Електроенeргетскиот сектор е стабилен

389

Васко Ковачевски, генерален директор на АД ЕСМ

Производството на електрична енергија оди според планот, па дури и над тој план, што е можно со добра организација на процесот, со навремено направени ремонти на производствените капацитети и со нивна оптимизација. Нема загуби, нема пропусти. Се произведуваат и се продаваат вишоци електрична енергија и се остваруваат добивки, се намалуваат трошоците, се воведува ред

Генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски на сегашната позиција е само неколку месеци, но тој претходно беше директор на РЕК „Битола“ и затоа, како што вели, не се чувствува како нов во работата, добро е запознаен со состојбите во компанијата и точно знае што се случува(ло) во неа, што треба да се промени, а што не треба повеќе да се случува. Токму затоа „Нова Македонија“ разговараше со него за состојбите во компанијата и за нејзините планови, како и за електроенергетскиот сектор во земјава генерално.

Во каква состојба е електроенергетскиот сектор во државата?
– Состојбата на електроенeргетскиот сектор во државата е стабилна. Слободно можеме да заклучиме дека АД ЕСМ е столбот на државата во однос на снабдувањето со електрична енергија, земајќи предвид дека сме најголем производствен капацитет. Но несомнено е дека снабдувањето со електрична енергија е сигурно и стабилно, благодарение на сите чинители во електроенергетскиот сектор. Производството на електрична енергија е во согласност со нашите планови, во одредени сегменти се надминува и планираното, но ние не застануваме тука продолжуваме со реализација на низа активности во правец на ревитализација и модернизација на постојните капацитети од една страна, но секако и со инвестирање во нови производствени капацитети, давајќи им примат на обновливите извори на енергија. Што се однесува на пошироко, државно ниво, сведоци сме дека и другите надлежни институции во секторот енергетика активно работат во спроведувањето на енергетските реформи, се реализираат тендерски постапки за изградба на фотонапонски електроцентрали од страна на приватни инвеститори од кои државата, неочекувано за сите, оствари голем профит.

АД ЕСМ покрај производството на електрична енергија од јаглен посебно внимание му посветува и на производството на струја од обновливи извори. Каква е состојбата со обновливите извори на електрична енергија во државата?
– Развојните планови на нашата компанија се насочени кон развивање и имплементирање практики за промоција на одржливиот развој и заштитата на животната средина, односно изградбата на нови објекти, но и ревитализација и модернизација на постојните капацитети. Еве, конкретно, минатата недела избравме фирма што ќе ја гради фотоволтаичната електроцентрала во Осломеј. Турската фирма „Гиришим електрик“ победи на тендерот и очекуваме наесен следната година да потечат првите киловати електрична енергија од сонце. Тоа е големо достигнување за нашата компанија како државен производител на електрична енергија. Исто така е потпишан и договор за заем со државна гаранција со КфВ банка за изградба на втората фаза од проектот ветерен парк „Богданци“, со што се заокружува реализацијата на проектот „Парк на ветерни електрани Богданци“. Но не застануваме тука, во план е изградбата на ветерен парк Миравци, потоа почнувањето на проектот за уште една фотонапонска електроцентрала во Осломеј, проектите за фотонапонски електроцентрали во Битола се дел од нашите тековни и планирани за во иднина инвестиции во обновливи извори. Тука, секако, е и големиот проект за изградба на ХЕ „Чебрен“, бидејќи хидроцентралите исто така спаѓаат во таа категорија, односно користат вода за производството на електрична енергија. Споменав дека и преку Министерството за економија се спроведува тендер за изградба на приватни фотонапонски централи на државно земјиште, потоа се градат уште мали хидроцентрали… Така што има голем подем на обновливите извори кај нас и така и треба да биде, бидејќи тоа е во согласност со стратегијата на државата и во согласност со светските трендови во однос на енергетската транзиција.

Неодамна, при посетата на РЕК „Битола“ изјавивте дека електроенергетскиот систем е во центарот на вниманието на Владата. Дали и натаму го делите таквото мислење?
– И тогаш, а и сега ја потврдувам изјавата дека сигурноста на електроенергетскиот сектор е еден од приоритетите на оваа влада. Видете само како се изразува за нас и Секретаријатот на Енергетската заедница. ,,Северна Македонија е шампион во спроведување на реформите во областа на енергетиката“, стои во нивниот извештај. До таква оцена немаше да се дојде ако реформите во енергетиката не беа приоритет на оваа влада и ако надлежните институции и чинители во енергетскиот сектор не беа силно посветени на енергетските прашања, без оглед дали станува збор за производството на електрична енергија, гасоводите и гасификацијата, за транспонирање на европското законодавство во националното законодавство… И јас лично и претходно како директор на РЕК „Битола“ и сега како генерален директор на АД ЕСМ можам да сведочам за поддршката и помошта што ги добиваат од Владата енергетските субјекти, на што ние секако возвраќаме, пред сѐ, со стабилно производство и со намалена и стабилна производствена цена на електричната енергија.

Премиерот Зоран Заев неодамна на интервју на јавниот сервис изјави дека АД ЕСМ е исклучително профитабилна компанија, која во моментот на сметката има 80 милиони евра. На што се должат толку добрите финансиски резултати?
– Финансиските резултати на нашата компанија се многу добри. Како што реков, производството на електрична енергија оди според планот, па дури и над тој план, што е можно со добра организација на процесот, со навремено направени ремонти на производствените капацитети и со нивна оптимизација. Нема загуби, нема пропусти. Се произведуваат и се продаваат вишоци електрична енергија и се остваруваат добивки, се намалуваат трошоците, се воведува ред.

Деновиве на една прес-конференција изјавивте дека годинава РЕК „Битола“ конечно ќе ја добие интегрираната еколошка А-дозвола. Што ќе претставува тоа за комбинатот?
– Морам да истакнам дека станува збор за дозвола за усогласување со оперативниот план за ИСКЗ А-дозвола. Тоа е документ што содржи редица проекти, мерки, активности за заштита на животната средина, кои треба да се преземат и реализираат во определен временски рок по што Министерството за животна средина ја издава интегрираната еколошка А-дозвола. Сите детали во однос на документот се утврдени во согласност со домашните и со европските прописи. Останува МЖСПП да го објави документот на својот интернет-портал, да се одржи јавната расправа и РЕК „Битола“ конечно да ја добие дозволата за усогласување со оперативниот план за ИСКЗ А-дозвола. Морам да потсетам дека процедурата за воведување еколошки стандарди во производството на РЕК „Битола“ била започната во 2007 година, но во изминатите 12 години никој не сакал сериозно да се зафати со заштитата на животната средина.

Неодамна најавивте дека во тек е постапка зa објавување тендер за смена на електростатските филтри во РЕК „Битола“. До каде е работата на тој план?
– Документацијата за објавување на јавната набавка за избор на изведувач за реконструкција на електростатските филтри на РЕК „Битола“ е во завршна фаза. Во изминатиот период сите показатели потврдија дека се потребни соодветни измени во постојната документација со намера тендерот да биде успешен, односно да се добијат доволно понуди. Многу е важно што следната 2020 година започнува решавањето на еден од најголемите еколошки проблем за РЕК „Битола“ и за жителите на населените места во неговата околина. Планот за почнување со реконструктивните зафати на електростатските филтри на РЕК „Битола“ останува непроменет – во 2020 година ќе биде реконструиран електростатскиот филтер на блокот 3, во 2021 години електростатскиот филтер на блокот 1, а во 2022 година ќе се реконструирана електростатскиот филтер на блокот 2. Морам да потсетам дека ова раководство на АД ЕСМ е првото што покажа волја и решителност да се справи со еколошките предизвици во својот најголем производствен капацитет, така што ја уверувам јавноста дека во 2020 година ќе започне првата реконструкција на електростатските филтри во РЕК „Битола“ откако тој започна со работа.

Кои се вашите планови за идни активности на АД ЕСМ?
– Мојата прва и најважна определба е да се одржи стабилно производството на електрична енергија во државата. Следно на што сум посветен е да се поврземе со енергетските компании од регионот, да соработуваме повеќе, да се договараме повеќе, бидејќи енергетиката е таа што во следниот период ќе биде во фокусот на инфраструктурните вложувања и поврзувања во овој регион.


Мапирани се подрачјата во кои ќе се субвенционира набавка на инвертери

– Во оваа фаза се одвива правната процедура за насочување на средствата во државниот буџет и тие средства да преминат во зелен фонд, а потоа да се реалоцираат кон општините и градовите за кои е наменета оваа еколошка мерка. Наскоро ќе почнеме со промотивната кампања и граѓаните ќе знаат како ќе се одвива постапката. Мапирањето на подрачјата во кои ќе бидат доделени субвенции е направено. Граѓаните преку медиумите ќе бидат информирани како да се пријават и што ќе биде потребно за апликација. АД ЕСМ издвои десет милиони евра од акумулираната добивка, процедурата е завршена со одлуки на Управниот и на Надзорниот одбор на компанијата, а подготвена е и кампања за реализацијана акцијата – информираше Ковачевски.