Зимски мраз ќе ги фати капиталните инвестиции

427
Со ребалансот на буџетот, меѓу другото, се скратени пари планирани за железницата - Фото: Игор Бансколиев

Најавите за интензивирање на реализацијата на капиталните инвестиции во последните два месеца од годинава, наспроти слабата реализација во летните месеци, според експертите, се предимензионирани и најверојатно ќе се сведат на веќе виденото во изминатиов период

Најавените предвремени парламентарни избори предизвикуваат нова загриженост кај бизнисмените, кои апелираат дека е неопходна посилна поддршка на економијата, наместо политички превирања и договарања. Бизнис-заедницата веќе укажа дека економијата го губи темпото штом се влезе во предизборен процес, а со оглед и на новината, која предвидува формирање техничка влада сто дена пред изборите, тие стравуваат дека забавувањето може да биде уште поголемо.

– По најавата за предвремени парламентарни избори, приватниот сектор повторно ќе влезе во циклус на неизвесност и политички турбуленции, што ќе значи одложување на инвестициските активности и забавување на економијата – кажа Данела Арсовска, претседателка на Сојузот на стопански комори.

Голем удел во поддршката на економијата се капиталните инвестиции, кои можат да поттикнат поголем економски раст, но во последниве две години нивната реализација се одвива забавено. Со оглед на најавите на владините претставници дека во последните месеци ќе се забрзаат нивната реализација и искористеноста на предвидените средства за капитални проекти, се создава мала надеж дека до крајот на годинава економијата ќе ја раздвижат токму овие владини проекти.

И покрај лошите бројки во реализација на капиталните инвестиции во првите месеци, вицепремиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев уверува дека до крајот на годината ќе бидат реализирани 90 проценти од планираните средства за годинава.
– За поголема динамика на реализацијата на проектите, тие треба да се на одредено техничко ниво. Со тоа нема да има анекси и непотребно поскапување и трошење на времето и на парите. Уверувам дека имаме прецизна динамика, која ќе се реализира до крајот на годината – посочи Анѓушев.

Сепак, упатените изразуваат скептичност околу реализацијата на капиталните инвестиции, и посочуваат дека е скоро невозможно во зимски месеци да се забрза реализацијата бидејќи во овој период градежните работи потешко се реализираат поради временските услови.

– Ситуацијата е иста во последниве две години и интензивирањето на капиталните инвестиции во последните два месеца од годината, како што најави Анѓушев, токму во зимските месеци кога стагнира градежништвото, наспроти слабата реализација во летните месеци, не можеме да очекуваме. Сметам дека ќе биде исто како и претходната година – истакнува Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии.

Тој исто така истакнува дека е крајно нереално да се очекува дека ќе се зголеми реализацијата на капиталните инвестиции во предизборен период.
– Сега партиите се во борба за власт, кој со кого ќе коалицира и кој ќе успее да приграби повеќе позиции. Нивните цели се главно во насока на освојување на власта, а не во реализација на капиталните инвестиции, на подобрување на економијата или, пак, на животниот стандард на граѓаните – заклучува Хајредини.

Во изминативе години скоро никогаш не се искористени сите планирани средства во буџетот за капитални инвестиции. Скоро секоја година разликите се намалуваат со ребалансот на буџетот, но и по ребалансот целосната сума планирана за капиталните проекти не се искористува. Минатата 2018 година од планираните средства за капиталните инвестиции биле потрошени само 65,5 отсто, додека, пак, во 2017-та беа искористени 83,6 проценти, а во 2016-та 76 отсто.

Со капиталните инвестиции за годинава беше планирано да се градат патишта, болници, училишта, но и да се реализираат гасификацијата, железничката инфраструктура… За нив, првично беше планирано државата да потроши нешто повеќе од 422 милиони евра, но поради слабата реализација беше направен ребаланс на буџетот и со него беа скратени 50 милиони евра. Притоа се скратија пари планирани за железницата, за проекти за водоснабдување, рурален развој, за градба на училишта, факултети, како и за болници во Кичево и во Штип.