Интернет-aлатките катализатор во туризмот

51
Граѓаните користат специјализирани или обични веб-страни за да резервираат сместување Фото: Маја Јаневска-Илиева

Дури 26 проценти од граѓаните на Македонија лани резервирале сместување преку интернет, што, според податоците на „Евростат“ го надминува просекот во ЕУ

Расте бројот на граѓани што своите резервации за хотелско или за друг вид сместување ги прават преку различни веб-страници на интернет. Иако некои граѓаните практикуваат да користат само специјализирани страници за резервации, има и такви што го прават тоа преку други веб-страници, апликации или, пак, преку социјалните медиуми. Во Македонија, според последните податоци на „Евростат“, дури 26 проценти од граѓаните минатата година резервирале сместување преку интернет.

Во споредба со просекот на Европската Унија, нашите сограѓани воопшто не заостануваат, бидејќи на ниво на Унијата 21 отсто од лицата на возраст од 16 до 74 години, во изминатата година, користеле веб-страници или апликации за да резервираат сместување. Ова се резултатите од истражувањето за употреба на информатички и комуникациски технологии (ИКТ) во домаќинствата и од страна на поединци, што „Евростат“ го направи за 2019 година. Истата анализа покажува дека многу мал дел од анкетираните ги искористиле истите алатки за организирање превоз, за што овој вид услуга се покажал како помалку популарен. Имено, преку интернет само 8 проценти од поединците на нивото на ЕУ користеле апликација или веб-страница за да купат транспортни услуги.

Според податоците на „Евростат“, 26 проценти од македонските граѓани користеле интернет, и тоа на специјализирани или, пак, на обични веб-страници или апликации за да резервираат сместување. Резервации на транспортни услуги направиле само 11 отсто од нашите сограѓани.

– Повеќето од лицата што преку интернет направиле различен тип резервации во својата намена користеле веб-страници или апликации што се креирани за таа намена, но биле користени и други веб-страници или апликации што не се наменети за конкретен тип резервација или, пак, за обезбедување услуга, туку се општо наменски, а меѓу другите за оваа намена се користеле и социјалните мрежи – појаснуваат од „Евростат“.
Македонските туристички работници потврдуваат дека резервациите преку интернет добиваат сѐ помасовна форма и дека новата ера на современата технологија создава и нови навики кај луѓето што сакаат да патуваат.

Инволвираните во туристичката дејност посочуваат дека во последниве години забележуваат масовни резервации преку интернет-порталите наменети конкретно за резервации на хотелски соби.
– Во нашиот хотел последниве две години генерално имаме гости што доаѓаат од источните земји. Забележавме дека штом ќе нѐ пофали некој од нив, односно ќе напише добар коментар на веб-страницата што е за совети за сместувачките капацитети, или пак на самата веб-страница за резервации, одѕивот е помасовен. Тоа, секако, за нас е позитивен сигнал. Генерално, може да истакнеме дека резервациите се прават преку интернет, не преку домашни агенции – посочуваат од еден скопски хотел.

И претставниците на домашните туристички агенции се согласни дека резервирањето сместување во сопствена режија е сѐ поизразен тренд во последните години.
– Имаме нови генерации, електронски писмени клиенти што не доаѓаат по каталог за одмор, туку ја следат понудата на веб-страниците или, пак, на Фејсбук. Исто така, проверуваат какво е сместувањето на интернет, какви се критиките за одреден хотел, но и какви се цените, дали агенциите со цените се „пристојни“ и дали целиот пакет е добро склопен – вели сопственик на една од овдешните туристички агенции, кој истакна дека светот е многу поподвижен и луѓето сами си организираат патувања.

Инаку, меѓу земјите-членки на ЕУ, резервациите и плаќањата со интернет-трансакциите за сместувачки услуги биле најпопуларни кај граѓаните на Луксембург, каде што дури 46 проценти од корисниците направиле вакви резервации. Потоа следуваат граѓаните на Ирска, каде што ова учество достигнало 34 отсто, па Малта со 30 проценти.

Од друга страна, ваквиот тип трансакции најмалку беа популарни во Чешка и во Кипар, каде што само по 5 отсто од граѓаните направиле резервации преку интернет, па што следува Летонија со 8 отсто.
Што се однесува до онлајн-резервации за транспортни услуги, тие се најпопуларни во Естонија, каде што дури 29 отсто од граѓаните направиле вакви резервации, потоа Ирска со 26 проценти и Малта со 25 отсто. Најмал процент граѓани што користат транспортни услуги преку интернет има во Бугарија, Грција и во Кипар, само со по 2 проценти.