Зголемување на ефикасноста и намалување на човечките грешки и корупцијата

194
Фото: Дарко Андоновски

МАКЕДОНСКАТА ЦАРИНА СО РЕВОЛУЦИОНЕРНА СИСТЕМСКА СОЦДАД-МОДЕРНИЗАЦИЈА

Системот има цел да доведе до олеснување на протокот на стоки и патници на граничните премини и терминалите, битно да ги намали грешките предизвикани од човечки фактор, а наедно превентивно и ефикасно да спречи коруптивно работење

Царинската управа во почетокот на јуни го пушти во употреба новиот Систем за обработка на царински декларации и акцизни документи (СОЦДАД), наменет за извозни и увозни царински постапки. Системот има цел да доведе до олеснување на протокот на стоки и патници на граничните премини и терминалите, битно да ги намали грешките предизвикани од човечки фактор, а наедно превентивно и ефикасно да спречи коруптивно работење. Од царината велат дека новиот систем е многу комплексен, но штом сите корисници влезат во кондиција за негова употреба, тој ќе се покаже и веќе се покажува како револуционерен напредок. Иако секој почеток е тежок, а постоеја неколку прекини во функционирањето, надлежните брзо реагираа со резервна постапка.

– Со ставањето на системот во продукција официјално на 1.6.2019 година во делот на извозни царински постапки, а од трети јули и во делот на увозни царински постапки, не се појавија непланирани прекини на системот. До оваа недела, во три наврати, од по неколку минути до неколку часа, е искористена резервна хартиена постапка, за да се изврши техничка редовна надградба на системот до комплетна стабилизација и во овие периоди застапниците се во можност да користат резервна постапка со употреба на царински декларации во форма на ЕЦД, кои се обработуваат во Асикуда или можат по желба, да почекаат повторно воспоставување на системот – велат за „Нова Македонија“ од Царинската управа.

Оттаму нагласуваат дека сите поднесени декларации се процесирааат во текот на денот на поднесувањето, што само по себе значи дека нема проблем со техничката функционалност на самиот систем.
– Исклучителната комплексност на ваквите системи во првите неколку дена бара технички надградби, во зависност од оптовареноста на самиот систем. Се очекува комплетна стабилизација без дневни прекини за краток период – истакнуваат од царината.

Дополнително, оттаму информираат дека нема ниту заостанати камиони што чекаат на границите за спроведување на царинската постапка.
Инаку, СОЦДАД е систем што е во рангот на најсовремените системи што се користат од страна на земјите-членки на Европската Унија (ЕУ), и со негова примена, според управата, нашата земја е чекор понапред кон исполнување на барањата за влез во ЕУ.
Царинските постапки што досега се реализирале на хартија се заменети со електронски постапки. СОЦДАД е современ и комплексен систем што ги интегрира постојните системски решенија.

– За економските оператори тоа значи намалување на времето за поднесување декларации, поедноставување на процесите, и најважно – значително намалување на трошоците. Сите процеси се автоматизираат со што се намалува можноста за човечки грешки, како и ризикот од недозволени дејства и корупција – велат од царината.
Комплексноста на системот со себе носи нова работна околина во која сите царински постапки треба да се процесираат комплетно електронски, а тоа е сосема ново за цариниците и шпедитерите.

– Шпедитерите и цариниците изминатите неколку месеци интензивно се подготвуваа и обучуваа за користење на новата работна околина и начинот на користење на новиот систем. За сите нејаснотии околу новата платформа, Царинската управа обезбеди тим со 24-часовна поддршка за крајните корисници. Како дел од активностите за ставање во функција на новиот Систем за обработка на царински декларации и акцизни документи (СОЦДАД), а во насока на навремено информирање и подготовка на бизнис-заедницата, царинските застапници и царинските службеници, во изминатите шест месеци интензивно се одржуваа обуки и работни состаноци. За бизнис-заедницата досега се одржани вкупно 21 обука, со 684 слушатели, а за царинските службеници се одржани 50 обуки на кои учествуваа вкупно 774 царински службеници – појаснуваат од Царинската управа.

Тимот задолжен за обучување, како што истакнуваат оттаму, постојано им дава поддршка и на царинските службеници и на бизнис-заедницата со кратки советувања и насоки на самите работни места.
Со СОЦДАД економските оператори можат да пристапуваат преку сопствени системи или со користење на Порталот за трговци на Царинската управа, кој е достапен без надомест.

За да може да се поднесe електронска царинска декларација во СОЦДАД-системот е потребно да се поседуваат основните услови како; електронски потпис (сертификат); да се има одобрен пристап до СОЦДАД; доколку е поднесена декларацијата, е потребно во СОЦДАД да се побара и добие одобрение за застапување. Предуслов за ова е претходно најмалку еден вработен да побарал и добил лиценца за застапување во СОЦДАД, а сите одобренија поврзани со царински постапки мора претходно да бидат евидентирани во СОЦДАД.

Со имплементацијата на новиот систем, кој претставува предуслов за понатамошно развивање на дигиталните решенија и услуги, значително им е поедноставена работата на царинските службеници, граничните агенции и на сите учесници во царинската и надворешнотрговската постапка, а се креира и поефикасна и модерна царинска околина во согласност со глобалниот развој и дигиталната ера.

[email protected]