Земјоделските стопанства не треба да се расцепкуваат

109
Фото: Игор Бансколиев

Во Македонија земјоделските површини најчесто се помали од два хектара, составени од повеќе парцели оддалечени едни од други, честопати и без пристап до наводнување и пат. Фрагментираноста е еден од најголемите предизвици што ги намалуваат продуктивноста, конкурентноста и ефикасноста на земјоделските стопанства

Соединување на парцелите во поголема обработлива површина, менување на мерките предвидени за поддршка на земјоделците во насока на нивно мотивирање да ги окрупнуваат обработливите површини, промени на законските одредби со кои ќе се оневозможи понатамошно расцепкување на земјата, но и промена на менталитетот на граѓаните во насока на поголема искористеност на земјата за производство преку нејзино окрупнување. Процесот на окрупнување на земјоделското земјиште одамна е започнат во Македонија, но состојбите на терен не се подобруваат.
– Кога зборуваме за окрупнување на земјоделските површини, еден од најголемите проблеми во Македонија е фактот што едно земјоделско семејство обработува повеќе парцели што се на различни локации. Не треба да зборуваме само за вкупната површина што ја обработува еден земјоделец, туку на колку парцели е истата таа расцепкана. Генерално нашето земјоделство го обележуваат мали стопанства што поседуваат од еден до два хектари, но уште поголем проблем е што тие два хектари им се поделени на шест, седум парцели. Поради ова, за окрупнување на земјоделското земјиште треба да се зборува од два аспекта, прво окрупнување на вкупните обработливи површини кај еден земјоделец, а истовремено тие површини да се на иста локација и поврзани меѓусебно – објаснува генералниот директор на компанијата „Перминдекс“, Градско, Никола Деребанов.

Расцепканоста води до загуби

Деребанов, како прв човек на холдинг-компанија, која вклучува компании за производство и промет на земјоделски производи, за млечни производи, винарница, и со чие работење се обработуваат 3.600 хектари, истакнува дека придобивките од окрупнувањето на земјиштето, пред сѐ, се намалување на трошоците за обработка на земјата.
– Нелогично е да се обработуваат повеќе земјоделски парцели, од агрономски аспект тоа создава големи загуби. Кога земјата е расцепкана на 6-7 парцели треба за сите одделно да се прави анализа на почва, бидејќи условите се различни за сите, потребен е посебен план за ѓубрење, заштита од штетници, примена на различни процеси на обработка во кои се губи многу време во подготовка и во патување до тие парцели, со што се зголемуваат трошоците. Би истакнал, како што веќе имам кажано на една конференција, залудно е да се воведуваат мерки за окрупнување на земјоделското земјиште ако не се забрани поделба. Но за да се направи тоа, треба прво да се регулира наследното право на земјиштето, а не како што е во нашиот закон да се забрани физичка делба! Наместо како што е во нашата земја, наследниците да ја делат земјата што ја наследуваат, во светот има подобри решенија со кои се забранува делење на земјоделското стопанство. За да го направиме ова, треба прво да се дефинира кое е земјоделско стопанство од економски интерес, како и минималната граница над која не може да се дели земјиштето – појаснува Деребанов.

Елиминирање на можноста за расцепкување на парцелите

Директорот истакнува дека во светот има многу добри решенија во поглед на елиминирање на можностите за расцепкување на парцелите, а еден таков е забрана сите деца на еден земјопоседник да бидат наследници. Посочува дека решението во другите држави е во тоа да има само еден наследник, кој нема да може да го разделува стопанството, а другите наследници се компензирани. Целта на оваа мерка е да се обезбеди големина на земјоделско стопанство што овозможува доволни приходи за едно семејство за нормален живот, а не за преживување.
– Во случај никој од наследниците да не сака да продолжи со дејноста на родителите, тогаш како целина треба да се продава целиот имот. Вакви мерки и закони се применуваат во голем број развиени земји, како Словенија на пример, и токму поради тоа просечната големина на стопанствата кај нив е поголема, а природно имаат и поограничувачки услови од нас.

Кај нас, парцелите што се под еден хектар не можат да се сметаат за земјоделско стопанство, тие се премали за обработка. Но темата за наследство е проблематична, бидејќи треба да се работи со народот пред да се донесе законот и да му се објасни зошто се носи таков закон. Поради овие причини имаме фрагментирано земјиште, а со секоја наредна генерација тоа уште повеќе се фрагментира. Сега и да се потрошат многу пари, а за окрупнување се потребни навистина многу пари, тоа ќе биде залудно бидејќи следната генерација наследници ќе го расцепка земјиштето – посочува Деребанов и додава дека ниту процесот на окрупнување преку здружување на земјоделците во задруги не се реализира.
Како голема предност на окрупнувањето на земјоделското земјиште Деребанов ја посочува можноста со една механизација да се обработува поголема површина, но и истовремено да се користи таа механизација за повеќе површини и од повеќе земјоделци.

– Иако може со здружување да се зголемува земјоделското земјиште, преку формирање задруги, во Македонија земјоделците не се здружуваат. Кај нас се практикува ако еден земјоделец купи трактор и друг да го направи истото тоа, наместо двајцата да соработуваат и со еден да ги обработуваат парцелите, бидејќи со истата механизација може да се обработува многу повеќе парцели, наместо сите да купуваат трактори. Нема свест што значи капитал, што значи да се поседува механизација. Дополнително со субвенциите се овозможуваат средства за секој корисник да купи трактор, што не е случај во развиените земји. Кај нас, земјоделец со еден хектар може да купи трактор и земјоделец со сто хектари исто така ќе добие субвенции за еден трактор, што е контрадикторно. Поради ова мерките за субвенционирање треба да бидат така осмислени за да се тежнее кон окрупнување на земјиштето. Дури и субвенциите не се добро осмислени бидејќи колку е поголем земјоделецот, толку помалку субвенции добива, што сметам дека треба да е обратно. За спроведување на окрупнувањето преку субвенциите може да се поттикнат земјоделците да ги зголемуваат парцелите, на пример со одлука дека ако земјоделските стопанства со парцели до 1 хектар нема да се субвенционираат, а доколку се зачленат во задруга, тогаш ќе добијат субвенции, ќе се зголеми интересот за здружување. Едноставно треба да се најдат модели како ќе се стимулира окрупнувањето – прецизира Деребанов.

Со консолидацијата во Егри, бројот на парцели намален четирикратно

За окрупнување на земјоделските парцели кај нас се спроведува проектот „Воведување национална програма за консолидација на земјиште“, финансиран од Европската Унија, а го спроведува Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО). Главна цел е да се реши проблемот со фрагментираноста на земјоделското земјиште и да се зголеми конкурентноста на земјоделското производство, да се подобрат условите за живот во руралните средини и да се обезбеди одржливо користење на природните ресурси.
Преку овој проект беше успешно спроведена консолидација во селото Егри, Битола. Планот за прераспределба зафаќал 336 хектари земјоделско земјиште и резултирал со речиси четирикратно намалување на бројот на земјишни парцели (од 874 на 260), со просечна големина на парцела од 1,30 хектар, во споредба со 0,38 хектари пред консолидацијата. Парцелите сега имаат правилна форма и овозможуваат подобри земјоделски практики. Планирани се и инвестиции во пристапни патишта до нивите и во системи за одводнување и наводнување.

Во Соколарци, Спанчево (Општина Чешиново-Облешево) и Логоварди, Оптичари, Трн (Општина Битола) во тек е втората фаза од процесот на консолидација на земјоделското земјиште – планирање за распределба на земјиштето и технички дизајн на земјоделска инфраструктура во рамките на проектот на ФАО.
Мнозинството земјоделски стопанства во Македонија имаа површина помала од два хектара, составени од повеќе парцели просторно оддалечени едни од други, честопати и без пристап до наводнување и патна инфраструктура. Фрагментираноста е еден од најголемите предизвици за земјоделскиот сектор што ги намалува продуктивноста, конкурентноста и ефикасноста на земјоделските стопанства и оневозможува модернизација и остварување на економија од обем. Консолидацијата на земјоделското земјиште и подобрувањето на пристапот на земјоделците до инфраструктура, технологии и пазари е клучно за иднината на системите за храна и може да ги привлече младите во овој сектор. Пристапноста позитивно влијае на мобилноста од рурални во урбани средини и поттикнува одржлив економски раст.