Историски рекорд на италијанскиот државен долг – 2,373 трилиони евра!

298

Износот на италијанскиот државен долг во април оваа година го надмина историскиот рекорд, достигнувајќи ниво од 2,373 трилиони евра, објави италијанската централна Банка на Италија.

Во споредба со март, државниот долг на Италија пораснал за 14,8 милијарди евра, првенствено како резултат на зголемувањето на трошењето на државната администрација, кое се зголемило за 13,9 милијарди евра.
Водечката италијанска организација за заштита на потрошувачите „Кодаконс“ објави дека сега секој жител во Италија долгува 39.000 евра, додека, пак, на секое семејство државниот долг достигнал над 93.000 евра.

– Сево ова се случува во време кога има пад на бруто-домашниот производ (БДП), а притоа економските показатели во различни сектори, од трговија до индустрија, покажуваат негативни тенденции – наведуваат од „Кодаконс“.
Според показателите на Европската комисија, во 2018 година долгот на Италија изнесувал 132,2 отсто од БДП, вториот по големина таков индикатор во Европската Унија и еден од најголемите во светот.
На крајот од мај, ЕК објави дека Италија сега е земја чија економија најбавно се развива во ЕУ.

Според последните прогнози, италијанскиот БДП во 2019 година ќе се зголеми за само 0,1 отсто, додека, пак, во 2020 година очекувањата се дека ќе порасне за само 0,7 проценти. Во 2018 година растот на БДП на Италија изнесуваше 0,9 отсто.