Изградбата на автопатот двојно ќе ја зголеми размената со Косово

204

Инфраструктурата е основа за развој на една земја. Во наредните три години земјите од Западен Балкан треба да работат на развој на индустријата, зголемување на извозот и реализација на инфраструктурни проекти, бидејќи само тоа може да даде резултати и да го зајакне приватниот сектор, порача претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески по средбата со косовскиот колега Берат Рукичи на излезот на веќе завршениот дел од автопатот Приштина – Скопје во близината на косовското село Доанај кај Качаник.

Тој посочи дека нивното присуство на терен треба да биде патоказ каде треба да се наоѓаат раководствата на стопанските комори.

– Нивното место е во фирмите и инфраструктурните објекти, односно таму каде што се создаваат услови за подобар бизнис – истакна Азески.

Тој нагласи дека изградбата на автопатот до границата со Македонија ќе придонесе двојно да се подобри економската соработка меѓу двете земји во наредните пет години и вети дека ќе се заложи кај македонската влада да се скрати рокот за реализација на делот од автопатот во нашата земја.

– Им порачуваме на политичките елити од Западен Балкан да ги забрзаат процесите на интеграција, бидејќи бизнисот нема време да ги чека. По 30 години конечно сфативме дека регионалната соработка е основа за нашиот напредок. Токму ЕУ е создадена на база на регионите, функционира и ќе се развива на база на регионите. Затоа не е логично да имаме послаба соработка во регионот отколку што имаме со земји, кои се илјадници километри оддалечени од нас – вели Азески.

Претседателот на Стопанската комора на Косово, Рукичи, посочи дека приватниот сектор напредува многу побрзо од политиката и додаде дека високите политики, како што се референдумот во Македонија и дијалогот меѓу Косово и Србија, претставуваат пречка стопанството да биде меѓу приоритетите на земјите од регионот.

– Ниту еден политички процес не треба да смета на стопанскиот развој. Им порачуваме на нашите влади, но и на владите од регионот на Западен Балкан дека се потребни многу поголеми инвестиции во инфраструктурата – рече Рукичи.

Тој нагласи дека Владата на Косово направи одлична работа во областа на инфраструктурата и додаде дека е при крај работата на автопатот кон Скопје и се очекува да биде завршен до крајот на годината.

– Тоа отвора нови можности и хоризонти за соработка меѓу двете земји што немаат никакви економски бариери. Мораме повеќе да сториме во насока на зголемување на инвестициите и заемната инфраструктура. Апелирам и македонската влада што побрзо да ја заврши делницата на нејзината територија – посочи Рукичи.

Поведовме и заедничка регионална иницијатива, истакна, која има цел забрзување на интеграциските процеси преку Коморскиот инвестициски форум (КИФ).

– Целта на КИФ е зголемување на заемната стопанска соработка меѓу земјите од Западен Балкан што ќе го направи овој дел од Европа поатрактивен за инвестиции и ќе создаде услови што побрзо да се интегрира во стопанството на ЕУ – прецизира Рукичи.