Есенското сонце ги спржи плановите за сеидба на пченицата

197
Повеќето земјоделци не ораат во јули, туку во есенските месеци, но сега земјата е сува - Фото: Маја Јаневска-Илиева

Поради долгиот сушен период и малото количество врнежи, досега се засеани само дваесетина проценти од нивите на кои вообичаено се сее пченица. Познавачите велат дека состојбата може да се надмине, доколку во следниов период наврнат околу 100 литри дожд на квадратен метар

Земјоделците чекаат дожд и поголема влага во почвата за да почнат со орање на нивите и со есенската сеидба. Поради долгиот сушен период и малото количество врнежи, досега се засеани само дваесетина проценти од нивите на кои вообичаено се сее пченица. Тоа се претежно покрупните земјоделски стопанства, додека помалите земјоделци сѐ уште чекаат, оти поради сушата земјата тешко се обработува. Познавачите велат дека состојбата може да се надмине доколку во следниов период наврнат околу 100 литри дожд на квадратен метар.

– Повисоките и натпросечни температури на воздухот придонесоа за губење и на онака малата влага во почвата. Дефицитот на врнежи од околу 80 литри и понатаму е долната граница, која е потребна за активно почнување на подготовките за есенската сеидба. Очекуваното променливо време со повремени врнежи од дожд ќе ја подобри состојбата, но нема целосно да ја реши – велат агрометеоролозите.
Земјоделците посочуваат дека состојбите се лоши, напоменуваат дека не можат да ги ораат нивите бидејќи земјата е многу сува и немаат соодветна механизација за такво орање.

– Состојбата во нивите е лоша, не може да влеземе за да посееме. Некои земјоделци успеаја да посеат бидејќи ги ораа нивите во текот на летото, но ние другите ќе мора да чекаме дожд. Ако ораме сега се оптоваруваат машините, се зголемува трошокот – вели земјоделец од Пелагонија.

Професорот од Факултетот за земјоделски науки и храна, Дане Бошев, посочува дека доколку нивите се подготвени за сеидба, односно се изорани, сеењето на есенските култури не би доцнело. Сепак, бидејќи поголем дел од земјоделците чекаат есенски дождови и немаат соодветна механизација за суво орање, сеидбата сѐ уште не ја започнале.

– Рокот за сеење јачмен веќе е при крај, додека, пак, за пченицата сѐ уште има време. Сепак, не мора сѐ да биде по книга. Повеќето земјоделци не ораат во јули, туку во есенските месеци, но сега земјата е сува и потребно е зголемување на влажноста за да ораат и да сеат. Доколку заврне, сеидбата нема да доцни бидејќи повеќето земјоделци имаат мали парцели, па за кратко време ќе ги изораат. Засега сеидбата е почната само кај големите комбинати – истакна Бошев.

Во Македонија годишно се сеат од 75 до 80 илјади хектари земја со пченица, а со јачмен од 40 до 45 илјади хектари. Вкупните потреби од пченица во земјава се движат помеѓу 300 и 350 илјади тони.

– Доколку се посеат 80 илјади хектари со пченица, треба да има високи приноси за да се задоволат домашните потреби. Сепак, кај нас приносите се мали, а дел од производството оди за сточна храна. Недостигот се пополнува со увоз на пченица и на брашно – додава професорот.

Тој истакнува дека климатските промени веќе се чувствуваат со поместување на вообичаените текови на климата за овој регион и напоменува дека иако во годината може да наврне доволно количество вода, истата таа може да биде со лош распоред.
Професорот вели дека проблемот делумно би можел да се надмине со други видови пченица, кои повеќе одговараат на сушни временски услови, но истакнува дека тие се со послаби приноси така што, според него, подобро решение би било да се инсталираат системи за наводнување.

– Како и секоја земјоделска култура за која има храна и вода, таа ќе даде род. Битно е да се елиминира факторот ризик, кој во овој случај е сушата. Ако се има соодветни системи за наводнување, кои функционираат цела година, тогаш факторот суша ќе се елиминира. Кај пченицата е потребно многу вода за да се наводнува и ако се надмине тоа, тогаш нема да има проблеми во нејзиното одгледување. Во земјоделството сѐ зависи од времето. Ако има вода на располагање, дури и да се засееше и на олку високи есенски температури, пченицата убаво ќе изртеше и ќе ги зацврстеше корените – заклучува Бошев.