Еликософт 25 години нуди софтверски апликативни решенија

229

Еликософт е компанија која на македонскиот пазар постои веќе 25 години, создавајќи софтверски апликативни решенија. Станува збор за организација која нуди високо квалитетен производ преку IT дисциплини поврзани со машинско учење, вештачка интелигенција, обработка на големи податочни контејнери, дистрибуирани принципи итн.

Во интервју за весникот Нова Македонија раководителот за развој и напредни технологии во Еликососфт Петар Петровски, го објаснува начинот на работа и процесите низ кои поминува компанијата од идеја до реализација на секој проект.

Како е да се биде дел од компанија која постои толку долго, да се биде дел од бренд кој носи квалитет и доверба?

Убаво е да се биде дел од успешна бизнис приказна во ИТ сферата. Во однос на изминатите 25 години постоење, каде сме биле, а каде сме сега, ја гледам иднината уште подалеку. Работите од почеток до сега, се движеле само по нагорна линија, а јас сум убеден дека така ќе продолжи и понатаму.

Во Еликософт дојдов директно од академската околина, бев на докторски студии во Германија и на мое големо задоволство добив шанса да го покажам и употребам моето знаење. Во академската околина акцентот се става на знаењето, на науката, додека во индустријата, се става на бизнисот. Во образованието бизнисот не е прв, таму работите се прават со цел да се достигне ново ниво во науката, додека во бизнисот целта е профитот. Со успешна имплементација на двете работи, се добива посакуваната позитивна насока на компанијата.

Мојата лична цел е идеите кои ги имам, да ги презентирам пред тимот, кој секогаш е тука за да го продолжи заедно со мене процесот на нивно развивање. Германија ме научи како да размислувам новите технологии да ги склопам во производ. Најважното го научив таму, но тоа што е уште поважно е фактот што Еликософт е компанија која што отвора можност и простор да се имплементираат тие работи, место каде што секој може да се доразвие во конкретната област – ИТ.

Еликософт е компанија која на ИТ пазарот во МКД нуди софтверски апликативни решенија. Да објасниме што знaчи тоа?

Низ текот на годините, Еликософт со своите производи е присутен во повеќе индустрии, како во јавниот, така и во приватниот сектор. Гледано од перспектива на минатото и сегашноста, гледам кои решенија сега ги нудиме и каде можат да бидат најдени.

Акцент би ставил на ЕРП системот. За да се подобри координацијата и размената на релевантни информации меѓу системите и различните учесници во системот и да овозможи компатибилност и размена на податоци со релевантните системи во една компанија се јавува потреба за еден Интегриран систем за размена на податоци и автоматска обработка на податоците.

Вториот производ на кој што би сакал да ставам акцент е HRM (Human Resurce Menagement) и плата. Овој апликативен систем го надополнува претходниот со аспектот на менаџирање на луѓе и пресметки на плати. Функционираат засебно, но најдобро е кога се во комбинација, бидејќи на тој начин се олеснува работата комплетно, се зголемува продуктивноста.

Што се однесува до останатите продукти, нивната бројка е повеќе од 20 кои се успешно имплементирани во системите на нашите клиенти.

Во 25 години постоење, работиме на иднината со полна пареа и подготвуваме нови проекти кои допрва ќе бидат објавени.

Размислувавме кои нови продукти треба да се направат, што бара пазарот, освен тоа што ние го нудиме, а што недостига, за да можеме да понудиме, преку процесот на работа.

Уште една успешна приказна од Еликососфт е ПТСПИ – градежна апликација која веќе постои, а ние имаме намера да ја подобриме и реинвентираме преку нови проекти. Служи за планирање на градежни објекти во изведба и е најдобро решение за оваа област кое што се нуди во моментов на пазарот во Македонија. Единствена е од ваков тип, уникатно решение за помош при планирањето и изведбата во градежништвото. Тоа значи дека компанијата што ја користи оваа апликација, добива помош на тој начин што се дигитализира работењето во однос на документацијата. Наместо да биде на сите страни, сега е на едно место и веднаш достапна. Дава можност да се подготват повеќе проекти во исто време. Да бидеме појасни, не автоматизација, туку дигитализација бидејќи првиот процес заменува, а вториот помага и олеснува. Може да се аплицира на какви било системи и активности во градежниот процес, односно да се водат било какви објекти.

Оваа апликација беше победник на МАСИТ наградите за иновативни ИКТ решенија во 2016 година, што е и официјално признание за квалитетот што го нудиме.
Би сакал да споменам уште две апликации кои се во развој и на кои планираме да биде фокусот во иднина: надградба на ПТСПИ, коа што би овозможила целосна автоматизација во процесот. Успехот таму би бил дека би можело му се помогне на градежниот инженер до таа мера, каде што градежните компании би го зголемиле обртот на средства 2 до 3 пати на годишно ниво.

Втората е автоматизација во индустрија за пакување каде што се планира да се изработи систем кој ќе автоматизира проверка на квалитет за пакување во која било индустрија каде што има ваков процес. Во моментов, таква опција не само што не постои во Македонија, туку ја нема и никаде во светот. И двете опции ги нема на светско ниво, се планираат како продукти кои што би ја носеле промената.

Како дојдовте до оваа идеја?

Идејата е резултат на комбинирано знаење на експертите од ИТ и градежништвото.

Сфативме што недостига во процесот на изведба, бидејќи има многу алатки за проектирање , но нема ништо за изведба. Така дојдовме до множество алатки кои можеме да ги понудиме на градежни компании, кои се клучни, а компаниите немаат како да дојдат до нив, бидејќи некој треба да ги создаде, во случајот Еликософт.

Што се однесува до автоматизацијата во пакувачката индустрија, веќе имаме клиенти кои што исто така користат наш софтвер за дигитализација, а е за проверка  на квалитетот во пакувањето. Новиот софтвер би им помогнал на одговорните во овој процес, во олеснување на истиот и намалување на нивните обврски. Тоа не значи дека ќе останат без работа, туку значи дека ќе можат да се посветат повеќе на останатите работи кои ги имаат како тековни обврски и задачи. Со овој систем планираме да го скратиме времето што е потребно на еден одговорен за проверка на квалитет што би го посветил  на тоа, а би имал повеќе време за редот на другите работи што му се дефинирани како работни задачи.

Kако беше на почетокот, а како е сега, со оглед на тоа дека бевте меѓу првите компании во Македонија кои работеа во оваа област?

Кога си пионер во одредена област е малку потешко, бидејќи не само што треба да се докажуваш, туку треба и да им објаснуваш на луѓето што работиш. Од друга страна пак, ние сме поставиле стандарди кои останатите компании што се појавија на пазарот, мораа да ги следат, одржат и надградат.

Различни работи се очекувале на пазарот тогаш, а различни сега. Од тогашен аспект, многу било потешко да се продаде софтвер бидејќи не биле многу запознаени, а тие пак што биле, имале потешкотија да поверуваат дека тоа ќе ја олесни работата. Делумно и сега се соочуваме со таков проблем. Ако тогаш било тешко да се објасни дека дигитализацијата е иднината, сега тоа го имаме со автоматизацијата. Но, од аспект на решенијата кои во минатото се продавале тешко, сега одат многу полесно. Од аспект на прифаќање производ и наоѓање клиенти, би рекол дека тогаш било полесно, со оглед на малата конкуренција. Но, без разлика колку е голема конкуренцијата, Еликософт, благодарение на своето искуство и квалитет, одлично е позиционирана на пазарот.

Каква е ситуацијата на светско ниво, како е таму во споредба со пазарот во МКД?

За жал, назад сме во однос на ова прашање. Овде се уште се нуди дигитализација, а во странство автоматизација. Таму, клиентите и нивните потреби ги диктираат условите и развојот, кај нас фирмите нудат решенија кои клиентите треба да ги прифатат, ако сметаат дека има потреба. Но, за среќа се оди напред, можеби не со големи чекори, но важно е дека се движиме во позитивна насока.

Што е тоа што ве разликува од конкуренцијата?

Не разликува визијата, уникатноста, иновативноста. Ние секогаш гледаме напред кон иднината, имплементираме новитети кои го олеснуваат работењето, а ја зголемуваат продуктивноста, што е доволна причина да ја добиеме и задржиме довербата на нашите клиенти.

На какви проекти работи Еликософт во моментов, кои се Вашите таргети за во иднина?

Фокусот ќе го ставиме на бизнис процесот, поконкретно негова автоматизација, модели што се добиени од машинско учење и со такви продукти да се отворат патиштата кон глобалниот пазар. Целта ни е тоа да го оствариме во следните 3 до 5 години.

Неодамна, бевте дел од 5-тиот по ред „Технолошки форум“ каде се претставивте со своја презентација на тема „Machine Learning in Industrial Internet of Things”. Кажете ни повеќе за настанот, како поминавте?

Целта на Технолошкиот форум беше да се сподели знаење, наместо да се продаде продукт. Се споделуваат знаења од типот кои се идеите кон кои се движиме, наместо кои се продуктите и која е насоката на движење на целата ИТ индустрија. Целиот форум беше поделен во 5 одделни сесии, јас како претставник на Еликософт, бев дел од четвртиот, дел Machine Learning. Интересно е тоа што за презентираните идеи најголем интерес покажаа институциите со кои имавме и кратка сесија разговори по завршувањето на презентацијата. Позитивната страна на ваквите настани е што навистина се учи многу, се воспоставуваат нови контакти и се отвораат нови можности за надградба на работата.

Која е Вашата порака за младите кои имаат амбиција да градат кариера во ИТ секторот?

Младите секогаш треба да ги следат своите соништа и амбиции, да најдат начин да ги реализираат. Со многу посветеност и работа, успехот ќе следи. Клучна работа според мене е истражувањето. Без разлика дали работат во старт ап или компанија како Еликософт која постои 25 години, процесот на истражување е многу важен, ако не и најважен бидејќи на тој начин ќе бидат во тек со светските трендови и случувања.