ЕУ се заканува со царини за увоз на возила од САД

138

Белата куќа добила известување од американското Министерство за трговија дека ЕУ би можела да воведе царини за увоз на автомобили од САД, што би можело да предизвика дополнителни тензии во односите меѓу Брисел и Вашингтон.

Европската комисија ја потврди ваквата намера, наведувајќи дека тоа би било остварување на ветениот „брз и експерсен одговор“, доколку САД ги остварат своите најави за воведување царини за увоз на автомобили произведени во ЕУ.

Најавата од ЕУ уследи по информациите од САД дека американскиот претседател би можел да воведе царини за увоз на европски возила во следните 90 дена.

Трамп уште лани во мај издаде налог да се изработи анализа за последиците од увозот на европски автомобили во САД по американската национална безбедност.

Американското Министерство за трговија во својата анализа врз основа на ова барање, ја известило Белата куќа дека ЕУ како реципрочна мерка би можела да воведе царини за автомобилите произведени во САД.

По добивањето на извештајот од Министерството за трговија, Трамп има рок од 90 дена да реши дали ќе воведе царини за европските автомобили.

Лани во јули Трамп и претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер постигнаа „трговско примирје“, со кое се предвидува дека ниту една страна нема да воведува нови царини додека траат преговорите.

Белата куќа лани како аргумент за воведување на царините за увоз на челил и алуминиум од ЕУ наведе дека овие стоки проиведени во Европа „ја поткопуваат американската производствена база и воената готовност на САД“.

Трамп се закани со водедување на царини од 25 отсто за увоз на европски автомобили, мерка која најмногу би ја погодила германската автомобилска индустрија

Гераманската канцеларка Ангела Меркел во реакција на најавите од Вашингтон оцени дека е неприфатливо  увозот на европски автомобил да се третира како закана за националната безбедност за САД, потврдувајќи ја можноста ЕУ да воведе царини за американските автомобили како реципрочна мерка.

Во текот на 2017 година речиси половина од 17-те милиони продадени автомобили во САД биле од увоз, во најголем дел од Канада и Мекиско. Лани, пак, германските автомобилски компании извезле околу 470.000 автомобили во САД.