Заев: Вложуваме во децата за силна економска иднина

50

Премиерот Зоран Заев денеска се обрати на свеченоста по повод комплетирање на изградбата на основното училиште „Вера Јоциќ“, во општина Гази Баба.

Во својот говор Заев истакна дека вложувањето во младите и во децата во училишна возраст претставува силен влог во иднината.

-Учениците кои учат во училиштето ‘Вера Јоциќ’ ќе добијат нова модерна мултифункционална спортска сала за една година од сега. Со тоа се отвораат големи можности за спортување и негување здрави навики на учениците, децата и младите од општина Гази Баба. Оваа сала ќе биде одлично катче на кое спортските здруженија и клубови ќе регрутираат и откриваат нови спортски таленти“- рече Заев и додаде дека во салата во која ќе се тренира и игра мал фудбал, одбојка, кошарка, ракомет, гимнастика и други спортови и граѓаните на Гази Баба ќе имаат можност да се собираат на спортски натпревари за, како што кажа, одлична дружба и забава во општината.

Од владината прес-служба информираат дека училиштето „Вера Јоциќ“ е едно од четирите новоизградени училишта во последниот период, а во тек е изградбата и на други две нови училишта.

-Владата заедно со Министерството за образование и општините работи интензивно на изградба на капитални објекти во образованието. Остануваме силно посветени на вложување во човечкиот капитал, во луѓето и децата како наш врвен приоритет и поттик да изградиме долгорочна одржливост на една силна економија која ќе отвора шанси и можности за сите- нагласи премиерот на свеченоста.

Почетокот на градежните работи за изградба на нова спортска сала на училиштето, со свое обраќање го означи и градоначалникот на Гази Баба, Борис Георгиевски.

-Салата ќе биде комплетно опремена со спортска опрема и реквизити, со соблекувални и санитарни јазли, туш кабини и канцеларија за професорите, а ќе се протега на површина од 650 квадратни метри. Салата е енергетски ефикасна, а ќе има и пристап за лица со инвалидитет- рече градоначалникот.

Од Владата информираат дека со проектот за изградба на 145 спортски сали потпомогнат од Банката за развој при Советот на Европа, изградени се вкупно 69 сали, а во тек е изградба и на 15 нови.