Заев: Инвестициските можности на нашата земја се отворени и постојано се зголемуваат

50

Во рамки на работната посета на Обединетото Кралство премиерот Заев и вицепремиерот Анѓушев учествуваа на Форумот „Инвестициски можности во брзорастечкиот регион“ во организација на Фајненшал Тајмс посветен на земјите од Западен Балкан.

Во чест на гостите на Форумот, заменик премиерот на Обединетото Кралство Дејвид Лидингтон организираше и работен појадок за премиерите на земјите учеснички од Западен Балкан, Србија, Албанија и Македонија на којшто се разговараше за перспективите за унапредување на регионалната соработка и за значајната улога што Обединетото Kралство ја има во воспоставувањето на добри и релаксирани политички релации меѓу земјите од Западен Балкан и за унапредување на економската соработка и размена.

 

Денешниот Форум во организација на Фајненшал Тајмс беше оценет како значаен чекор во исполнувањето на тие цели.  Свои воведни обраќања на Форумот имаа директорот на Европската банка за обнова и развој, Сума Чакрабарти кој ја оцени нашата земја како успешен пример на лидерство кое ги отвори перспективите за развој на земјата преку храбри одлуки и регионалната директорката на Светска Банка за Западен Балкан, Линда ван Гелдер која рече дека земјите од Западен Балкан треба да работат на забрзување на економскиот раст и ја наведе нашата земја како успешен пример бидејќи се наоѓа на десеттото место на Дуинг Бизнис, извештај на Светска банка.

– Инвестициските можности на земјата се отвораат и се зголемуваат. Агенцијата Фич го подобри кредитниот рејтинг на нашата земја од ББ на ББ+ и тоа е прво подобрување на кредитниот рејтинг на земјата после цели 13 години. Ова е потврда на квалитетот на економските политики и на одличните ефекти што тие ги даваат – рече премиерот Заев на панел дискусијата со премиерите на Србија и Албанија, Ана Брнабиќ и Еди Рама.

Премиерот Заев рече дека Западен Балкан се разликува многу за разлика од периодот пред десет години, земјите денеска работат на поврзување и на интензивирање на економската соработка што е добра причина инвеститорите да го препознаат овој дел од Европа како атрактивна бизнис дестинација.

– По завршувањето на билатералните спорови и постигнувањето на договори со Грција и Бугарија, ние ги отворивме нашите евроинтеграциски процеси и перспективите за економски развој. Со Грција ја зголемивме трговијата за околу 20 проценти по постигнувањето на договорот. Вкупниот извоз ни бележи раст од 16.8 отсто. Очекувам конкретни позитивни одлуки за нашата земја и Албанија – рече премиерот Заев.

Тој додаде дека според последно објавениот извештај на Конференцијата на ОН за трговија и развој за инвестициите во светот, странските директни инвестиции пораснале за 260 отсто од просекот во последните години и минатата година изнесувале 737 милиони долари и посочи дека економските индикатори се значително подобрени, намалена е невработеноста за 4.8 отсто, за 8 отсто пораснато е индустриското производство, економскиот раст во првиот квартал изнесува 4.1 отсто, а ќе се работи посветено на негово забрзување за да се достигнат стапки од 6 или 7 отсто потребни за побрзо да се достигне европскиот стандард.

Премиерот Заев рече дека земјите од Западен Балкан работат на зголемување на регионалната соработка преку Берлинскиот процес и како пример го наведе отворањето на One Stop Shop како модел за олеснување на трговијата меѓу земјите. Премиерот Заев ги повика присутните претставници на компании од Обединетото Кралство да инвестираат во земјите од Западен Балкан кои нудат добри можности за нови инвестиции што за компаниите ќе значи профит а за нашите држави, нови работни места, пренос на знаења и компетенции и раст на БДП.