Задолжувањата значително го стеснуваат фискалниот простор

110
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во следниот период фискалната политика мора да биде водена по строги правила, со ефикасно и ефективно трошење на расположливите средства и со целосно избегнување популистички мерки, како и со давање приоритет на проекти со најголем мултипликатор, укажуваат економистите по објавата дека јавниот долг достигнал скоро 60 отсто од бруто-домашниот производ

Ширењето на пандемијата на ковид-19 ги влоши економските перформанси на поголем дел од земјите во светот, поради што повеќето влади посегнаа кон нови заеми за да ги покријат буџетските трошоци. За надминување на кризата и македонската влада пристапи кон нови задолжувања поради кои јавниот долг достигна скоро 60 отсто од бруто-домашниот производ.

Ваквата состојба, според економистите, била неизбежна со оглед на состојбите со вирусот и потребата од итни решенија, но притоа укажуваат дека е многу важно во следните одлуки за задолжување надлежните да имаат на ум дека секое следно задолжување мора да се враќа.

Да се планира давање приоритет на проекти со најголем мултипликатор

– Зголемувањето на јавниот долг во услови на економска криза од овој размер е очекуван. Но истовремено во текот на следните две години доспеваат 1,2 милијарда евра по основа на претходни позајмувања. Ваквата состојба значајно го намалува фискалниот простор. Оттука, во следниот период фискалната политика мора да биде водена по строги правила, ефикасно и ефективно трошење на расположливите средства, целосно избегнување популистички мерки и давање приоритет на проекти со најголем мултипликатор. Но истовремено да се размислува и за модел што ќе обезбеди повисоки приходи, првенствено преку зголемување на основата за оданочување – вели Благица Петрески, главна економистка во институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“.

Во согласност со информациите што ги објави Министерство за финансии, јавниот долг, заклучно со второто тримесечје од 2020 г., изнесува 59,5 отсто од БДП, што споредено со претходното тримесечје е поголем за 8,8 процентни поени. Додека државниот долг заклучно со второто тримесечје достигна 50,7 отсто од БДП, споредено со претходното тримесечје е поголемо за 8,9 процентни поени.
Од министерството појаснија дека покачувањето на јавниот и на државниот долг во вториот квартал се должи пред сѐ на повлекувањето средства преку еврообврзницата и на заемот од Меѓународниот монетарен фонд, за обезбедување ликвидност за време на кризата со ковид-19, за обезбедување средства за реализација на антикризните мерки и за непречено извршување на буџетот и покрај кризата, односно покривање на зголемениот дефицит поради падот на приходите како резултат на кризата.

– Задолжувањата во оваа состојба беа неопходни, како и секаде во светот, но земјите при секое задолжување треба да ја земат предвид способноста за враќање на задолжувањето во иднина, односно за исполнување на обврските кон странските кредитори. Ако државата ги искористи овие средства за инвестиции со кои потоа ќе расте БДП и ќе има доволно средства за да го врати долгот и да троши, тогаш задолжувањето може да биде и 100 отсто од БДП. Најзадолжена земја во светот е Јапонија, но странските кредитори не се двоумат дали да им дадат пари на заем на Јапонците, бидејќи знаат дека тие ќе ги искористат средствата за инвестиции, кои ќе креираат добивка и ќе има пари и за враќање на долгот и за раст – посочува Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии.

Како до оптимално задолжување

Сепак, Хајредини истакна дека Македонија и земјите од соседството се наоѓаат во сосема поинаква ситуација од Јапонија. Истакнува дека иако задолжувањето било неминовно, мора да се води сметка како се трошат средствата.

– Земјите како Македонија и соседните се во поинаква ситуација, бидејќи тие се задолжуваат за буџетска потрошувачка, а не за вложување во инвестиции што ќе генерираат раст. Ако државата се задолжува со стапка над 3-4 проценти поголема од растот на БДП, а ние имавме ситуација кога се задолживме со 9 отсто проценти камата на кредитот, тогаш државата е во загуба. Секоја каматна стапка над процентот на раст на БДП е чиста загуба за државата. Ние сега сме соочени со потребата да се задолжуваме за да ги надминеме проблемите од корона-кризата. Ова се пари колку да се одржиме во живот во моменталната состојба, да не тонеме… Соочени сме, како и цел свет, со неизвесност. Колку ќе трае кризата од пандемијата, што ќе биде потребно за нејзино надминување или сузбивање, тешко е да се каже, како што е тешко да се каже и што точно треба да се преземе. Треба соодветно да се одмеруваат информациите и да се најде оптималната задолженост, но мора да се води сметка дека секое задолжување мора да се враќа и дека ги задолжуваме идните генерации, па ако не сме внимателни нема да се гледа крајот на задолжувањето, бидејќи сме сведоци и на задолжување и на раздолжување, така што треба да се биде многу внимателен во следните вакви одлуки – прецизира Хајредини.

Владата пред истекот на својот мандат ја донесе новата Фискална стратегија од 2021-2023, во која беше посочено дека економијата погодена од корона-кризата годинава ќе има помал економскиот раст и помали приходи, а јавниот долг ќе расте. Во стратегијата стои дека економските мерки во посткризниот период ќе бидат насочени кон стимулирање на личната потрошувачка на граѓаните и дополнителна поддршка на стопанството за заштита на ликвидноста и на работните места, зголемување на конкурентноста, продуктивноста и модернизирање на опремата и на процесите.