За велигденските празници јагнињата ќе останат во Македонија

545
Во Кичевско на располагање на откупувачите им стојат околу 20.000 јагниња / Фото: Игор Бансколиев

Откупната цена на годинашното јагне се спушти на две евра за помалите јагниња и евро и осумдесет за повозрасните јагниња. Споредено со минатата година, сточарите укажуваат дека цените се за 20 до 30 проценти пониски

Коронавирусот го погоди и сточарството

Една од најчувствителните сточарски гранки во земјава во овој период од годината, секако, е овчарството. Сточарите се жалат на сѐ пониските цени што се нудат за откуп на годинашното јагне. Откупната цена на годинашното јагне се спушти на две евра за помалите јагниња и евро и осумдесет за повозрасните јагниња. Споредено со минатата година, сточарите укажуваат дека цените се за 20 до 30 проценти пониски.
– Како никогаш досега се соочуваме со големи проблеми во одгледувањето на матичните стада. Иако навлеговме во вториот квартал од годината, сѐ уште целосно не ни се исплатени субвенциите за минатата година, кога според најавата од Министерството за земјоделство, ни беше ветено дека тие ќе изнесуваат 1.000 денари за овца и 2.500 денари за женско јагне. За овците нешто е исплатено, додека за јагнињата не е исплатен ниту еден денар.

Кога ќе легнат овие пари, навистина не знаеме. Сепак, дефинитивно најголем проблем ни претставува откупот на годинашното јагне, бидејќи откупната цена за килограм жива мера изнесува само 120 денари, за помалите јагниња, и 110 денари за поголемите јагниња. Засега, интересот за откуп на јагнињата е исклучително мал. Странците, претежно од Италија, поради коронавирусот ги нема во земјава, додека домашните откупувачи нудат крајно ниски цени, иако пред само месец-два, откупната цена беше нешто повисока и изнесуваше 140 денари.

По ова што се случува на пазарот, не можеме да предвидиме кога и по која цена ќе го продадеме годинашното јагне – велат Ајрадин и Мефаил, сопственици на стада овци од Кичевско.
Тие порачуваат дека со сегашните цени тешко ќе се одлучат да го продадат годинашното јагне и најавуваат дека машките јагниња ќе ги заколат или можеби со поголема тежина ќе ги продадат за претстојните празници, но не по оваа цена што моментално им се нуди, бидејќи економската математика ни одблиску не е на нивна страна.

Инаку, во Кичевско на располагање на откупувачите им стојат околу 20.000 јагниња, кои, според процените на сточарите и откупувачите, се со врвен квалитет и меѓу најбараните во земјава.