Ефектите од ваучерите за домашен туризам за граѓани со ниски приходи кои што како мерка за поддршка на туризмот за време на пандемија ги реализиравме минатата година дадоа резултат, посебно за домашните туристички капацитети. Оваа година во таа насока продолжуваме преку оваа мерка која што почна да се реализира за прв пат во 2017 година – истакна Бектеши.

Тој додаде дека за таа намена се предвидени вкупно 15.000.000 денари за организиран одмор на работници со ниски приходи чии месечни примања во семејството не го надминуваат нето износот од 30.000 денари.

Поддршката ќе изнесува 12.000 денари по апликант, а јавниот повик ќе биде објавен во првата половина од годината по принципот „прв дојден, прв услужен“.