Зошто провизиите на картичките ги мачат трговците?

704
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Покрај фискалната каса, ПОС-терминалот е законска обврска за компаниите што земаат и работат со готовина. Но при употребата на платежна картичка во малопродажбата, трговците имаат сериозни забелешки дека постојат високи банкарски провизии. Тие го издвојуваат ова како појава што им одзема добар дел од заработеното, а е причина поради која малите трговци сѐ повеќе избегнуваат да примаат картички, односно претпочитаат кеш. Така, повторно се влегува во маѓепсан круг, каде што никој не е задоволен, а инволвирани се и граѓаните и трговците и државата и, наместо да се синхронизира, надмудрувањето продолжува и се продлабочува…

Провизиите што македонските банки им ги наплаќаат на трговците што ги користат нивните ПОС-терминали за плаќање со картички во малопродажбата деновиве е топ-тема меѓу малите трговци. Имено, тие тврдат дека за секоја сметка што купувачот ја плаќа со картичка, банката му наплаќа на трговецот провизија од два отсто на остварен платен промет – затоа што картичката е помината низ ПОС-терминал. Оваа провизија се наплаќала на бруто-износ.

И во соседните земји провизијата од страна на банката за сопствениците изнесува од 2 до 4 отсто. Додека, пак, во Европската Унија овој износ е лимитиран од 0,2 до 0,3 отсто. Поради тоа, трговците сѐ почесто сугерираат на купувачите да плаќaaт во готово, а дури им нудат и попусти на каса доколку платат со кеш, а не со картичка. Високите банкарски провизии се причина поради која малите трговци избегнуваат да примаат картички, бидејќи овие такси би им зеле добар дел од заработеното. Особено на трафиките, бидејќи маржата кај некои производи, како што се на пример цигарите, е помала од провизијата што трговецот мора да ја плати во банка.
Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавци на Македонија, потврдува дека некои од сопствениците на малопродажните објекти имаат сериозни замерки на високите провизии на банките за плаќање на купувачите со банкарска картичка.

– Најдобар доказ за тоа е кога продавачот нуди пониска цена ако платите во готово, а не со картичка. Факт е дека ова се случува во помалите дуќани, а не и во големите дисконти т.н. молови. Можеби во прашање не е само провизијата туку и административните процедури, кои за помалите дуќани претставуваат товар – смета Димитров.
Како што вели тој, бидејќи проблемот на немање ПОС-терминали, и покрај законската обврска, е присутен кај помалите дуќани, очигледно кај овие компании проблем се и ниските маржи и големата конкуренција.

– Со отворањето на големите маркети, малите дуќани добија голема конкуренција, која им зема дел од прометот. Покрај фискалната каса, ПОС-терминалот е законска обврска за компаниите што земаат готовина. Оттука, овде има работа и за инспекциските органи, а бизнисмените ќе треба да направат добра анализа дали ваквиот начин на стопанисување е можен на долг рок – истакна Димитров, додавајќи дека околу висината на провизиите ќе биде потребно да се направат консултации со банките и да се изврши притисок за нивно намалување.
Според Димитров, немањето ПОС-терминал не само што претставува кршење на Законот за регистрирање готовински плаќања туку и ги спречува купувачите што сакаат да пазарат со картичка.

– На овој начин трговците губат и дел од својот промет. Ова значи дека немањето терминали не е исплатливо за кој било трговец и решението не е во примање банкарски картички туку во организиран настап пред банките за добивање пониски провизии – нагласува Димитров.
Од НЛБ банка велат дека провизиите што ги наплаќаат македонските банки од трговците за процесирање трансакции на ПОС-терминали со картички се утврдуваат земајќи предвид повеќе фактори.

– Сепак, примарно тие зависат од типот на дејноста што ја извршува трговецот и од обемот на прометот што го остварува преку ПОС-терминалите. Генерално, тие се движат од 0,95 отсто (за бензински пумпи) до 2 отсто – нагласуваат од НЛБ.
Оттаму додаваат дека лимитираниот износ од 0,2 и 0,3 отсто во ЕУ не се однесува на провизијата што му се наплаќа на трговецот, туку овој износ се однесува на меѓубанкарската провизија што банката-издавач на картичката ја наплаќа од банката во чија сопственост е ПОС-терминалот.

– Регулативата за ограничување на износот на меѓубанкарските провизии е донесена од страна на Европската комисија, стапи во сила во декември 2015 година и важи само за земјите од Европската Унија. За другите региони, вклучувајќи го и регионот каде што припаѓа Македонија, висината на меѓубанкарските провизии се дефинира од страна на меѓународните картични системи. Тие се повисоки во однос на оние од ЕУ, односно се движат во опсег од 1,1 отсто до 2,2 отсто, во зависност пред сѐ од картичниот продукт со кој е направена трансакцијата (дебитен, кредитен, премиум, бизнис-продукт), а понатаму и од начинот на извршување на трансакцијата (контактно – со чип, магнетна лента, бесконтактно, преку Интернет) – објаснуваат од НЛБ банка.
Тие сметаат дека провизиите за трговците се соодветни, можеби дури и пониски кога ќе се земат предвид пазарните услови и влезните трошоци што ги имаат банките за процесирање на ПОС-трансакциите.

Според податоците на Народна банка на Република Македонија, бројот на уредите што прифаќаат платежни картички, на крајот на 2017 година изнесувал 33.601, додека, пак, во 2016 година, тој број бил поголем – 36.426 уреди.
Притоа, најголемо учество имаат уредите за електронски трансфер на средства на физичките места на продажба 31.995 од вкупниот број уреди, а остатокот го сочинуваат уредите на виртуелните места на продажба и другите уреди за прифаќање плаќања. Од НБРМ велат дека поради иновациите во плаќањата, се појави потреба од воспоставување соодветна инфраструктура на уреди на физичките места на продажба за прифаќање на контактно-бесконтактните картички, кои на крајот на декември изнесуваа 15.807 од вкупните инсталирани уреди на физичките места на продажба.

– Вкупниот број трговци во земјата што прифаќаат картички, на крајот на 2016 година изнесуваше 13.080 и тие располагаат со уреди за прифаќање плаќања со 14 картички на 20.581 продажно место, додека пак во 2017 година бројот на трговци се намали на 12.817. Притоа, најголемо учество имаа трговците што прифаќаат плаќања на физичките места на продажба – 11.899 од вкупниот број трговци во земјата што прифаќаат плаќања со платежни картички, понатаму следуваат трговците што прифаќаат плаќања на виртуелните места на продажба – 719 трговци, а остатокот од 199 трговци се оние што прифаќаат плаќања на други уреди (системите за брза наплата и обезбедувачите на услуги за микроплаќања) – анализираат од НБРМ.
Оттаму додаваат дека од аспект на бројот на продажните места на трговците, најзастапени се повторно продажните места што прифаќаат плаќања на физичките места на продажба 19.042, додека, пак, бројот на виртуелните уреди (789) и продажните места (693) што прифаќаат плаќања на други уреди е многу помал.