Животот под висок напон

106
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Доколку се на соодветно растојание, далноводите со висок напон немаат штетно влијание врз здравјето и животот на луѓето што живеат во станбени згради и индивидуални куќи или, пак, на некој начин се лоцирани во нивната близина, уверуваат експертите. Но како што и самите истакнуваат, не е секогаш така

УРБАНИСТИЧКИОТ ХАОС ОПАСНО ГИ ЗБЛИЖИ ЛУЃЕТО И ДАЛНОВОДИТЕ

Во сеопштиот урбанистички хаос сѐ почесто можат да се забележат разни објекти, меѓу кои и тие за живеење, при што има примери дури и на легално изградени објекти за колективно домување во близината на високонапонски далноводи, што, освен прашањето кој кому му го узурпирал просторот, секако, наметнува и редица дилеми во однос на безбедноста и на жителите и на далноводите. Експерти за оваа проблематика тврдат дека доколку се на соодветно растојание, далноводите со висок напон немаат штетно влијание врз здравјето и животот на луѓето што живеат во станбени згради и индивидуални куќи или, пак, на некој начин се лоцирани во нивната близина. Но како што и самите истакнуваат, не е секогаш така.
– Проблем се објектите од втора категорија изградени на локално ниво во 2009, 2010 и 2011 година, кои имаат третман на нелегално изградени објекти. Тие прават проблем, на нив, на нивната околина далноводите штетно влијаат врз здравјето на луѓето – велат од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, информирајќи дека МЕПСО при изградбата на објекти од прва категорија си обезбедува одобренија за поставување на далноводите.
Но мошне загрижувачки е примерот на таканаречените социјални згради на булеварот Босна и Херцеговина во скопската населба Бутел.
– За близината на 110-киловолтен далновод кај социјалните згради во Општина Бутел, каде што тој е оддалечен можеби околу 20-30 метри, немам точен податок. Според досегашните искуства, од извршени мерења во слични ситуации во близината на двосистемски 110-киловолтен надземен вод, нивоата на електричното и магнетното поле при нормални околности не ги надминуваат референтните вредности предложени од Меѓународната комисија за заштита од нејонизирачки зрачења (ИЦНИРП) под далновод, на еден метар од нивото на земјата и во неговата околина.

Конкретно, во повеќето случаи, измерените нивоа на магнетнотото поле под 110-киловолтен далновод изнесувале околу 1-2 отсто од референтните нивоа од ИЦНИРП за јавно изложување, додека нивоата на електричното поле изнесувале околу 20-30 отсто од референтните нивоа. Сепак, секој случај има свои специфики и измерените нивоа можат да варираат – вели Благоја Мраковски, доцент на Факултетот за електротехника и информациски технологии на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Тој додава дека фактор што влијае на измерените нивоа на магнетното поле е јачината на струјата што се води низ спроводниците, додека врз нивоата на електричното поле влијае напонското ниво на далноводот, потоа влијаат меѓусебната оддалеченост на водовите и оддалеченоста на водовите од набљудувачот итн. Во секој случај, според него, мала е веројатноста за надминување на референтните нивоа од ИЦНИРП за електричното и магнетното поле на дадениот пример на локацијата кај социјалните згради во Бутел.
– Референтните нивоа предложени од ИЦНИРП, кои се однесуваат на електричното и магнетното поле на ниски фреквенции, се поставени за да се обезбеди заштита од акутни или краткотрајни ефекти на електричното и магнетното поле со голем интензитет (додека трае изложувањето), кои се резултат на индуцирани струи во телото на човекот, а кои може да се манифестираат со стимулација на нервниот систем, мускулни контракции, влијание врз перцепцијата или, пак, да обезбедат заштита на лица што употребуваат активни електронски медицински помагала како пејсмејкер, за да не се наруши работата на овие уреди.

Овие референтни нивоа не предвидуваат заштита од хронични здравствени ефекти од долгорочно изложување, пред сѐ бидејќи нема цврсти докази за поврзаност на електричното и магнетното поле на ниски фреквенции на 50 херци со какви било долгорочни здравствени ефекти, вклучувајќи и поврзаност со канцер. Сепак, магнетното поле е класифицирано како „можно канцерогено врз луѓе, класа 2б“ поради слаба поврзаност со леукемија кај децата, која е укажана од некои студии. Слична поврзаност не е поставена и за електричното поле на ниски фреквенции – појаснува доцентот Марковски.
Од ЕВН информираат дека во сопственост на Електродистрибуција ДООЕЛ Скопје се само 35-киловолтни и 110-киловолтни далноводи, додека тие со повисоко напонско ниво се на МЕПСО.
– Во Правилникот за изградба на надземни електроенергетски водови со номинален напон од еден киловолт до 400-киловолтни се дефинирани сигурносните растојанија на делови од објектите што се во близината на високонапонски далноводи од деловите на далноводите што се под напон (спроводниците од далноводите). Овие сигурносни растојанија се различни и зависат од тоа дали се работи за пристапни или непристапни делови од објектот (за пристапни делови се поголеми, а за непристапни делови се помали), како и од номиналниот напон на далноводите (колку е повисок напонот толку се поголеми овие растојанија). За пристапни делови од објект се сметаат тераса, балкон, градежно скеле и слично, а непристапни се покрив, оџак итн. – објаснуваат од ЕВН.

Оттаму додаваат дека постои законска рамка што ја пропишува оддалеченоста.
– Во согласност со Законот за енергетика од 2018 година, не се дозволени градење објекти, засадување дрвја и слично под далновод или во негова близина ако со тоа се нарушува процесот на производство, пренесување и дистрибуција на електрична енергија. Во согласност со Законот за градење, за изградба на објект е потребно одобрение за градење. За издавање на ова одобрение од страна на надлежниот орган, претходно се бара мислење, помеѓу другите субјекти и од надлежен субјект за електроенергетска инфраструктура (вклучувајќи и за високонапонски далноводи). Доколку објектот не е на соодветно сигурносно растојание, односно сигурносна висина и оддалеченост, надлежниот субјект ќе даде негативно мислење. Тие што ќе добијат одобрение за градење, пред почнување со градбата имаат обврска за тоа да го известат операторот на дистрибутивниот систем во случај ако градат во близината на високонапонски далновод, односно во заштитен појас на високонапонскиот далновод – објаснуваат од ЕВН и додаваат дека доколку се на соодветно растојание, далноводите со висок напон немаат штетно влијание по здравјето и животот на луѓето што живеат во станбени згради или индивидуални куќи во нивна близина, ниту пак имаат влијание врз уредите во нивните домови.