Зошто згаснуваат малите бизниси

161
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Најголемиот број, односно околу 80 отсто од над четирите илјади затворени компании во првите шест месеци од минатата година се од категоријата микро, односно компании што вработуваат до десет лица, а се занимаваат главно со трговија на големо и мало и со поправка на моторни возила

Малите компании, кои вработуваат до десет лица, главно од областите трговија на големо и мало, поправка на моторни возила и сместување и сервисни дејности со храна, се најмногубројни меѓу над четирите илјади фирми за кои Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ) претходно извести дека во првите шест месеци од минатата година се затворени како резултат на здравствено-економската криза предизвикана од пандемијата на коронавирусот. Дури 1.598, или 35,5 отсто од вкупниот број згаснати фирми се од Скопјe. Втор град во кој има најмногу згаснати компании во земјава е Тетово, а на третото место се најде Охрид.
Од СКСЗМ објаснуваат дека наспроти бројката од 4.503 компании што згаснаа во првите шест месеци од 2020 година, во текот на целата 2019 година биле затворени 5.449 компании. Ако се разгледаат и податоците за претходната 2019 година, ќе се забележи дека и таа година најголемиот дел од згаснатите компании е од дејноста трговија на големо и мало и поправка на моторни возила.

– Најголемиот број, односно околу 80 отсто од затворените компании се од категоријата микро, односно компании што вработуваат до десет лица. Најголем дел од згаснатите компании е од дејноста трговија на големо и трговија на мало, поправка на моторни возила, кои достигнаа број од над 1.500 компании. Вториот најголем број згаснати компании се од секторот ХОРЕКА, односно објекти за сместување и сервисни дејности со храна, каде што се евидентирани вкупно 568 згаснати компании – објаснуваат од Комората.
Наедно, од СКСЗМ истакнуваат дека мора да се има предвид оти во првите шест месеци од годината, поради неизвесноста во почетокот на пандемијата и целосното затворањето на економијата, штетите биле поголеми отколку во второто шестмесечје на 2020 година.
– Ние како комора постојано сме во контакт со институциите, даваме свои совети, но и разни насоки и препораки што треба да се направи за бизнисот и економијата да ги минимизираат претрпените штети. Нашата комора има испратено до Владата дури 70 економски предлог-мерки до најавувањето на четвртиот сет мерки, а со предлозите што ги објавивме завчера, тој број стигнува до 77 мерки, кои се посебно ориентирани кон кризата – истакнуваат од СКСЗМ.
Претставникот на Бизнис-конфедерацијата на Македонија објаснува дека поради пандемијата има пораст на затворените компании, но, сепак, истакнува дека вкупната бројка на затворени компании не е резултат само на ковид-кризата.

– И нашите анализи покажуваат дека бројката на затворени компании е во сличен параметар и се забележува зголемување во споредба со претходните години, но, сепак, не станува збор за драстично поголем број на затворени компании. Треба да се има на ум дека во изминативе години кај нас на годишно ниво се отвораат и затвораат сличен број компании. Иако сигурно удел во зголемениот број на затворени компании има влијанието на пандемијата на ковид-19, сепак, мора да се напомене дека бројот на затворени компании е одраз на стилот на работење во нашиот деловен свет. Кај нас многу компании прибегнуваат кон избегнување даноци, обврски кон доверители, па со затворањето на дел од нив, им се скратува можноста за понатамошно неисполнување на обврските. Сметаме дека ковид-кризата не е единствената причина за затворање на компаниите. Имаме компании на кои им е тешко да работат, кои се сериозно погодени од кризата, но упорно се борат да опстојат, негодуваат, бараат помош, кредити… Тие не сакаат да затворат и сакаат да работат, да го одржат бизнисот како и години претходно. Но има компании што се откажуваат и кои се затвораат не само поради кризата – истакнува Бошов.

Тој објаснува дека и нивните податоци укажуваат дека најголем дел затворени компании се мали компании, односно фирми со мал број вработени, додека големите компании наоѓаат начини да преживеат и дополнува дека голем дел компании што затвораат се нови компании, но меѓу затворените има и компании што работеле со години.
– Надлежните институции со сеопфатна анализа може да направат соодветни мерки, преку анализа на трошоците на компаниите може да се види кои компании имаат загуби и колкави се тие, а потоа со соодветни мерки би го помогнале нивното опстојување во овој период. Може тоа да се прави со грантови, како што имаше за компании од туристичкиот сектор, но истите тие треба добро да се таргетираат за да опстанат компаниите – дополнува Бошков.
Македонија не е единствената земја каде што се затвораат компаниите како резултат на ударот на корона-кризата. Уште на почетокот од пандемијата, со воведувањето на рестриктивните мерки за сузбивање на ширењето на вирусот, беше објавено дека се затвораат 300 ресторани од синџирот „Пица хат“, а по ова следуваше и затворање на други познати франшизи или на дел од нивните продавници и ресторани.