Законот за заштита на личните податоци нов товар за компаниите

81

Несигурност, збунетост и многу прашања кај бизнис-заедницата отвори законот за заштита на личните податоци, кој сѐ уште не е донесен. Многу од фирмите не се запознаени со чекорите што треба да ги преземат за имплементација. Истовремено стравуваат од предвидените високи казни при евентуално неисполнување на обврските. Според експертите, спроведувањето на законот за фирмите ќе значи дополнително оптоварување и трошоци.

Со законот ќе бидат опфатени компаниите од сите сектори, не само ИКТ, вклучувајќи ги микро, малите, средните, големите и макропретпријатијата.
– Овој процес ќе зафати многу поголем сет организации од кои многу се малку запознаени за последиците од примената на оваа регулатива. Дали фирмите се подготвени за период од две години да ја имплементираат регулативата, но дали и државата е подготвена да го одработи својот дел – рече консултантот Љубомир Димовски на инфосесијата што ја организира Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ).

Александра Чавдаревска од МАСИТ укажа дека се потребни повеќе подготовки, соодветни софтвери и обуки на лица за секоја фирма да се справи со наметнатите одговорности, кои се видоизменети и позатегнати.

– Првичната оцена на бизнис-секторот е збунетост, несигурност и многу прашања во врска со спроведувањето и имплементацијата на оваа регулатива. Како ИКТ-сектор донекаде сме подготвени да го преземеме ризикот од нејзино почитување, но мора и другиот дел од бизнис-заедницата да биде подготвен за овој чекор. Потребни се повеќе подготовки, соодветни софтвери, обуки на лица во секоја фирма за да се носат со наметнатите одговорности, кои сега се видоизменети и позатегнати – истакна Чавдаревска.

Надлежните уверуваат дека администрацијата е добро запознаена со законот и е подготвена да го спроведе. Како што напомена Игор Кузевски, генерален секретар на Дирекцијата за заштита на личните податоци, особено се подготвени инспекциските служби што ќе вршат супервизија во однос на почитувањето на одредбите од страна на компаниите.

– Да не го гледаме законот низ призма на „пеналење“. Со супервизискиот надзор ќе се настојува да се минимизира најслабата алка во информациската сигурност, процесите да се случуваат што е можно поавтоматизирано, да се обезбеди прифатлив, минимален ризик кога станува збор за обработка на личните податоци за да не се случуваат пенетрација во приватноста и евентуални злоупотреби – посочи Кузевски.

Законот за заштита на личните податоци се изработуваше во 2017 година во консултација и со бизнис-секторот. Сега е во Министерството за правда и наскоро треба да се пушти во владина и собраниска процедура. По усвојувањето ќе треба да се донесат уште 30 подзаконски акти. Во Европската Унија законот е усвоен во мај 2016 година, но со преодниот режим од две години, почна да се имплементира од мај лани.