По реакциите од експертската јавност во Македонија, базирани на технолошки и на еколошки анализи врзани за начинот на работењето на рудници за бакар и за јаглен во светот и во регионот, и во тој контекст експертските проекции за потенцијалниот импакт од примената на таа технологија на животната средина во регионот на Струмичко, канадската компанија „Еуромакс ресорсис“ донесе одлука со која првпат излегува во јавноста дека нема да експлоатира злато, така што во нивниот технолошки процес нема да бидат користени цијанид и сулфурна киселина. Таквиот чекор од „седум милји“ е за поздравување и со исклучителен напредок за сите засегнати страни. За ова веќе е информирана и Владата

Канадската компанија „Еуромакс ресорсис“, која ќе го гради и ќе стопанисува со рудникот „Иловица – Штука“, со дециден став: Нема воопшто да користат цијанид и сулфурна киселина, бидејќи воопшто и нема да се експлоатира злато! Тие подвлекуваат дека со отстранувањето на цијанидот од процесот за обработка на рудата, примарниот производ на проектот „Иловица – Штука“ ќе биде само бакар, а не и злато и бакар, како што претходно беше најавено.

– Главниот процес на преработка на рудата е флотација, физички процес преку кој ќе се произведува бакарен концентрат и тој ќе биде транспортиран во топилница во Бугарија, каде што како продукт ќе се добие злато – вели Борка Ковачевиќ, координатор за прашања поврзани со земјиштето во „Еуромакс ресорсис“.
Како што велат од компанијата, имајќи го предвид ставот на населението и локалната заедница, менаџментот на компанијата донеле одлука да не го користат цијанидот во постапката, како и сулфурната киселина.

– Користењето на овие материи беше предвидено во првиот проект, но поради загриженоста на населението, на земјоделците, ние имавме чувство на одговорност и бидејќи сметаме дека треба да сме отворени и транспарентни, го изменивме проектот, и во декември минатата година доставивме официјални информации до Министерството за економија и до Владата дека нема да користиме цијанид и сулфурна киселина – објаснува Ковачевиќ.

Од компанијата велат дека отворањето на рудникот ќе има корист за локалната и националната економија. Ќе се отворат 500 нови директни работни места и над 2.700 индиректни вработувања во компаниите изведувачи.

– На национално ниво проектот ќе учествува со три отсто од БДП на Македонија и ќе обезбедува даночни приходи во висина од 24 милиони евра годишно – нагласува Ковачевиќ.

Таа додава дека 15 години се прават истражувања за почвата, водата и воздухот, какви би биле влијанијата.

– Се утврдува каков би бил ефектот, сето тоа се прави по највисоки стандарди, минимум гранични влијанија за бучава, прашина, загадување на воздух, се утврдува влијанието и се предвидуваат мерките ако има средно или незначително влијание. Во најголем дел има незначително влијание. Во однос на земјоделството ниту педа од земјоделското земјиште не се зема, и нема влијание на подземните води, ниту пак на површинските води, односно нема да има влијание врз земјоделството. Ние дури тврдиме дека ќе има и флуктуација на население, ќе има зголемен број на жители, на вработувања, ќе има поголема потреба од храна, ќе има зголемување на одгледувањето на стока и на земјоделски култури – смета Ковачевиќ.

Населението со право, превентивно е загрижено и реагира дека тој предел ќе биде целиот во прашина, но од „Еуромакс ресорсис“ сериозно тврдат и гарантираат дека такво нешто нема да има, односно ќе постои крупна прашина, а ќе се третира со вода и самата ќе се таложи.

– Повеќе прашина и бучава ќе има од транспортот наместо од самиот коп. Тоа е крупна прашина и само ја растресуваме земјата, нема да има ниту експлозија, ниту минирање – објаснува Ковачевиќ.

Како што појаснува Митко Лиговски, геолог во компанијата, пред проектот најпрво се правеле геолошки истражувања, кои траеле од 2004 до 2011 година, па потоа следувал целиот проект, кој се работи сѐ уште.

– Во однос на стравувањето за браната од страна на граѓаните ќе напоменам дека тоа не е класична и не се работи за вертикален ѕид, туку насип со брана и заради безбедноста ќе биде во висина како другите брда и ќе се вклопи во релјефот на околината, а наедно околу ќе има автохтони растенија – истакна Лиговски.

Тој додава дека насипот претставува структура за задржување и складирање на отпадната карпа на рудникот. Браната ќе се гради во фази во текот на 23-годишниот животен век на рудникот како камено-насипна градба со мала косина.

– Водата во Штука Река ќе се пренасочи со отворен канал, по браната каналот повторно влегува во Штучка Река, таа вода нема да биде во контакт со хидројаловиштето. Насипот ќе се изгради исклучиво од карпест материјал и нема да има ризик од напукнување, па дури и при најекстремните настани како максимален земјотрес. Ќе има и ревегетација по затворањето на рудникот, ќе се обнови и рамниот дел од хидројаловиштето. Населението мисли дека водата во хидројаловишето е валкана вода, и дека ако има некоја незгода, таа ќе стигне дури и до Егејско, но не е така, бидејќи нема хемиски процеси, нема во водата ништо што не би можеле да го употребиме назад во процесот, а ние сите мерки за безбедност ги имаме преземено – напоменува Лиговски.

Ковачевиќ додава дека флотацијата има употреба на пенливци, кои не спаѓаат на опасни материи, и гасена вар и вода и ова спаѓа во модерно рударство што ќе ги запази сите мерки.

– Водата што ќе отиде на хидројаловиштето заедно со сомелениот остаток од карпата, што е одвоен од металите, металите ги носиме како полуконцентрат, карпата од сомелениот дел ќе се наталожи, а водата со пумпи цела ќе ја вратиме кон процесот – вели Ковачевиќ.

Борка Ковачевиќ и Митко Лиговски
Фото: Маја Јаневска-Илиева