Земјоделството и управувањето со економските кризи

107

Проф. д-р Борис Анакиев

Една од карактеристичните особини на економската конјунктура во дваесет и првиот век е дека поради опаѓање на порастот на населението, во многу реони во светот, потребата од средства за живот ќе расте со пониско темпо отколку во дваесеттиот век. Од друга страна, поради стареењето на населението и потребата (стремежот) за квалитетен начин на живеење, особено во развиените земји, барањето храна ќе се концентрира на поквалитетна храна со соодветно влијание на органското производство и заштита на животната средина.

Овие и многу други промени во економските и социјални процеси водат до промени во приоритетот на управувањето. Во овој век ќе настане квалитетна промена во потребите за управување на бизнисот, како последица за подобро задоволување на првостепените потреби на луѓето на светско ниво, вниманието на бизнисмените ќе се концентрира повеќе врз стратегиското управување на стопанската и технолошката дејност. Поради интегралното образование и демократизација на бизнисот, на сите нивоа на управување ќе се направи премин од преземањето стратегиски решенија само на национално и корпоративно да се помине кон такво управување, кое ќе им овозможи на повеќето од вработените да донесуваат подолгорочни решенија и да учествуваат активно кај формулирањето и остварувањето на стратегиите. Тоа ќе овозможи подобро користење на интелектуалниот потенцијал на вработените, а ќе се намали разликата на стандардот помеѓу инвеститорите и оние благодарение на кои се создава богатство. Од друга страна, како последица на подобрениот квалитет на живеењето, особено во развиените општества, ќе се зголеми просечниот животен век со соодветен пораст на социјалните трошоци што се однесуваат и на фирмите.

Кризите од деведесеттите години на минатиот век ги зафатија развиените региони и особено Европа. Во голем степен тоа се совпаѓа со таканаречената демографска криза за која има индикации и кај нас. Негативниот природен прираст и нерамномерната територијална распореденост на населението се изразуваат со застареност на работната сила и нејзин недостиг во селските реони, поради миграција во земјата и надвор од неа. Во високоразвиените земји поради развиеноста на комуникациите, технологиите и компјутеризацијата, разликата помеѓу градовите и селата се изразува во стандардот и квалитетот на живеењето. Според некои аналитичари, миграциите и празнењето на селата на некои региони во развиените земји не треба да нѐ загрижува, бидејќи во напуштените селски реони работната сила може да се замени со нова технологија, со друга работна сила од градовите (и други земји) или кога соодветните пропуштени можности за земјоделското производство се заменат со увоз. Така, слободната работна сила и капитал можат да се ангажираат во други сектори на стопанството потребни за соодветната земја или за специјализација на производството за надворешни пазари. Природно, процесот на овие дејства можеби нема да биде доволно брз од стојалиште на социјалните барања, но тоа е дозволено ако се има предвид економската ефективност. Во наши услови не е јасно што ќе се случува, кога се знае колку е застарена работната сила во селата, а државната политика нема механизми за здружување и обнова на работната сила, особено во кризни услови.

Во согласност со класификациите на ЕУ, земјоделството има четири основни функции:

1. поле за работа што обезбедува работни места и доходи;
2. сектор на стопанството, кој обезбедува меѓусекторски производи за други економски сектори и претставува пазар за нивните производи;
3. сектор што дејствува во комбинација со други сектори, кои го дополнуваат работното време на вработените во него како туризмот, трговијата и градежништвото;
4. социјална функција, сврзана со производство на основни супстанции на прехранбените производи, човечката репродукција, стандардот и продолжување на животот.

Како дел од стопанството на земјата, земјоделството учествува преку зголемувањето на продуктивноста во него и ослободувањето работна сила за други сектори, како и преку поевтинување на сите производи. Како поле за работа, земјоделството дејствува преку функционирањето на приватните фарми, задругите и земјоделските претпријатија, гарантирајќи им ги доходите на вработените во него и печалбите за инвеститорот. Како стопански сектор дејствувајќи во комбинација со други сектори, земјоделството има влијание во задржувањето на работната сила во определени региони и гарантирање на животот, земјоделството влијае преку квалитетот на производите и водењето приспособлив живот кон природата од страна на вработените во него.

Институциите (на државата) за управување на земјоделството имаат влијание врз него преку контролата врз обемот и квалитетот на земјоделските суровини, материјална помош на земјоделците и стабилизација на цените на работната сила за земјоделството. Истовремено, помагањето на земјоделскиот сектор од буџетот на државата води до подигање на конкурентската способност на националното земјоделство.

Меѓународните органи за управување на земјоделството, како на пример Светската трговска организација, ја регулираат меѓународната трговија со земјоделски производи или производи со земјоделско потекло и гарантираат слободна конкуренција на светските пазари. Истовремено, органите за регулирање на земјоделството на ЕУ гарантираат конкурентска способност на земјоделството на Унијата, како дело и на конкуренцијата во самата Унија. Цените на европскиот пазар во многу случаи се повисоки од тие на светскиот пазар, така што се заштитени и националните производители на државните членки на ЕУ.

Покрај теоријата дека повеќето од земјоделците се во услови на полна меѓусебна конкуренција за исти производи, треба да се истакне дека локалните органи за управување ја модифицираат трговијата преку соодветни субвенции, стандарди за квалитет и даночни задолженија.

Во така покажаните општи услови за развој на земјоделството и специфичниот карактер на развој, управувањето од страна на фирмите во државата со нејзина висока одговорност во кризна состојба, треба да има јасна и доследно следена стратегија. Во ориентацијата на прво место треба да бидат поуките од претходните случувања за обесштетување на селото во надминување кризни потреси.
Со оглед на глобализацијата на општествените процеси, управувањето на земјоделството треба да се разгледува на четири нивоа, наднационално, национално, регионално и микрониво – фарми, кооперативи (задруги) и други. Наднационалното ниво треба да се уредува не само во однос на земјоделската размена помеѓу одделни земји, туку и во решавањето проблеми врзани со глобалното затоплување, заштита на природата, поплави, суши и други природни влијанија од меѓунационален карактер, со кои одделни држави не можат сами да се справат туку со помош на меѓународна координација.

На национално ниво треба да се решаваат проблемите сврзани со загадување на животната средина, некои специфични проблеми што се однесуваат на аграрната криза и стабилност на реализацијата на производството, поддршката на земјоделците, кај неповолни временски услови, но и даночната политика во земјоделството и со него поврзаните стопански гранки. Тогаш кога во даночната политика надвладуваат фискалните функции, потребен е внимателен пристап кон земјоделските производители, поради големата зависност од природата и проблемите во репродукцијата на живиот капитал. На национално и на меѓународно ниво се решаваат и такви проблеми како што се квалитетот, стандардизацијата на производите и нивната здравствена безбедност. Една од функциите на современите развиени држави е и продолжува да биде заштитата на националните пазари на земјоделските производи од дампинг-увоз и нелојална конкуренција од увоз, како и дозвола за увоз за социјално економско задоволување на потребите на граѓаните и намалување на вредноста на работната сила.

На ниво на земјоделско стопанство, фарма, задруга (кооператива) се решаваат, како проблемите за инвестициите во одделни стопанства, така и прашањата за одгледуваниот асортиман на производите, префрлање капитал од земјоделството во други гранки и комбинација меѓу земјоделството и туризмот, трговската дејност и други сектори. Особено е важно градењето патишта и воопшто развојот на комуникациите. Тоа не само што го отвора пазарот за и од земјоделството, но и овозможува жителите на селото да бидат подобро информирани за нови технологии, промена на побарувачката и друго.