Земјоделците слабо се здружуваат во задруги

198
Кога се здружени, земјоделците можат полесно да реализираат крупни инвестиции Фото: Маја Јаневска-Илиева

Главна причина за незаинтересираноста на земјоделците и нефункционирање на задругите е персоналниот данок, кој за членовите изнесува 10 проценти, додека данокот за сите други индивидуални земјоделци и семејни земјоделски стопанства е само 2 отсто, вели претседателот на здружението „Агрофаланга“

Во Македонија се оформени само четириесетина земјоделски задруги, иако имаме огромен број индивидуални земјоделци. Законот за формирање на задругите одамна е донесен, но, како што посочуваат упатените, тој не се применува, односно има недостатоци што ги демотивираат земјоделците да се зачленуваат во задруги.
– Од самото предлагање и донесување на законот за задруги, тој претрпе критики и препораки за промена, но тие, за жал, не беа внесени во законот. Главна причина за незаинтересираноста на земјоделците и нефункционирање на задругите е персоналниот данок, кој за членовите изнесува 10 проценти, додека данокот за сите други индивидуални земјоделци и семејни земјоделски стопанства е само 2 отсто.

Генерално, податоците говорат дека од земјоделските производи, земјоделците остваруваат околу 20 отсто заработка, па ако од тие издвојат 10 проценти персонален данок, кој мораат да го платат преку задругата, тоа значи дека дури 50 отсто од профитот на земјоделците треба да ѝ се даде на државата – вели Љупче Станковски, претседател на здружението „Агрофаланга“.

Тој истакна дека неколкупати е посочувано на овој проблем и додаде дека и претходната власт, која го донела законот, и сегашната останале глуви на посочениот недостиг. Втор голем проблем на кој укажува Станковски и кој сѐ уште не е надминат е губењето на бесплатното здравствено осигурување од бирото за вработување со приклучување во задруга.

– За задругите не е заинтересиран ниеден крупен земјопоседник, а законодавецот не ја сфатил поентата на здружувањето. Нивната цел е пред сѐ за опстанок и просперитет на малите семејни земјоделски стопанства и индивидуални земјоделци, кои преку задругата ќе набавуваат поевтини препарати, полесно ќе наоѓаат клиенти, а со текот на времето ќе се развијат и професионализираат. Како што е сега конципиран законот, им одговара единствено на зелената мафија и на монополот на откупувачи – појаснува Станковски.

Првиот човек на „Агрофаланга“ додава дека токму откупувачите најмногу заработуваат од неорганизираните и хаотични земјоделци.

– Наместо планско, организирано, стриктно наменето производство, кое многу полесно би се организирало преку задругите, со „свесното“ ограничување на земјоделците со законот за задруги, претходната и сегашната влада продолжуваат да ги остваруваат интересите на монополот на откупувачи и зелени манипулатори, наместо на огромниот број земјоделци од кои најчесто бесрамно бараат гласови – истакна Станковски.
Професорот од Факултетот за земјоделски науки и храна Јован Аждерски, пак, појаснува дека во земјава некогаш имало дури и 1.000 задруги и, според него, не е проблемот само во законот.

– Залудно е и најдобар закон да имаме ако тој не се применува и ако некој не сфаќа дека е за негово добро. Веројатно сме таква нација и на земјоделците треба многу да им се укажува. Далеку сме од современо задругарство и треба да го користиме светското искуство од земји како Франција, Ирска, Холандија. Кај нив над 50 отсто од земјоделските производи, набавката на заштитни средства, механизацијата, преработката, одат преку задругите. Земјоделците мора да ги сфатат значењето и улогата на задругите. Задругите се нешто меѓу приватниот и општествениот сектор, претставуваат вид економско претпријатие што третира социјала – укажа професорот.
За разлика од Македонија, во Европската Унија дури 40 отсто од земјоделската дејност одат преку земјоделските задруги. Од делегацијата на ЕУ посочуваат дека задругите се важен сегмент на европската економија и додаваат дека во Унијата има 22 илјади задруги, со 6,2 милиони членови и годишен обрт од 350 милијарди евра.

– Загрижен сум во однос на состојбата на задругите во вашата земја, каде што бројот е релативно низок, со ниски зголемувања во текот на годините, затоа верувам дека проектот на финансирање ќе има голем придонес за развој на земјоделските задруги – кажа Костантинос Соупилас, програмски менаџер од делегацијата на ЕУ.
Претседателот на Асоцијацијата на задругите, Менде Ивановски, во една пригода посочи дека кај задругите има повеќе проблематични сегменти, од кои едниот е да се дефинира што се здружува во земјоделска задруга, и додаде дека се работи на законски измени за да се прецизира законот за задругите.

Упатените додаваат дека кога се здружени, земјоделците можат полесно да реализираат крупни инвестиции, да конкурираат за мерките од националните и ИПАРД-програмата, а со тоа полесно да набават механизација.

[email protected]