Забрана за чување свињи во домашни услови

646

Иницијатива на Агенцијата за храна и ветеринарство и здружението на производители на свињи и свинско месо

За елиминирање секаква можност од појава и ширење на болеста африканска свинска чума, сериозно ќе биде разгледано барањето за воведување забрана за одгледување свињи во селските домаќинства за сопствени потреби

Надлежните размислуваат да воведат целосна забрана за чување свињи во домашни услови за да се спречи ширењето на болеста африканска свинска чума. Алармот за опасност од појава и ширење на болеста кај одговорните институции и одгледувачите е дигнат на највисоко ниво. Како што информираат од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХБ), се бара законско решение за воведување забрана за чување свињи на одгледувалишта што немаат воспоставено соодветни биосигурносни мерки. Ова било договорено на состанокот на директорот на АХВ, Зоран Атанасов, со претставниците на здружението на производители на свињи и свинско месо „Гицко“. Целта е да се намали ризикот од појава на болеста африканска свинска чума, која е веќе присутна во соседните земји. Наедно се планира и да се пронајде модел со кој ќе се овозможи организиран откуп на свињи што се одгледуваат во селските домаќинства по пазарна цена, без оглед на категоријата и килажата на животните.

– Во согласност со Законот за ветеринарно здравство, одгледувачите на свињи што не ги спровеле обврските за здравствена заштита на животните, односно не воспоставиле биосигурносни мерки на фармите, ќе се соочат со предвидената санкциска мерка да не им биде исплатена отштета за убиените животни при спроведувањето на мерките за искоренување на болеста. Затоа и сегашната кампања на АХВ е насочена кон подигнување на биосигурносните мерки на одгледувалиштата – истакна директорот Атанасов.

За елиминирање секаква можност од појава и ширење на болеста африканска свинска чума, сериозно ќе биде разгледано и барањето на здружението „Гицко“ за воведување мерка забрана за одгледување свињи во селските домаќинства за сопствени потреби, од причина што во услови на сериозна епизоотиолошка состојба во соседството и реална опасност од пренесување и ширење на болеста, сега не е време за ваков начин на одгледување свињи.

На состанокот беше презентирана состојбата во секторот свињарство во нашата земја, со акцент на бројната состојба на фармите каде што се одгледуваат свињи и степенот на имплементираност на биосигурносните мерки, како една од основите за спречување појава и ширење на болеста африканска свинска чума. Во согласност со пописот на свињарските фарми, кој во март годинава го спроведе Агенцијата за храна и ветеринарство, во земјава се евидентирани 2.315 одгледувалишта на овој вид добиток, со вкупно 125 илјади свињи. Најголемиот дел, или 42 проценти од свињите се одгледуваат во вардарскиот регион, 21 процент во источниот регион од земјава, додека помал број одгледувалишта и единки се евидентирани во другите региони.

Околу 95 илјади гоеници се одгледуваат во 27 комерцијални фарми, кои имаат над 500 свињи, а 2.315 фарми се со помал капацитет и во нив се одгледуваат под 100 грла свињи. Околу 12 илјади свињи се одгледуваат во 78 одгледувалишта.
Како најголема опасност од појава и ширење на болеста африканска свинска чума, покрај дивите свињи, големите одгледувачи ги посочија и селските домаќинства, но и неевидентираните одгледувачи што имаат по неколку единки, претежно наменети за сопствена употреба.