Есенската суша го претвори езерото Козјак во мини-акумулација

229
Езерото Козјак имало и подобри денови Фото: Маја Јаневска-Илиева

Жителите на крајезерските села, рибарите и сите што имаат различен тип дејност поврзана со езерото Козјак, се надеваа дека есенските врнежи од дожд ќе помогнат во значителна мера да се зголеми водостојот. Но, за жал, нивните очекувања, барем засега, не се остваруваат

Најдлабокото вештачко езеро во земјава, Козјак, кое со вода се напојува од реката Треска и нејзините притоки, како и од помалите рекички и извори во крајезерскиот појас, сѐ уште е далеку под нивото карактеристично за овој период од годината. Во меѓувреме, жителите на крајезерските села, рибарите и сите што имаат различен тип дејност поврзана со оваа акумулација, се надеваа дека есенските врнежи од дожд ќе помогнат во значителна мера да се зголеми водостојот на езерото. Но, за жал, нивните очекувања, барем засега, не се остваруваат.

– Повеќемесечната суша што траеше во текот на летото и првите месеци од есента, крајно неповолно се одрази врз нивото на водата во езерото Козјак. Според наши согледувања и процени, водата од почетната кота до каде што беше редовно присутна, е значително повлечена и моментално оваа акумулација со ништо не личи на некогашното езеро, со најголема длабочина и должина во земјава. Ваква водна криза и толкаво повлекување на езерото досега немало, со исклучок на периодот од пред неколку години, кога состојбата со водостојот на Козјак беше многу слична.

Намалувањето на количеството вода во езерото, придонесе водостојот да биде многу понизок и моментално оваа убавина создадена од човечки раце во спрега со природата, да е во многу непријатна состојба – велат жителите на крајезерските села.
Стравувањата се оправдани и ако продолжат овие сушни периоди и следните години, без врнежи од снег, езерото може да се претвори во мини-акумулација. Локалното население оваа година ја зема како репер за најкритичен водостој на езерото Козјак досега.

– Нивото на езерото и други години поради недоволниот доток на вода се спушташе по неколку метри, но годинашното намалување на водостојот, според наши процени, е најголемо од неговата изградба. Ако и следните години продолжат долготрајните суши, постои оправдан страв дека големината на езерото драстично ќе се намали. Видливо е подобрување на количеството вода во Треска, но тоа како засега да не се рефлектира и врз подобрувањето на хидрологијата на езерото – додаваат жителите.
Сепак, и во оваа водна криза, криволовците продолжуваат да ловат со недозволени средства, што уште толку ја влошува сликата за ова атрактивно место за рибарите.