Зголемување на платите за фирми што работат со загуба

1026
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Мерката за зголемување на платите е позитивна, бидејќи дава поддршка за пораст на платата што би бил пазарно детерминиран. Ако работникот е попродуктивен, а работодавецот има поголемо производство и сака добрите работници да ги награди со зголемување на платата, државата му помага во тој процес

Со зголемувањето на платите во трудоинтензивните дејности се смета дека ќе им се помогне на малите и на средните претпријатија, бидејќи оваа мерка најмногу им е потребна на ранливите категории, како и на претпријатијата што брзо никнуваат, но и брзо згаснуваат. Со пари од буџетот ќе се зголемува платата, а поддршката ќе може да ја добијат само претпријатијата што немаат големи профити. Со оваа мерка се очекува да бидат опфатени околу 15.000 компании и околу 50.000 работници што работат во сите сектори во индустријата и се опфатени компаниите чии трошоци за вработените изнесуваат повеќе од 50 отсто од вкупните расходи на компанијата и бруто-добивката е пониска од 10 отсто во однос на вкупните расходи. Услов за добивање на парите е претпријатието да не користи друг вид државна помош.
Ангел Димитров, претседател на Организација на работодавци на Македонија, вели дека иако оваа мерка не се однесува само на текстилната, кожарската и чевларската индустрија, сепак во овие гранки постојат најмногу компании и работници што се вклопуваат во критериумите.

– Со оваа мерка не се намалува притисокот за исплата на минималната плата, туку се отвораат можности за покачување на платите повисоки од 12.000 денари, со тоа што државата би субвенционирала 30 отсто од порастот на бруто-платите – посочува Димитров.
Според него, во оваа мерка ќе се најдат и голем број мали претпријатија, кои се најмногубројни во нашата економија.

– Но, сепак, позначајно е за нив да се пријават за мерките од третиот столб од планот за економски пораст, кој е специјално направен за микро, мали и средни претпријатија. Во овој столб субвенционирањето на направените трошоци за инвестиции оди до 70 отсто, за разлика од првиот и вториот столб, каде што субвенционирањето беше 10-20 отсто. Компаниите не треба да се плашат од бирократски процедури или од казни. Фондот за иновации и технолошки развој најави дека ќе им помогне на компаниите во правењето на проектите и ќе го олесни нивното аплицирање за средства – објаснува Димитров.

Како што вели тој, најавениот план за економски пораст не може да гарантира пораст на компаниите и тоа најмногу зависи од нив самите, од нивните одлуки за инвестирање и за зголемување на нивните економски активности.
– Со планот компаниите само се охрабруваат да инвестираат и да отвораат нови работни места со тоа што Владата ќе субвенционира дел од направените инвестиции, но крајната одлука, секако, е на сопствениците. Таа зависи и од други фактори, како на пример политичката стабилност, евроатлантските интеграции, владеењето на правото, состојбата на пазарот на труд – смета Димитров.
Универзитетскиот професор Марјан Петрески вели дека мерката за зголемување на платите ја гледа во позитивно светло, бидејќи дава поддршка за пораст на платата, кој би бил пазарно детерминиран.

– Ако работникот е попродуктивен, а работодавецот има поголемо производство и сака добрите работници да ги награди со зголемување на платата, државата му помага во тој процес. Генерално, секоја мерка што има пазарни елементи треба да биде поддржана, наспроти мерките што се од нормативен карактер и за кои треба двапати да се размисли, бидејќи може да предизвикаат негативни ефекти – појаснува Петрески.
Тој додава дека во случајов работодавецот ќе одлучи врз основа на кондицијата на фирмата и продуктивноста на работникот дали ќе додели зголемување на платата, во кој случај би бил субвенциониран,
– Треба да се забележат две работи, првата работа е степенот на искористеност на мерката, бидејќи работодавците прво треба да одлучат да ја зголемат платата, во опсегот 12.000-18.000 денари, а потоа да аплицираат за субвенција, и притоа да исполнуваат одредени услови. Треба да почекаме и да видиме каква ќе биде оваа искористеност, бидејќи од други искуства се покажа дека искористеноста на мерките е под очекувањата од различни причини – нагласува Петрески.
Според него, мерката се однесува на фирми што работат со загуба или што имаат профит до 10 отсто од расходите. Но, истовремено, тоа се и фирмите што се со послаб потенцијал да ги зголемат платите.
– Иако мерката треба да им помогне во зајакнување на тој потенцијал, сепак 70 отсто од порастот треба да го обезбедат работодавецот. Затоа, околу интересот на фирмите треба да почекаме и да го согледаме на терен – напоменува Петрески.
Втората работа што ја забележува универзитетскиот професор е што мерката делумно треба да се гледа и како одговор на барањето на работодавците за проблемот на т.н. уравниловка.
– Многу работодавци признаваат дека главен проблем не им беше зголемувањето на минималната плата, туку притисокот за зголемување што тоа го направи кај другите плати, особено оние во опсегот до 18.000 денари, со цел овие работници да не бидат демотивирани кога помалку продуктивните работници им се приближуваат со платата поради измените во Законот за минималната плата. Така што, оваа мерка, барем делумно, ја адресира уравниловката и е во насока на поддршка на тој процес – истакна Петрески.

Фото: Маја Јаневска-Илиева