Заев-Анѓушев: Домашните инвестиции охрабруваат и ја движат економијата напред

616

Домашните инвестиции охрабруваат и ја движат економијата напред, оценил премиерот Зоран Заев, при вчерашната заедничка посета со вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев на компанијата „Подгорка“ во Струга.

Владината прес-служба денеска соопшти дека на средбата со раководството на компанијата, премиерот истакнал дека Владата останува партнер во создавањето на поволни услови за раст и развој на бизнис секторот. 

–  Охрабруваат ваквите решителни инвестициски чекори на домашна компанија којашто успеа со квалитетен проект да добие европски средства од ИПАРД програмата. Посебно радува што станува збор за домашна компанија којашто ќе отвори нови работни места и ќе донесе нова вредност во нашата економија. Ве охрабрувам и понатаму да влегувате во нови инвестиции, Владата и институциите се ваш партнер во создавањето поволни услови за раст и развој на вашите бизниси, истакнал Заев.

Компанијата, која се занимава со производство, обработка и пакување на месо, планира  до крајот на 2019 година да изгради фабрика во која ќе бидат вработени 80 граѓани.  Инвестицијата е вредна 5,5 милиони евра и е кофинансирана со средства од ИПАРД програмата.

Сопственикот Мевмед Џемајловски изразил благодарност до државните институции кои брзо и навремено помогнале во процесот на подготовка и комплетирање на потребната документација за аплицирање. 

– Институциите ја препознаа и разбраа економската важност на нашата инвестиција. Објектот ќе биде изграден според стандардите за енергетска ефикасност, а производствениот процес во фабриката ќе се одвива според најмодерни европски стандарди. Нашата цел е да ги отвориме регионалните пазари и да извезуваме во соседните земји, рекол Џемајловски.

Вицепремиерот Анѓушев очекува и други домашни компании да изработуваат квалитетни проекти и да аплицираат за поддршка од ИПАРД фондовите. – Оваа домашна инвестиција нека мотивира и поттикне многу домашни инвеститори да ги следат ваквите храбри чекори. Целта е да се реализираат што е можно повеќе успешни домашни инвестиции. На компаниите им стојат на располагање и мерките од Планот за економски раст кој поддржува нови инвестиции и раст на конкурентноста, рекол Анѓушев.