Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка најави протест

109
Фото: Игор Бансколиев

Здружението на оштетени физички и правни лица на Еуростандард банка, утре, четврток, со почеток во 15 часот ќе одржи мирен протестен собир пред Собранието.

На овој собир Здружението ќе бара од сите политички партии во најбрз можен рок да го гласаат предлог законот за регулирање на побарувањата на оштетените штедачи од Еуростандард Банка и со тоа, како што велат од Здружението, да покажат дека подршката што ја дале за законското решение во изминатиот период не била само декларативна туку дека народните претставници се грижат подеднакво за сите граѓани.

– Здружението на оштетени физички и правни лица на Еуростандард банка ги повикува сите граѓани на РСМ како и сите правни лица да им се приклучат на овој мирен протест, затоа што ова што на нас ни се случи сега може да им се случи на нив утре, доколку државата не реагира и не превземе мерки за криминалното однесување на Менаџментот на Еуростандард банка како и толерирањето на истиот тој криминал од страна на Народната Банка и останати надлежни институции – се вели во најавата за протестот.

Исто така, се повикуваат сите учесници на мирниот протестен собир да ги почитуваат правилата за мирен протест, запазување на јавниот ред и мир и мерките за превенција од ковид-19 вирусот за заштита на јавното здравје и здравјето на граѓаните.

Воедно, за време на протестот Иницијативниот одбор на Здружението во просториите на Собранието ќе одржи заеднички состанок со претставниците од сите политички партии од Собранието.