Зимниците годинава по изгор цени

345
Фото: Игор Бансколиев

Високите цени на зелените пазари беа актуелни и летово, но и сега, кога есента нуди уште пошаренолик избор од овошје и зеленчук, цените не паднаа

Цените на зелените пазари соборуваат рекорди

 

За секое домаќинство септември е месецот со најголеми трошоци, бидејќи почнува приготвувањето зимници, а тука се и трошоците за огрев, за книги за децата во новата учебна година, облека, обувки… Згора на сѐ, време е на корона-криза, кога многумина останаа и без работа, па за голем дел од населението ова ќе биде долга и тешка зима.
Во едни вакви тешки економски услови, на зелените пазари низ земјава имаме многу високи цени. Дури и оние што решиле да приготват нешто за зимница велат дека годинава таа многу скапо ќе ги чини. Високите цени на зелените пазари беа актуелни и летово, но и сега, кога есента има уште пошаренолика понуда од овошје и зеленчук, цените не паднаа. Оние што не можат да ја замислат зимата без сувата везенка пиперка, која сега се нуди по цена од 60 до 80 денари за килограм, во потрага се по зелените пазари да најдат пиперки барем со малку пониска цена. И самите пазарџии велат дека дури и помалку квалитетната везенка пиперка е скапа и чини најмалку 50 денари. Во скопските дуќани цената на везенката достигнува и до 100 денари за килограм.

– Никогаш не бил поскап везениот пипер – 70, па дури и 80 денари за килограм е навистина прескапо. Шетавме по сите зелени пазари во Скопје и цените се изгор. За еден повод бевме во Куманово и помисливме дека можеби таму пазарот е поевтин, но и таму исто изгор цени и на пиперот и на доматите. Нема зимници годинава како што сме правеле порано, кој колку може ќе купи и ќе прави – вели скопјанката Снеже Стојмановска.
Слаба е понудата и на добро познатиот домат јабучар, па таму каде што може да се најде на пазарите во главниот град се нуди по цена од 50 до 60 денари за еден килограм. Македонското семејство не може да се замисли без традиционалниот ајвар или лутеница, а за нивно приготвување е потребна пиперката ајварка, која сега и на Бит-пазар, најголемиот пазар во Скопје, може да се купи од 40 до 45 денари за килограм. Тоа значи дека за да се направи тегла ајвар со сите други потребни намирници и трудот на сите домашни ќе стигне веројатно и до цена од 150 денари, за која може да се купи и готов во продавниците. Затоа многумина однапред се откажуваат од оваа намера, бидејќи купениот е поевтин. Килограм бамји не можат да се најдат поевтино, бидејќи се продаваат од 100 до 150 денари за килограм, а килограм лук во зависност од квалитетот се нуди по цена од 200 до 250 денари. Килограм трпезно грозје чини 50-60 денари, а модрите сливи од 25 до 30 денари за килограм.

– Оваа година цените на зелените пазари навистина се доста високи, бидејќи нема понуда. Годинава беше таква, имаше еден подолг сушен период, потоа малку влажен период и тоа беа причините за помал род. Не може прекупците да ги зголемат цените во овој случај, бидејќи тука е конкуренцијата, таа ги диктира сегашните цени. А познато правило е кога нема доволно понуда, цените се високи. Годишнава зимница навистина ќе биде скапа. Еве, земете на пример пиперката ајварка чини од 40 до 45 денари, а каде ви се сѐ друго и трудот, па видете колку ќе ве чини тегла ајвар. И не се очекуваше да имаме пониски цени, бидејќи во земјоделството не можат да се најдат работници. Еве, видете во Струмичко, ќе најдете запуштени земјишта, кои претходно биле ниви, покриени со фолии, а нивните сопственици заминале на работа во Германија. Нема работници и не сакаат да работат ниту за 1.000 денари дневница. Значи, малку се садеше и имаме помал род. Немаме стратегии во државава, од една страна на земјоделецот му се даваат субвенции, а од друга страна парите му се земаат преку семенскиот материјал, па, еве, дури до 70 евра стигна вреќичка семе за домати. Токму затоа повеќе се садеа други сорти домати.

Јабучарот, кој сега тешко се наоѓа и се продава по цена од 50 до 60 денари, се сади во мали количества, а квалитетниот везен пипер на Бит-пазар се продава од 60 до 80 денари за килограм – вели Екрем Долек, претседател на комората на трговци и здружение на пазарџии „Просперитети“.
И пазарот во Кичево е скап цело лето, а високите цени се актуелни и овој месец. Лутите пиперки, и тоа не со најдобар квалитет, се нудат од 50 до 60 денари за килограм, а обичниот зелен пипер се продава по 40-50 денари за еден килограм. Ајварката и таму држи висока цена од 40 денари, а во продавниците тегла ајвар чини од 80 до 250 денари.
Лукот соборува ценовни рекорди на пазарот во овој град и чини од 250 до 300 денари килограм. Во ова време, кога купувачите најмногу внимаваат на здравјето, тегла мед им се нуди по цена од 500 до 700 денари и веројатно есенва и зимава овој производ за многумина ќе биде недостапен.

На пазарот во Кичево поевтин е индустрискиот домат, чини 40 денари, а поквалитетниот јабучар се продава дури за 60 денари за килограм. Домаќинките што решиле да направат џем од модри сливи или мармалад, за еден килограм треба да платат од 40 до 50 денари. Ако, пак, се решиле за слатко, тогаш мора да издвојат и по 100-150 денари за цели ореви или по 300 денари за килограм чистени, јатки ореви. Гравот е исто така мошне скапа намирница на кичевскиот зелен пазар и не може да се најде поевтин од 200 денари, односно достигнува цена и до 250 денари.
На југот во земјава цените на некои производи се нешто пониски, па, така, на зелениот пазар во Валандово пиперката ајварка се продава по 30 денари за килограм, а доматите чинат 40 денари. Модрите патлиџани може да се најдат по 10-15 денари парче. Модрите сливи може да се купат за 20 денари, трпезното грозје се продава по 50 денари, колку што се нудат и смоквите за слатко, познато во овој крај. Не се многу различни ниту цените на пазарот во Битола. Понудата на везените пиперки и на ајварката е по цени од 40 до 50 денари, а нешто пониска цена од 40 денари има обичниот зелен пипер. За килограм домати битолчани мора да издвојат 50 денари, а за парче модар патлиџан 20 денари. Лукот се нуди по 250 денари, а килограм бабури дури 50 денари. На зелениот пазар во овој град праските достигнуваат цена од 70 денари за килограм.