И амбалажата го продава производот

945
Фото: Игор Бансколиев

За пласман на македонските производи на странските пазари потребно е брендирањето, односно дизајнот на производите да се усогласи со трендовите и со барањата на пазарот

Брендот го прави производот препознатлив меѓу потрошувачите, дава потврда за неговиот квалитет, го диференцира од конкуренцијата и е начин на комуникација и поврзување со купувачите. Порано македонските компании посветуваа многу малку време на брендирање на своите производи, но сега расте вредноста на производите со брендирање. Експертите велат дека колку побрзо компаниите и менаџерите во Македонија ќе сфатат дека без брендирање и инвестирање во имиџот на компанијата, производите и во услугите нема напредок, толку побрзо ќе напредува нашата економија.

Според Петар Лазаров, косопственик на „Македонија-Експорт“, брендот е идентификациски симбол, ознака, лого, име, збор што го користат компаниите за разликување на нивниот производ од другите.
– Брендот е еден вид збир од сите импресии што клиентот ги добива од сите интеракции со личноста, со производот и со компанијата што ги произведува или ги застапува производот или услугата. Логото на компанијата често ги вклучува пораката, слоганот или производот што го нуди компанијата. Целта е да се направи брендот незаборавен и привлечен за потрошувачот – објаснува Лазаров.
Според него, повеќето претприемачи сфаќаат дека брендирањето е клучно за нивниот бизнис, но на големо изненадување многу од нив не знаат зошто.

Фото: Игор Бансколиев

– Повеќето од нив ја препознаваат поврзаноста помеѓу успешните бизниси и доброто брендирање, а исто така се стремат да изградат бренд што ќе им овозможи сличен успех за нивниот бизнис, што значи клучна основа за успешно функционирање на компанијата – вели Лазаров.
Јадранка Накова, маркетинг-директорка на „Перминдекс“, под чија капа спаѓа винарницата „Стоби“, објаснува дека кога се зборува за креирање бренд и како дел од таа креација, за самиот визуелен идентитет на производите, веднаш треба да се каже дека програмата на некој бренд може да биде мошне разновидна од аспект на самиот изглед и бројност на производи.
– Не е задолжително сите производи да изгледаат како да припаѓаат на истиот бренд, но сепак пожелно е да се следи нишката на таканаречена фамилијарно-брендовска припадност. Некаде јачината и препознатливоста на самиот бренд диктира продажба на производот под тој бренд. Некаде самиот производ има толку голема препознатливост што неговото име станува генеричко за цела линија производи – појаснува Накова.

Амбалажата, поточно нејзиниот дизајн што го креира визуелниот идентитет т.е. изгледот на производот игра пресудна улога, вели таа.
– Доколку се работи за бренд што е доволно препознатлив тогаш производите од тој бренд полесно ќе се пробијат кај купувачите бидејќи ќе бидат перципирани како проширување на гамата. Додека, пак, ако се работи за сосема нов производ од релативно непознат бренд, тогаш токму амбалажата и нејзината допадливост, трендовски изглед ќе одлучат при прво купување. Во двата случаја дури потоа следува уверувањето на купувачот во квалитетот на производот – истакна Накова.
Според неа, амбалажата би требало да го долови вистинскиот квалитет-содржина на производот без тој да биде пробан, и тоа би било визуелно ветување за квалитет, кој потоа треба да биде отелотворен во производот и да се потврди и со другите сетила, вкус, мирис, допир се разбира во зависност од производот.

– Ако тоа се случи тогаш и едниот и другиот производ ќе бидат препознаени при повторно купување и понатаму создавање лојални купувачи што е цел на секој бренд. Многу потешко е да се пробие квалитетен производ во несоодветна амбалажа, бидејќи купувачот едноставно нема ни да го забележи за воопшто да го проба и види дека е квалитетен. Вниманието на денешните купувачи трае само четири секунди и во тој временски интервал се одлучува по што ќе посегне, затоа визуелното, колку и да звучи површно, е она што решава – посочува Накова.

Маркетинг-директорката вели дека странските брендови се добри примери за Македонија и од нив може да се научи многу, бидејќи го изоделе патот.
– Сопствениците на компаниите или нивните луѓе во менаџмент-тимовите имаат соодветно образование и искуство, одат на саеми во странство, па и при обично патување каде било надвор од Македонија се „инфицираат“ со добри примери и потоа сѐ што треба да направат е истите тие да ги модифицираат и применат. Не зборувам за плагијат, туку едноставно мотивација за нешто ново и поразлично, кое потоа ќе го пренесат на креативците во агенциите и тие ќе им дадат соодветно решение – истакнува Накова.

Како што додава таа, за пласман на македонските производи на странските пазари потребно е брендирањето, односно дизајнот на производите да биде во согласност со трендовите и со барањата на пазарот.
– Секако, претходно треба да биде направена опсежна анализа на конкретен случај од аспект на производ – пазар – целна група, без разлика дали се работи за домашен, регионален или светски. Доколку некоја компанија се решила да извезува на некој пазар, секако дека би требало претходно да има информации за пазарот, куповните навики, куповна моќ и сите други географски и демографски карактеристики на целната група и да подготви нов или да модифицира постоен дизајн наменет за конкретниот производ, за кој, пак, следува и стратегија за настап на пазарот, односно микс од маркетинг и од продажни тактики – објаснува Накова.