Земјоделците сѐ потешко се одлучуваат за осигурување

218
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Бројот на осигурителни полиси во земјоделството е намален за околу 60 отсто. Во 2015 година бројката на полиси била 5.000, а лани се продадени само 2.000 полиси

Земјоделците се на прагот на рентабилноста, трошоците за производство им се повисоки од продажните цени на производите поради што многумина од нив не ни размислуваат за осигурување.

Иако Владата субвенционира дури 60 отсто од трошоците за осигурување на земјоделските посеви, одзивот кај земјоделците е многу мал и дополнително се намалил минатата година.

– Повеќето од земјодeлците работат без профит, колку да ги покријат трошоците за производството и нешто да им остане за живот. Поради ова, најголем дел од нив не размислува да ги осигури нивите, посевите или, пак, овоштарниците и лозјата. Сето ова е резултат на погрешните политики што ги преземаат властите, но генерално земјоделците не се осигуруваат зашто заработка скоро и да немаат – вели Андрија Секуловски, кој и самиот се занимава со земјоделство.
Тој додава дека последниве две години земјоделците работат колку да преживеат, и дека трошоците се поголеми од продажната цена на производите. Бидејќи на земјоделците не им останува приход, тие немаат за осигурување.

– Многумина инвестираа во нова опрема за да искористат дел од средствата што се даваат преку разни програми, па сега мора да исплаќаат кредити за обновена технологија. Некои се незадоволни од осигурителните компании, но тоа е многу мал дел земјоделци што во брзањето да потпишат договор не ги прочитале сите детали од договорот и подоцна останале без осигурување поради некои финеси. Но тоа е многу мал дел, повеќето се обесштетени, но едноставно земјоделците немаат пари за осигурување – истакна Секуловски.

Неодамна надлежните најавија измени во осигурувањето во земјоделството бидејќи бројот на склучени полиси и покрај субвенциите се намалува.
– Мора да најдеме начин како земјоделците да ги осигуруваат своите посеви, наместо да се чека обесштетување од државата како изминатиов период. Затоа се размислува за нов модел – неодамна соопшти министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.

Тој истакна дека осигурувањето е клучно во земјоделството особено поради климатските промени, кои во последниве години се сѐ поизразени.
– Во минатото имаме достигнато мерката да биде искористена во износ од 71 милион денари, и за оваа година повторно се предвидени овие средства, но реализацијата од година на година се намалува. Како Влада се обврзуваме дека мора да најдеме начин како земјоделците да ги осигурат своите посеви. Не постои една мерка за решавање на овој проблем. Затоа се одлучивме за длабински, функционален, нов систем на краток, среден и долг рок – информира Николовски, додавајќи дека во таа насока ќе се користат искуствата на Шпанија и на Турција.

Директорот на Агенцијата за супервизија на осигурување Климе Попоски, истакна дека бројот на осигурителни полиси во земјоделството е намален за околу 60 отсто. Во 2015 година бројката на полиси била 5.000, а лани се продадени само 2.000 полиси. Во просек, годишно досега за осигурување во земјоделството од елементарни непогоди се исплаќаа по 300 милиони денари.