Искористена само една третина од ваучерите за туризам

127

Само една третина, или поточно 43 илјади од вкупно изработени 110 илјади ваучери за туризам биле искористени заклучно со вчерашниот ден. Сепак, министерот за економија Крешник Бектеши е задоволен од реализацијата на мерката и од дадените ефекти за време на криза, поради порастот на бројот на домашни туристи.
– Во согласност со нашите анализи, ваучерите го дадоа ефектот за да им помогнеме на хотелските капацитети, вклучувајќи ги тука и приватните сместувачки капацитети. Тоа го покажува и извештајот на Државниот завод за статистика, според кој, во август имаме зголемување на бројот на домашни туристи за 8,9 проценти споредено со 2019 година, а зголемување на бројот на домашни туристи имаме и во септември за 33,7 проценти. Значи, за време на криза имаме зголемување на бројот на домашни туристи. Мислиме дека овој тренд ќе продолжи и во октомври, ноември и во декември – изјави Бектеши.
Во однос на тоа дали се можни злоупотреби со ваучерите, Бектеши посочи дека на дневна основа Министерството за економија го испраќа извештајот со искористени ваучери до Државниот пазарен инспекторат, кој ги прави контролите.

Дополнително, како што нагласи, во уредбата со законска сила е предвидено дека тие луѓе што ги добиле ваучерите мора да достават документација за искористеност на ваучерите.
Тој не ја исклучи можноста, доколку е потребно, да биде креиран и нов пакет мерки за поддршка на туризмот.
– До крајот на годината ќе се направат дополнителни анализи во однос на ефектите што би ги дале мерките што сега почнуваат да се анализираат. Во предлог-буџетот за 2021 година се предвидени средства за реализација на ковид-програми во висина од 50 милиони евра. Ако е потребно, во текот на следната година ќе направиме дополнителни измени во буџетот, иако во првиот квартал имаме обезбедени средства. Ако е потребно, ќе има и петти и шести сет мерки, но секако сите заедно сакаме оваа криза што поскоро да помине и да се врати економската активност – истакна Бектеши.