Земјоделците сѐ уште се соочуваат со голем број проблеми

92
Фото: Дарко Андоновски

Ниските откупни цени, неорганизираноста, нелојалната конкуренција, која го има монополот на пазарот на откуп, непостоењето договорно производство, недостигот од едукација и инвестирање во нови технологии, малото учество на преработувачите во откуп на производите, немањето анализи за пазарите, малиот принос по единица површина, како и климатските промени се некои од проблемите со кои се соочуваат земјоделците, констатирала Националната федерација на фармери.

– За надминување на овие проблеми е потребно да се прави пресметка на производствените цени, да функционира информативен систем преку кој ќе се следат цените на продажба на мало и големо за да може да се следи движењето на цените, да се собираат навремени податоци за очекувани приноси, да се работи на стратегија за извоз на производи на други пазари, да се почитуваат одредбите за договорно производство и склучување на договорите на почеток на годината, како и да се јакнат земјоделските задруги – велат од федерацијата.

Претседателката на НФФ, Васка Мојсовска, смета дека е потребно да се воведат правилници за земјоделците да можат да ги преработуваат и продаваат одредените производи од своите домови, а со тоа да му додадат дополнителна вредност на својот производ.

– Голем проблем е и колебливоста на климата, поради што е потребна едукација на земјоделците и на стручниот кадар за мерки за приспособување на земјоделството на климатските промени, инсталирање и набавка на метеоролошки станици во земјоделските рурални средини, анализа за алтернативни производи, кои ќе се вклопат во новите климатски услови, како и навремено чистење на одводните канали – нагласува Мојсовска.

Како што истакна таа, иако ИПАРД-програмата нуди многу средства за поддршка, Македонија и натаму има мала искористеност, во голем дел, и поради нелегализираните фарми. Затоа НФФ бара продолжување на рокот за легализација на фармите и објавување на ДУП-овите за да може да се направи легализацијата.

Од федерацијата имаат забелешка и за новите решенија од Законот за трговијата на зелените пазари, со кои, како што велат, се оневозможува стечајци, пензионери и социјалци да продаваат на тезги, со што, овие граѓани се туркаат кон поголема сиромаштија. Овие одредби, сметаат од федерацијата, се спротивни на европските правила, и се крши Универзалната декларација за човекови права на ОН.