Електромобилност за намалување на загаденоста на воздухот

207

Како до помала загаденост од патниот сообраќај во земјава е главната тема на форумот „Намалување на загадувањето на воздухот со електромобилност“, што во Скопје го организира Делегацијата на германското стопанство во Македонија.
Директорот Патрик Мартенс посочи дека во Скопје зиме има проблем со загадувањето на воздухот, и тоа е видливо и ги оптоварува граѓаните.
– Во Македонија стапката на смртност е над европскиот процес. Причина за тоа се пушењето и загадувањето на воздухот. Тоа е поводот да дискутираме во која форма можеме да го забрзаме развојот и среднорочно и долгорочно да го намалиме загадувањето на воздухот – рече Мартенс, додавајќи дека најголемите загадувачи во Скопје се автомобилите.
Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев истакна дека во Македонија има вкупно 80 електромобили, од кои 47 во Скопје.
– Македонија има само еден избор, да ги следи трендовите. Неопходно е да се направат мерки за да се стимулираат граѓаните да купуваат електрични возила, но и да се развива мрежа за полнење на електричните возила. Не ни се потребни популистички мерки и да се дозволува увоз на какво било возило за да може да се плати, бидејќи тоа влијае на здравјето – рече Анѓушев.

Нагласи дека на загадувањето на Скопје и на Тетово најмногу влијае греењето, по што следува сообраќајот, а на трето место е индустријата. Владата, како што кажа, има предвидено мерки во Транспортната стратегија за стимулирање на електромобилноста.
– На среднорочен план се предвидени 10 милиони евра поддршка за сите граѓани што ќе сакаат да ги променат старите возила што не ги исполнуваат еколошките стандарди со електричен автомобил. Предвидени се еден милион евра за спроведување на транспортните стандарди во врска со одржливоста на животната средина и климатските промени во согласност со практиката на земјите од ЕУ, а за промоција на електричните возила и подобрување на регионалниот јавен транспорт се предвидени 100.000 евра. Исто така се предвидени пет милиони евра за финансиска поддршка за набавка на хибридни и електрични возила во патниот јавен транспорт. Вкупно во следните неколку години се предвидени 16 милиони евра од државниот буџет за електромобилност – појасни Анѓушев.
Заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули вели дека најголем удел во зголемувањето имаат дизел-возилата, кои достигнале до 54 отсто, и укажа дека треба да се промени возниот парк, особено кај тешките товарни возила.
– Потребна е и промена на навиките, бидејќи без тоа нема да дојдеме до конечно решение. Секако, потребно е воведување еколошки такси за возилата, но средствата што ќе се добијат од таксите да се користат за стимулирање набавка на еколошки возила, а не за покривање плати или за друга намена во буџетот – потенцира Макрадули.

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов истакна дека е неопходна сериозна работа во поставувањето на основната инфраструктура за полнење на електричните возила и додаде дека во моментов градот располага со пет полначи за електромобили поставени на јавни површини, а до крајот на годинава се планира нивниот број да се зголеми за 30.
Директорот на ЕВН-Македонија, Штефан Петер, рече дека во светот има два милиони електрични возила, а до 2030 година се предвидува нивниот број да изнесува 100 милиони.
– Македонија е добра за користење електрични возила поради малата оддалеченост меѓу дестинациите од максимални 200 километри. Покрај тоа, во земјава просечно се поминуваат по околу 20 километри дневно, или 100 километри неделно, што значи дека електричното возило може да ги издржи без да се надополни со електрична енергија – рече Петер.