ЕК: Македонската економија е на вистински пат

1022
Фото: Дарко Андоновски

Министерот Тевдовски ја потврди проекцијата на Владата за економски раст од 3,2 отсто. Тоа е во согласност со ревидираната проекција на Европската комисија и на Народната банка

Извештајот на Европската комисија покажува дека Македонија бележи најголем напредок во исполнувањето на насоките на ЕУ во Програмата за економски реформи во споредба со земјите од регионот. Како што соопштија од Министерството за финансии, во годинашниот извештај е наведено дека земјата сериозно ја подобрила својата оцена во споредба со минатата година што јасно укажува на напредок во имплементацијата на препораките.

Напредокот бил истакнат на вчерашниот дијалог меѓу ЕУ, Западен Балкан и Турција на кој присуствувале министерот за финансии Драган Тевдовски и гувернерката на НБРМ, Анита Ангеловска-Бежоска. Ваквиот дијалог, како што истакна Тевдовски, нè подготвува за идно учество во координацијата на економската политика на ЕУ.
– За да напредува економијата, потребни се повеќе реформи, меѓу кои и водење здрава фискална политика. Досега се преземени голем број активности и мерки. Програмата за реформа на управувањето со јавните финансии 2018-2021 е усвоена во декември 2017 година. Со реализацијата се зајакнува системот на јавни финансии, се унапредуваат транспарентноста, одговорноста, фискалната дисциплина и ефикасноста во управувањето со јавните ресурси – посочуваат од Министерството за финансии.
Новиот закон за буџети, додаваат, се очекува да биде усвоен до крајот на годинава и ќе ги опфати сите реформи во насока на зајакнување на фискалната рамка.
Министерот Тевдовски ја потврди проекцијата на Владата за економски раст од 3,2 отсто. Тоа е во согласност со ревидираната проекција на Европската комисија и на Народната банка.

– Првпат по десет години Владата и Министерството за финансии навремено ја усвоија фискалната стратегија. Стратегијата ги вклучува и препораките на ММФ и Европската Унија – порача Тевдовски.