Зголемените акцизи на цигари го зајакнаа црниот пазар

474
Во 2018 година во Македонија биле произведени околу 4 илјади тони тутун помалку - Фото: Игор Бансколиев

Информацијата за заплена на пратката со која би можеле да се намират еднодневните потреби на една третина од населението доколку тоа пуши по околу една кутија цигари дневно, како и тоа дека тие на пазарот вредат околу 2,5 милиони евра, го наметна прашањето што тогаш се случува со домашното тутунопроизводство и со производството на цигари

Зголемувањето на акцизите на цигарите предизвика одредено намалување во потрошувачката, но истовремено и драстично зајакнување на црниот пазар на тутунски преработки и намалување на приходите во буџетот. Од продажбата на цигари во сивата зона, иако тие се брендирани, сепак добро се заработува. И покрај сите обиди да се спречи нелегалната трговија, шверцерите и понатаму задоволно ги тријат рацете, бидејќи според некои процени, само еден од десет обиди за шверц надлежните успеваат да го спречат. А за обемот на шверцуваната стока доволно говори завчерашната информација според која пред неколку дена на солунското пристаниште биле конфискувани над 12 милиони шверцувани цигари од Кина наменети за нашата држава. Од независна служба за јавни приходи на Грција се сомневаат дека фирмата наведена во документите воопшто и не постои, а наместо цигари било пријавено дека контејнерот содржи ткаенини.

Информацијата за заплена на пратката со која би можеле да се намират еднодневните потреби на една третина од населението доколку тоа пуши по околу една кутија цигари дневно, како и тоа дека тие на пазарот вредат околу 2,5 милиони евра, го наметна прашањето што тогаш се случува со домашното тутунопроизводство и со производството на цигари.

Во 2018 година во Македонија биле произведени околу 4 илјади тони помалку, односно околу 25 илјади тони тутун. Земјоделците велат дека дел од ова намалено производство се должи на можеби неповолните временски услови, но и ако овие количества се непроизведени, а очекувани, дали тоа би можело да биде сигнал дека нешто се случува на пазарот.

Според претседателот на здружението на земјоделци „Агрофаланга“, Љупче Станковски, основна причина за привлечноста на препродажбата на цигари на црно е разликата од производствената до продажната цена и, бидејќи цигарите се акцизна стока, таа може да изнесува и до 70 отсто од малопродажната цена, заработка што ги привлекува криминалците од целиот свет.

– За шверцот на контејнери со цигари прашањето е колку контејнери поминале без да бидат откриени, а сето тоа води кон даночна евазија, што ја заслабнува државата. Дали треба да стравуваме од нови тутунски босови или, пак, се работи за нешто друго, ќе покаже времето – вели Станковски.

Што се однесува до нашите тутунопроизводители, тој додава дека за нив од сета оваа богата индустрија остануваат само трошки. Ако еден килограм тутун им го откупуваат за 200 денари, тогаш од една кутија цигари со вредност од 100 денари, за нив остануваат само два денари. Тоа е навистина малку и срамно.

– Македонија имаше можност да ја развие тутунската индустрија во изминатиот период и да профитира, овозможувајќи им на своите земјоделци попристојни откупни цени, но поради редовните финансиски злоупотреби и криминали од страна на сите влади од осамостојувањето, во нашиот најголем тутунски комбинат и производител на цигари, тој беше принуден да се продава и да бара стратегиски партнер – вели Станковски.

Ордан Чукалиев, професор на Факултетот за земјоделски науки и храна, вели дека Македонија извезува тутун во поголеми количества, а додека кај нас производот што се продава е во многу мал процент во вкупниот бренд на цигари.

– Тие цигари што се произведуваат во Македонија се унифицирани, но најголем дел од цигарите доаѓаат од увоз, и нашата држава е извозник на сиров тутун. Бидејќи македонските корисници на цигари имаат различен вкус и купуваат и увезени цигари, па не може сиот тутун од македонско производство да се продаде кај нас, затоа дел од тоа производство оди надвор од државата – напоменува Чукалиев.

Тој вели дека количество на запленети цигари од над 12 милиони сепак како бројка не е голема, бидејќи ако пушат една третина од граѓаните во Македонија, тогаш тие цигари ќе се потрошат за еден ден. Но што конкретно се случува и што тоа значи за пазарот во земјава, тој вели дека не е запознаен.

katerina.p@novamakedonija.com.mk