За најавениот прогресивен данок!

598
Љупчо Зиков

Колумна: Љупчо Зиков

И покрај силните укажувања на македонската бизнис-заедница во последните неколку месеци, Владата чудно остана на ставот прогресивниот данок да почне од 2019 година. Згора на тоа проектираше и историски најголем буџет за 2019 година од 3,7 милијарди евра!? Речиси сите бизнисмени овде предупредија дека оваа даночна реформа треба да се одложи за 5 години. Да потсетам дека ефектите за кои зборуваше министерот за финансии, Драган Тевдовски, се сведуваат на вредност од 25 милиони евра, колку е проценето дека ќе се инкасираат во државната каса со воведувањето на прогресивниот данок. Гледано од аспект на една држава, па нека е тоа и Македонија, малку пари треба да инкасира државата преку овој зафат. А последиците од преминот од рамен на прогресивен данок, ќе бидат далеку понегативни. Или, со други зборови за една „шницла“ на бедната македонска трпеза, Владата ќе заколе „вол“, кој во моментот и ора и врши, и носи, па иако е вол понекогаш и млеко дава! Се разбира со оваа метафора сакам да кажам и нешто друго.

Еве, на пример, една ваква споредба: 25 милиони евра е помалку од само два големи криминали за кои СЈО има постапка – осомничениот криминал за патот Кичево – Охрид, чинам стануваше збор за околу 18 милиони евра, и осомничениот криминал за провизиите од кинеските кредити за двата патни правци. Ако педантно се соберат цифрите, решавањето на овие два предмета низ судовите прават многу повеќе од 25 милиони евра. Ако, пак, кон оваа цифра се додадат и запленетите пари за кои секојдневно слушаме дека се замрзнати на разни сметки на довчерашните првенци во Владата како испумпани од буџетот, тогаш ете дупло од овие пари, кои, наводно ќе завршеле голема работа, ако сега данокот биде пропорционален, а стапката се зголеми!? Ако, пак, се земе за точна изјавата на премиерот Зоран Заев дека годишно од ставката капитални инвестиции во буџетот (повеќе од 400 милиони евра) се испумпуваат во непознат правец, што е за мене фрапантен наод со кој во најголем дел се согласувам, тогаш стопирањето на ова за мене, и за многумина како мене, би можело да значи суштинска реформа!? Но, тогаш зошто е потребна една ваква авантура со прогресивниот данок, која во основа праќа силни негативни пораки кон инвеститорите, извозниците и сите што заработуваат високи приходи преку чесна и посветена работа. На улица, во приватниот македонски сектор, каков и да е килав, каков што е.

Да ги погледнеме уште еднаш аргументите на Министерството за финансии: Тевдовски вели дека „преку напуштање на политиките на рамен данок и воведување прогресивно праведно оданочување се планира да се соберат околу 25 милиони евра во буџетот со кои „ќе се финансираат мерки за намалување на сиромаштијата односно за спроведување на минималниот гарантиран приход со кој ќе се извлекуваат луѓето од сиромаштија и ќе се активираат на пазарот на трудот“.

Министерот понатаму продолжува: „Како прво, се очекува да се намалат социјалните разлики, со што ќе се подобрат општествената кохезија и довербата помеѓу луѓето, односно она што економистите денес го нарекуваат општествен капитал. Понатаму, ќе се изврши редистрибуција од оние што заработуваат повеќе, кон оние што заработуваат помалку. Поради тоа што оние што заработуваат повеќе имаат помала склоност кон потрошувачка, со ова ќе се зголеми вкупната потрошувачка во општеството, со што, пак, ќе се влијае позитивно врз економската активност“.

Мојот коментар во овој дел е дека со оваа мерка, која на другата страна има ефект од 25 до 30 милиони евра, нема да се намали социјалната нееднаквост, која, се разбира е драматично висока во Македонија. За да се намали социјалната нееднаквост и да се зголеми општествената кохезија, се потребни нови работни места, затоа што, најдобра социјална политика е отворањето на новите работни места (се разбира не во јавната администрација, или не само таму или помалку таму, а многу повеќе во македонскиот приватен сектор и во компании основани од македонски граѓани).

Што се однесува до зголемувањето на општествената кохезија на разните групи во Македонија, мислам дека овој дел од ставот на Mинистерството за финансии е вишок во текстот, што би значело е непотребно кажан. Затоа што општествената кохезија во земјата е нарушена и се нарушува веќе триесет години од независноста до денес. Од приватизацијата до денес.

Од друга страна, по приватизацијата многу од општествените групи во земјата беа под силен удар на бесперспективноста на економијата и нејасните намери на новите сопственици на компаниите, кои многу малку се интересираа за бизнисот на претпријатијата што ги приватизираа, а многу повеќе се интересираа за финансиските трансакции меѓу фирмите и банките што ги кредитираа. Компаниите се задолжуваа, многу од недвижностите на фирмите одеа кај банките во хипотека, парите се трошеа ненаменски и така натаму… Понатаму силните трошења од буџетите (кои драматично се зголемија во последните десет години) во проекти што не даваа добра економска база за земјата, придонесоа голем од јавните буџетски пари да бидат искрадени на јавни тендери. Овде главен бизнис станаа јавните тендери. Како се зголемуваа тие, така паѓаше интересот за извоз, за она што се вели норма економија. Оттука немаше инвестиции, не се отвораа работни места, напротив, се затвораа и растеше сиромаштијата.

Коментар заслужува и ставот на Министерството за финансии дека со измените ќе се направела прераспределба од оние богатите, демек што заработувале повеќе кон оние што не заработувале или заработувале помалку. Тоа не е добра мантра, а е лоша карма. Со ваква идеолошка платформа нема развој на економијата, уште помалку повисоки стапки на раст на БДП. Затоа што ниту тие што заработуваат повеќе се богати, а и не заработуваат којзнае колку, ниту оние што се сиромашни ќе бидат побогати или помалку сиромашни. Демагошки е да се очекува дека директори, сопственици, интелектуалци, ИТ-професионалци, спортисти, уметници, ќе бидат сега повеќе оданочени за на сиромашните да им осамне. Па нели тие се само 1 отсто. Со оглед на тоа дека нели немаме средна класа, тоа значи дека 99 отсто се сиромашни.

Ајде да речеме дека еден добар процент се накај средната класа. Па како 1 отсто вакви богати како што ги гледаме низ улиците на македонските градови ќе ја подобрат состојбата на остатокот сиромашни? Мене ова не ми е јасно… Оттука, поентата ми е во следново: наместо да ги гледате овие 1 отсто, гледајте како и на кој начин да се зголемат приходите на другите 99 отсто! Во оваа поента треба да лежи основата на секоја идна сериозна и структурно фундирана економска реформа во земјата! Значи, како да се зголеми приходот кај поединците???

Понатаму, во Министерството за финансии велат дека „ќе се обезбедат повеќе пари за државниот буџет, а дел од нив ќе се искористи за воведување минимален гарантиран приход, а остатокот за подобрување на здравството, образованието и другите јавни услуги. Преку сето тоа, ќе се подобри квалитетот на живот, што ќе придонесе и за забавување на трендот на иселување од земјата. Повисоките буџетски приходи ќе значат и понизок дефицит, а со тоа и забавување на темпото на раст на јавниот долг …“

Мојот коментар во овој дел би бил дека со ваква реформа нема да се намали иселувањето од земјата. Зошто некој доктор би останал во оваа земја ако платата му е 800 евра, кога за истата работа во Словенија или во Австрија би земал 1.500 до 2.000 евра, и притоа никој нема да го праша на која партија е член!? Зошто приватен земјоделец би останал на својата земја чекајќи субвенции за годишен принос од, да речеме, 1.500 евра месечно, кога без да му ја мисли и да чека субвенциите да му стигнат, тој во Швајцарија или во Германија работејќи на земјата на некои други газди може да заработи и до 3.000 евра, притоа работејќи повеќе работи? Не заборавајте дека зборуваме за најголем дел социјални категории граѓани на кои императивот им е голата егзистенција. Излезете малку од Малиот ринг на Скопје, посетете ја Македонија низ внатрешноста па ќе разберете што пишувам… Нашите луѓе ќе престанат да се иселуваат кога ќе почувствуваат дека се еднакви со оној дел од општеството што ја заробило оваа земја.

Оној мал дел привилегирани и во банките и во судовите и во она што се вели македонски пазар. Проблемот на ова општество е во немањето еднакви шанси за сите… Што мислите дека овие што се иселуваат се оперирани од идеи за претприемачки проект? Не знаат како треба? Немаат идеја за бизнис? За бизнис-почеток? Сакаат ли да се селат? Секако дека не сакаат да се селат…

Но, оваа земја е институционално многу сиромашна. И тие институции што работат се заковани во длабоки корупции, ги водат во голем дел неспособни луѓе, кои од своите кабинети за сите овие години создале дувло на криминал! Затоа се селат луѓево!? Или да го потсетиме министерот за финансии дека тие што се селат нема да останат тука затоа што платата им пораснала од 12.000 на 13.300 денари. Што е тука промената?
Понатаму, Министерството за финансии вели: „Корист од рамниот данок имаат само најбогатите. Тој беше воведен во Македонија да им служи на малкумина, кои заработуваа многукратно повеќе од најголемиот дел од граѓаните. Тој им дозволи на најбогатите да се богатат уште полесно, оставајќи го мнозинството да се мачи да ги задоволи своите основни потреби за живот“.

Да, така е. И токму поради тоа сега главниот предизвик каде што Владата треба да ја троши својата енергија е како да се зголеми БДП, а не како да се распредели сегашниот за кој гледаме како го „јадеме“!

(Утре: За „растот“ на македонскиот БДП)