Зголемен бројот на корисници на Интернет, стагнација на Фејсбук

152

Во Македонија Интернет користат околу 1,5 милион лица или 75,9 отсто од населението, а милион (48 отсто) се приклучени на социјалната мрежа Фејсбук, покажуваат податоците на специјализираниот статистички веб-сајт „Интернет ворлд стат“.
Кај бројот на интернет-корисници, споредено со крајот на октомври лани, има зголемување за 80.000, а нема промени кај податокот за корисници на Фејсбук.
Од земјите во регионот повеќе од Македонците Интернет користат во Хрватска (90,9 отсто), Босна и Херцеговина (80,7 отсто) и во Словенија (79,9 отсто). Зад Македонија се рангирани Србија (72,2 отсто), Грција (70,1), Црна Гора (69,9) и Бугарија (66,3) отсто.

Во Европа Интернет користат 704 милиони луѓе, а споредено со октомври за два милиони е помал бројот на корисници на Фејсбук и изнесува 341 милион.
Глобалната онлајн-мрежа најмногу се користи во Исланд и во Норвешка каде што речиси целото население или 99,2 отсто користи Интернет. Во тие две држави има и по 63,5 отсто корисници на Фејсбук.
Податоците на „Интернет ворлд стат“ покажуваат дека во светот има 4,15 милијарди корисници, бројка што во октомври лани изнесувала 3,88 милијарди, а 2,11 милијарди имаат фејсбук-профил.