Започна откупот на тутунот

114

Во Тутунскиот комбинат Прилеп и Сокотаб Битола денеска започна откупот на тутунот од годинашната реколта. Во присуство на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, Тутунскиот комбинат Прилеп започна со откуп најпрво во градот, а од петок ќе презема тутун и во населените места.

Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство велат дека очекуваат добра откупна сезона.

– Тутунот ќе го откупуваат девет компании. Сите компании имаат обезбедени средства за исплата. Инспекторите ќе бидат на терен и ќе ја следат состојбата со откупот. Од нашите податоци можеме да кажеме дека вкупно се евидентирани 226 мостри и 210 откупни пунктови. 204 мостри се од типот Прилеп, а 22 се од типот „јака“. Годинава вкупно биле засадени 13.342 хектари тутун и склучени биле 32.798 договори со девет компании. Издадени се 20.933 евидентни листови. Очекуваме околу 6 проценти поголемо производство на тутун. Очекуваме добра откупна сезона, бидејќи квалитетот на тутунот е добар – изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски во Тутунскиот комбинат – Прилеп.

Од Тутунскиот комбинат Прилеп посочуваат дека тутунот ќе го откупуваат на 25 пунктови.

– Проценката на тутунот ќе се врши на 34 ваги на 25 пунктови. Планираме откуп на околу 3.000 тони тутун. Исплатата на паричните средства планираме да биде веднаш наредниот ден по преземањето на тутунот – истакна Кире Станкоски, генерален директор на Тутунскиот комбинат.

Од тутунските здруженија велат дека годинава родот ќе тежи околу 24.000 тони, од кои само во пелагонискиот регион околу 17.000 тони и очекуваат повисока откупна цена бидејќи квалитетот е подобар.

Ка.М.