Фото: Игор Бансколиев

Негативни последици од прекинот на железничкиот превоз ќе имаат пред сѐ компаниите од металуршкиот сектор, кои не можат во целост да најдат замена за железницата. Нарушувањето на динамиката на транспортот може да услови и плаќање пенали за задоцнета испорака, со што трошоците на компаниите дополнително се зголемуваат, а го доведуваат во прашање и работењето на компаниите

Зголемени транспортни трошоци и ненавремената испорака на договорените производи се дел од штетите што ќе ги претрпат македонските компании поради прекинот на железничкиот транспорт. Како што веќе е познато, поради попуштените бетонски столбови на еден од железничките мостови на Црна Река кај Стоби, целосно е прекинат железничкиот транспорт од Велес кон Гевгелија и кон Грција.
Според упатените, први на удар ќе бидат металуршките компании, кои најмногу зависат од железницата и кои ќе имаат значително поголеми трошоци. Покрај нив, и „Македонски железници-транспорт“ ќе има големи загуби поради неиспораката на договорената стока. Сите инволвирани се согласни дека е многу важно прекинот, односно ремонтот на мостот, да трае пократко и што побрзо да се воспостави превозот.

– За нас како компанија непреченото работење на „Македонски железници“ е од големо значење. Ние во одреден степен сме зависни од функционирањето на железницата, особено поради врската со пристаништето Солун. Самиот застој во работењето на „Македонски железници“ нѐ доведува во незавидна позиција и ни го блокира секојдневното функционирање т.е. доставата на старо железо и испораката на лим до солунското пристаниште – велат од компанијата „Макстил“.

Оттаму додаваат дека последиците ќе можат да ги сумираат на крајот, но истакнуваат дека ќе има зголемени трошоци за достава на своите нарачки до купувачите и, секако, ќе има доцнење со нивната испорака, со што компанијата ќе претрпи огромни загуби.

– Дури се доведува во прашање и самото работење на компанијата, од причина што не сме во можност да обезбедиме доволни количества старо железо за да можеме да ги задоволиме потребите за нашето производство, а оттука произлегува и неможноста да ги исполниме обврските спрема нашите купувачи, што значи и дополнителни пенали за непочитување на веќе остварените договори – појаснуваат од „Макстил“.

Од компанијата велат дека се бараат алтернативи во организирање камионски транспорт и менување на маршрутите што им се достапни за железнички транспорт. Така, на пример, наместо директната врска кон пристаништето во Солун од Скопје, тие ќе мора да користат линија што оди преку Грција, Бугарија, Србија, па во Македонија, која е многу понерентабилна и многу побавна.

– Се разгледуваат и опции за камионскиот транспорт на старо железо и топло валан лим што би го превезувал товарот од и до Гевгелија, а потоа претовар во вагони што би го носеле нашиот лим во пристаниште. Овие опции, секако, носат огромни дополнителни трошоци, кои ќе се рефлектираат врз крајната слика на финансиското работење на нашата фирма – истакнуваат од „Макстил“.

Сепак, ова не е единствената компанија што ќе претрпи загуби поради прекинот на железничкиот превоз. Како што велат од Стопанската комора на Македонија, секој застој на товарниот сообраќај што оневозможува навремена испорака на стоки до крајната дестинација, од која било причина, претставува значителен проблем за планираното тековно работење на компаниите што редовно имаат извозно-увозни активности и негативно се одразува на стопанството во целина.

– Доколку се оддолжи санацијата, негативни последици ќе имаат пред сѐ компаниите од металуршкиот сектор, кои поради природата на производите не можат во целост да најдат замена за железницата. Не ќе може навремено да се превезе суровината што компаниите ја набавуваат за производствениот процес, а проблем ќе биде и навремената испорака на готовиот производ, кој е планирано да се извезе за потребите на клиентите од странство. Нарушувањето на динамиката на транспорт е можно да услови и плаќање пенали за задоцнета испорака, со што трошоците на компаниите дополнително се зголемуваат – додаваат од комората.

Атрактивноста на Коридорот 10 е од големо значење, бидејќи со попречување на товарниот транспорт се губи и од транзитните товари што се реализираат преку овој коридор, со што и државата губи одреден финансиски надомест. За да не се изгуби ваквата атрактивност, од комората велат дека е важно редовно да се вложува во обнова и реконструкција на железничката мрежа. Во спротивно, од комората посочуваат дека стоката што се превезува и од Македонија и за потребите на Македонија, а особено онаа што е во транзит, која ќе оди преку пругата во Бугарија, од економска и финансиска гледна точка не е поволна за нашата земја.

– Кога е оневозможен превоз со железница, се наметнува потребата од користење на камионскиот превоз, кој не секогаш од трошковен аспект е поволна опција. Компаниите однапред во финален производ ги калкулираат трошоците за превоз зависно кој вид превоз го користат – додаваат од комората.

Прекинот на железничкиот транспорт ќе има значителен удар и врз работењето на „Македонски железници-транспорт“, бидејќи тие пренесуваат големи количества стока што транзитира низ Македонија.

– Поради оштетувањето на железничката инфраструктура, има привремен прекин на железничкиот сообраќај на пругата Велес – Гевгелија. Тука спаѓаат и товарниот сообраќај во транзит на релацијата Табановце – Гевгелија и увоз-извоз од или кон солунското пристаниште, што секако негативно ќе се рефлектира врз работењето на „МЖ-транспорт“-Скопје – велат од ова железничко претпријатие.

Оттаму додаваат дека се во координација со ЈП „МЖ-инфраструктура“, Министерството за транспорт и врски и Владата на Република Македонија за наоѓање заедничко и брзо решение за надминување на овој проблем.


Железницата во прекин од петокот

Како што информираа завчера од „Македонски железници-инфраструктура“, прекинот на железничкиот превоз би можел да трае најмалку 20 дена, за кога се надеваат дека ќе воспостават преодно решение.
– Од петокот е стопиран сообраќајот. Направивме анализи на оштетувањето и веќе имаме идеја што треба да направиме. Ќе одиме на брза санација и се надевам дека за 15-20 дена ќе биде ставен во употреба. Тоа значи брза санација за ограничена употреба, а во меѓувреме ќе гледаме која е опцијата или ќе се оди на нов бетонски или челичен мост – кажа Ирфан Асани, директор на „МЖ-инфраструктура“.
Оттаму потенцираа дека бетонскиот мост на железничката пруга е оштетен од големото количество вода во Црна Река, која наеднаш надошла. Целокупниот патнички и товарен железнички превоз кон југот на државата и кон Грција ќе остане блокиран до санацијата на мостот. Асани кажа дека проблемот е сериозен и дека економските штети од прекинот на железничкиот сообраќај се големи.